1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капетанот Јункер го напушта бродот

Бернд Ригерт
29 ноември 2019

Урсула фон дер Лајен застанува на чело на Европската комисија на 1 декември, а Жан-Клод Јункер заминува. Какво наследство тој ѝ остави на Европската унија?

https://p.dw.com/p/3Tvsm
EU Gipfel in Brüssel Jean-Claude Juncker bei der Ankunft
Фотографија: Reuters/G. Van Der Hasselt

„Не заминувам ни тажен, а ниту премногу среќен, но со чувство дека дадов сѐ од себе“, рече Жан-Клод Јункер во својот последен говор во Европскиот парламент. Во својот петгодишен мандат преживеа, како што рече, „и убави и мрачни денови“. Над 20 години беше на политичката сцена, секогаш на чело. Прво како министер за финансии и премиер на својата татковина Луксембург, потоа како претседател на еврозоната и на крајот како шеф на Европската комисија. Сега, со 65 години и константни здравствени проблеми, Јункер сака да се одмори, пишува книга и da го чита малку повеќе Рилке.

Миграцииите како предизвик

Јункер како претседател на Европската комисија мораше да се носи со многу кризи: требаше да ја спаси Грција од банкрот и да одржи стабилност во еврозоната. Требаше да ги сузбие последиците од светската финансиска криза: слабиот економски раст и големата стапка на невработеност. ЕУ многу ја оптовари приливот мигранти од т.н. Балканска рута и од Средоземјето во ЕУ. На Јункер, заедно со уште некои воени шефови на држави и влади, му појде од рака да постигне договор со Турција и со Либија и сериозно да го намали бројот на мигранти. Но, оваа криза на крајот на неговиот мандат сепак е далеку од решение. Државите членки на ЕУ до денес не можат да се усогласат околу предлогот на комисијата на Јункер за реформа на системот за азил и околу распределбата на барателите на азил во цела ЕУ. Жан-Клод Јункер секогаш од почеток бараше солидарност меѓу државите членки, како и солидарност со земјите на потекло на мигрантите во Африка.

Бакнежите на Јункер

Жан-Клод Јункер и кон своите пријатели и кон своите противници се однесуваше исто со својот енергичен шарм. Неговиот уникатен хумор понекогаш предизвикуваше чудење во Брисел. Понекогаш некој министер диво го „галеше“ по коса, некого пак го бакнуваше в чело, а унгарскиот премиер Орбан на повеќе состаноци го поздравуваше смеејќи се со: „Здраво диктаторе!“. Со унгарскиот премиер, чија партија, исто така, припаѓа на неговото семејство на демохристијански партии, често беше во спор и со спротивно мислење. Европската комисија е убедена дека Орбан ги поткопува уставните темели на својата земја. Орбан за време на својата изборна кампања наложи да се изработатплакати со ликот на Јункер и со натписи против ЕУ и да се залепат низ целата земја. На крајот Јункер изјави: „Од Орбан кренав раце“. 

Frankreich Jean-Claude Juncker im EU-Parlament
Како претседател на Европската комисија мораше да се носи со многу кризи: Жан-Клод ЈункерФотографија: AFP/F. Florin

Ступиден национализам

Моќта на Орбан во Унгарија за Јункер е само израз на една поголема криза, која се заостри за време на неговиот мандат. Имено, напредувањето на националистичките и деснопопулистичките сили во многу европски држави: од Франција, Данска, Белгија и Полска, преку Германија до Австрија и Италија. Јункер во еден момент залелека дека Европа мора да се сочува од овој „ступиден национализам“. „Ја сакам Европа“, рече со длабоко убедување Жан-Клод Јункер. Син на работник во челичарница, кој во Втората светска војна бил приморан да служи во германскиот Вермахт, за Жан-Клод Јункер Европа првенствено е мировен проект.

„Погледнете ги само нашите соседи, за да разберете колку е опасна меѓународната ситуација и колку со самото тоа е разнишана и ситуацијата во Европска Унија.“ 

Го убеди Трамп

Жан-Клод Јункер за време на сите нови трговски конфликти успеа да го убеди Трамп во Вашингтон да не воведе казнени царини за европските автомобили, барем привремено. „Трамп во Белата куќа рече дека разговарал со сите претседатели и шефови на влади од Европа. Тогаш јас можев да му кажам оти само ЕУ е одговорна за трговија. Вие би морале со мене да разговарате“, изјави Јункер по жестокиот разговор со Трамп. Му подарил фотографија од американските гробишта во Луксембург. Тоа на Трамп му оставило силен впечаток, смета Јункер.

Поразот наречен Брегзит

Но, тактиката на прегратки и бакнежи на Јункер има и граници. „Најџел Фараж никогаш не сум го бакнал“, изјави Јункер по една жолчна расправа за Брегзит, излезот на Велика Британија од ЕУ. Фараж себеси се гледа како портпарол на првоборците за Брегзит и Јункер често го напаѓаше. „Што правите вие уште овде“, му рече Јункер на Британецот кога се појави во Европскиот парламент, откако победи на референдумот за Брегзит. Кога ги доближија главите еден до друг беше направена фотографијата на која личеше дека ќе се бакнат во образ. „Само го опцув, тивко на уво“, изјави Јункер потоа. Брегзит, чиј рок сега е поместен за 31 јануари 2020 година, шефот на Европската комисија го гледа како свој најголем пораз. Денес тој смета оти требало да се вклучи во кампањата пред одржување на референдумот. Но, тогашниот британски премиер Џејмс Камерон го советуваше да не го прави тоа, „што беше голема грешка“.

Brüssel EU | Ursula von der Leyen & Jean-Claude Juncker, EU-Kommissionspräsident
Јункер нема „никакви совети“ за Фон Дер Лајен, особено „не такви кои би ги кажал јавно“Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Последна шанса?

Во својот последен „говор за состојбата на Унијата“, среде длабоката криза околу Грција и една закочена ЕУ, тој својата Еврокомисија ја означи како „Комисија на последна шанса“. Дали ја искористи оваа шанса? Во економска смисла тој имаше среќна рака. Неговата инвестициска програма тешка 300 милијарди евра функционираше. Отворени се нови работни места. Но, скромен е билансот на суштински реформи кон кои стреми ЕУ и францускиот претседател Макрон. Имаше некои козметички операции, но структурните проблеми останаа, Оваа есен пропадна и обидот на Еврокомисијата во заминување, барем да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија. „Во мојот мандат нема да има нови зачленувања“,  истакна Јункер по стапувањето на должноста во 2014 година, како закана или како ветување, зависно од тоа од кој агол се гледа. И тој го одржа тоа.

На својата наследничка Урсула фон дер Лајен, се разбира, ѝ посака сѐ најдобро и многу среќа. „Немам никакви совети, особено не такви кои би ги кажал јавно. Бидејќи, сѐ што сега би рекол е многу повеќе удар отколку совет“, изјави Јункер низ насмевка на последниот самит на ЕУ, 148-ми во неговата кариера.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија