Каталонската криза стигна во Брисел
4 ноември 2017На животот како слободен човек на сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон наскоро може да му дојде крајот. Шпанското правосудство синоќа издаде европски налог за апсење на Пуџдемон, кој се наоѓа во Брисел, и за четири члена од неговата сменета влада, кои одбија да дојдат на сослушување во Мадрид.
Истражниот судија издаде 5 посебни европски налози за апсење за сменетите каталонски официјални лица поради „бунт, злоупотреба на јавни средства и непослушност кон надлежните органи“. Шпанскиот суд вчера одреди притвор за 8 други сменети членови на каталонската влада.
Судијата во својот налог го отфрли барањето на адвокатот на Пуџдемон и на сменетите членови да бидат сослушани во Белгија, образложувајќи дека не се исполнети условите утврдени со закон.
Европскиот налог за апсење веднаш е предаден на белгиското сојузно обвинителство, наведе судот и додаде дека судијата им издал и меѓународен и национален налог за апсење на шпанската полиција и на меѓународната криминалистична полиција- Интерпол.
Белгиското обвинителство го потврди приемот на сите 5 потерници и додаде оти ќе бидат разгледани и потоа ќе бидат предадени на истражен судија.
Мерките на шпанското правосудство следеа откако каталонските власти прогласија независност на оваа област од Шпанија. Централните власти во Мадрд потоа воведоа директна принудна управа и ја укинаа автономијата на областа. Го променија раководството и распишаа избори за 21 декември.
Сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон пак претходно изјави дека нема да бега од правдата и оти сака да учествува на каталонските избори на 21 декември. „Ќе одам пред суд, пред вистински суд. Им реков на моите адвокати да им пренесат на белгиските судски власти дека сум целосно подготвен да соработувам“, рече тој во ексклузивно интервју за белгискиот јавен сервис РТБФ.
Пуџдемон во интервјуто изјави дека шпанското судство е „очигледно политизирано“ и изрази желба да учествува на предвремените избори закажани за 21 декември.
„Подготвен сум да бидам кандидат на тие избори“, најави тој и додаде дека може да води кампања каде и да се наоѓа бидејќи како што истакна „се наоѓаме во глобализиран свет“.
Пуџдемон сака овие избори да поминат во „најдобри можни услови“ , но нагласи дека тие избори нема да бидат „неутрални, независни и нормални со влада во затвор“.