1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карлос Слим и светската ИТ- елита во Охрид

СН/ЕМФ/миа/макфакс2 април 2012

Денеска (02.04) во Охрид ќе се одржи состанокот на меѓународната Комисија за широкопојасен интернет и дигитален развој со која ќе претседава мексиканскиот бизнисмен Карлос Слим.

https://p.dw.com/p/14WEh
Фотографија: MIA

Петтиот состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој формирана од Меѓународната телекомоникациска заедница и УНЕСКО, со свое обраќање ќе го отвори македонскиот премиер Никола Груевски. Со состанокот во Охрид ќе копретседава телекомуникацискиот гигант Карлос Слим, кој според магазинот „Форбс“ е најбогатиот човек во светот.

На работната средба, што за првпат надвор од вообичаената практика на Комисијата да заседава во канцелариите на ОН во Женева, Париз или Њујорк, се одржува во Охрид, покрај Слим уште ќе присуствуваат нејзиниот копретседавач - претседателот на Руанда Пол Кагаме, како и комисиските членови, меѓу кои и извршните директори на најголемите светски компании кои се двигатели на информатичкото општество, како „Интел“ „Ериксон“, „Телефоника“, „Циско“, „Алкател лусент“, „Хуавеј“ и многу други.

Инаку, Карлос Слим престојува во Македонија од петокот (30.03) и во изминатите денови во Скопје и во Охрид оствари средби со највиокиот државен врв на Македонија, на кои му беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија.

Тој имаше средба во Скопје со премиерот Груевски како и работен состанок со економскиот тим на владата, додека синоќа во Охрид се сретна со претседателот Ѓорге Иванов.

Двајцата соговорници, како што информира Кабинетот на претседателот Иванов, размениле мислења и за условите и поволностите за инвестирање во Македонија и сите реформски зафати кои шест години по ред ја поставуваат земјата високо меѓу најдобрите инвестициски дестинации, рангирани во извештајот на Светска банка.

Иванов претходно се сретна и со копретседавачот на петтиот состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој, претседателот на Руанда, Пол Кагаме.