1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонскиот сон за независност

Ш.Шаф/ С.Недевски15 септември 2014

Таканаречените кастељи-висoки кули направени од храбри луѓе- се составен дел од каталонската култура. Спроти референдумот за осамостојување од Шпанија кастељите се користат како симбол за независноста на Каталонија.

https://p.dw.com/p/1DBVb
Фотографија: DW

На лето во многу села и градови во автономната шпанска покраина Каталонија се одржуваат прослави во чест на светците заштитници. Т.н. кастељи, се симбол на каталонската култура и нeјзин составен дел: станува збор за висoки кули направени од храбри луѓе. Најмалите меѓу нив се на самиот врв. Со оглед Каталонија не сака да има врска со Шпанија и сака да се осамостои, овие прослави често се користат како протести за независност на Каталонија, особено во руралните средини. Критичарите ги обвинуваат сепаратистите за неприфатливо узурпирање на кутурните симболи како што се кастељите. На ист начин се политизираат и иконите, знамињата и плакатите.

Каталонец во елемент. Чави Торабадеља, со дете на рамења, со својата поворка оди кон плоштадот кај Градското собрание на Берга. Од она што го наумиле могумина ќе ги фати вртоглавица. Триесетишестгодишниот Чави собира храброст: тука сакаат да направат висока кула од луѓе. Последен поглед во нацртите и Чави потоа помага при завиткување на цврсто стегнатите појаси околу половината, кои треба да дадат потпора. Чави пред две години во Берга го основа овој клуб:

„Убаво е што сите имаме заедничка цел. Ги чувствуваме телата на другите, емоциите, еуфоријата.“

Barcelona Demos pro und kontra Unabhängigkeit 11.09.2014
Фотографија: David Ramos/Getty Images

Така го бараат и чувството на заедништво, па густо збиени прават човечка платформа. Меѓу нив е и Чави. Едни внимателно се качуваат еден на еден, додека оние долу се грижат за стабилност.

Еден кастељ, како што на каталонски се вика кулата, без проблем достигна висина од над 8 метри.

На самиот врв се качуваат оние најмалите - изгледа без никаков страв.

Кастељите претставуваат стар каталонски обичај и се’ повеќе стануваат симбол на движењето за независност на Каталонија. Заедно можеме да го направиме невозможното - тоа е нивното мото.

Гратчето Берга, во близина на Пиринеите е бастион на движењето за независност, што го докажуваат многубројните каталонски знамиња.

Чави ни објасни дека отсекогаш се чувствувал како Каталонец, а не како Шпанец. Во Берга тоа се учи од најмали нозе. Чави е вработен во каталонската покраинска влада и најголем дел од неговите колеги мислат исто како него. Каталонија и Шпанија живеат како врзани во иста лудачка кошула, што е наследство од омразената Франкова диктатура, сметаат тие и сакаат безусловна независност, особено во економијата. „Да бевме независни, самите би располагале со нашите даночни приходи и би решавале како да ги распределиме. Така би можеле за неколку години да ја надминеме кризата.“, истакнува Чави.

Patum-Fest in Berga, Katalonien, Spanien
Народна прослава во БергаФотографија: firesifestes/joan guasch

Гратчето Берга го поддржува референдумот за независност, кој каталонската влада го планира за 9. ноември, иако официјален Мадрид го прогласи за нелегален. Часовникот на Градското собрание ги одбројува деновите и часовите до референдумот. Во салата на Градското собрание не прими градоначалникот Луи Џендрау. Тука пред 2 години кралот е прогласен за персона нон грата, непожелна личност.

Градоначалникот негира дека независноста би можела на Каталонија да и’ предизвика економски болки. „Каталонија и’ дава на владата во Мадрид многу, а добива малку. Оваа нерамнотежа ја кочи нашата економија и ја спречува да расте. Тоа не е лошо само за нас, туку и за Шпанија и за Европа.“, вели Џендрау.

Протести има речиси секој викенд. Тука во Берга илјадници луѓе со прстите го формираат знакот за победа - латинското V. Тие се собираат кај еден бор кој со своите три стебла е симбол за регионите околу Барселона, Валенсија и Балеарските острови со Мајорка. Овдешното население е уверено дека тоа е јадрото на Каталонија.

Чави и неговата кастељ-група, се разбира, исто така настапуваат во сенката на светото дрво.

Сите овие луѓе го поддржуваат планираниот референдум. Зошто да не - ако е веќе можно во Шкотска, ни велат многумина: „Сити сме од лошиот третман од страна на шпанските власти. Сакаме да бидеме нормална земја.“ , „Моја земја отсекогаш е Каталонија. Шпанија не анектирала од историски причини, само затоа сме заедно.“

Spanien Katalonien Menschenkette Unabhängigkeit
Фотографија: Reuters

Сонот за независност кај многу Каталонци оди до небо. Критичари не е лесно да се најдат. Партидо Популар, владеачката партија во Шпанија, има канцеларија во Берга, но без натпис со партиското име.

Внатре го сретнавме Жуан Антони Лопез, единствен градски советник кој јавно се противи на независноста на Каталонија. Поради тоа досега е два пати нападнат на улица. Тој нагласува дека ситуацијата е особено напрегната во помалите градови и оти притисокот врз неистомислениците се’ повеќе расте. „Ако во некоја улица има многу плакати за независност, а јас немам ниту една, многумина ќе веруваат дека сум против. Затоа многу луѓе поставуваат знамиња и налепници само за да немаат проблеми. Со таква атмосфера се среќаваме секојдневно.“ вели Лопез Ногера

Прашањето за независност ги подели луѓето. Во групата на Чави, која гради кастељи, децата учат акробации од најмали нозе и низ игра се запознаваат со својата каталонска култура. А таа е се’ попопуларна: бројот на градители на кули последните години се удвои, раскажува Чави: „Кулите потекнуваат од овде, тие се светско културно наследство на УНЕСКО и олицетворение на нашиот каталонски идентитет.“

Со вежбање до совршенство - ова важи како за градењето кули, така и за политиката - и така каталонските кастељи стануваат симбол за далекусежните сништа на целата покраина. Чувството на заедништво цврсто ги обединува. Во Берга и во други места цврсто веруваат дека можат да го постигнат невозможното - па и независноста.