1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камерон: Ќе ми се раскине срцето ако Шкотланѓаните гласаат ЗА

Александар Методијев/ројтерс/ап10 септември 2014

Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска го посети шкотскиот главен град Единбург. Тој притоа изјави дека ќе биде тажен доколку Шкотланѓаните на референдумот за независност одлучат да го поделат семејството на нации.

https://p.dw.com/p/1D9vt
Дејвид Камерон, Ник Клег и Ед МилибандФотографија: Getty Images/D. Kitwood

Зборувајќи за поделба на семејството на нации Камерон мислеше на оние кои живеат во Обединетото Кралство. Британскиот премиер стави јасно на знаење дека доколку Шкотска се отцепи, Британија нема со неа да ја дели фунтата.

„Ми се кине срцето ако ова семејство на нации се распадне“, рече Камерон, додавајќи дека гласањето за независност отиде предалеку во однос на незадоволството од актуелната каонзервативна влада.

„Мислам дека луѓето можат да почувствуваат дека ова е како општи избори – дека можат да донесат одлука, а по пет години можат да донесат друга одлука, ако им е преку глава од Ториевците, и да им зададат удар, па потоа да мислат одново. Ова е сосема различно од општите избори. Ова не е одлука за следните пет години, туку ова е одлука за следниот век“, нагласи Камерон.

Посетата на Камерон на Шкотска се оценува како обид во последен момент да се стори нешто пред референдумот закажан за 18 септември, но и како знак на паника во редовите на британската владејачка елита за судбината на унијата стара 307 години.

Досега Камерон во големд дел беше отсутен од дебатата за шкотскиот референдум, бидејќи беше проценето дека тој не е најдобрата личност која би ги „победила“ Шкотланѓаните. Но, тој го направи денешниот чекор, затоа што би бил обвинет дека е одговорен за распадот на Обединетото Кралство, доколку биде изгласана шкотската независност. А, во мај 2015 година треба да се одржат парламентарни избори во Велика Британија.

Ed Miliband und David Cameron
Ед Милибанд и Дејвид КамеронФотографија: Getty Images/M. Dunham

Во поголемите шкотски градови денеска зборуваа и Едвард „Ед“ Милибанд, лидерот на Лабуристичката партија – главната опозициска партија, и Ник Клег, лидер на Либералнодемократската партија. Сите тројца се родени Англичани. Тие беа опкружени со постери на кои беше испишано „НЕ“.

Премиерот на Шкотска Алекс Салмонд изјави дека посетите се знак на паника, која само им помага на онике кои со „ДА“ сакаат да изгласаат независност на Шкотска. Тој го нарече Камерон најнепопуларен конзервативен лидер меѓу Шкотланѓаните, а Милибанд како лабуристички лидер со најмала доверба.

Непопуларноста на козервативците на Камерон е предизвикана од буџетските кратења, што многумина во Шкотска го гледаат како една од причините за ставање крај на сојузот со Англија.

Камерон нареди до гласањето на референдумот шкотското сино-бело знаме да се вее пред неговата канцеларија на „Даунинг стрит“ број 10, со цел да се покаже поддршка за местото на Шкотска во Обединетото Кралство.