Камерон сака да ги контролира социјалните медиуми
15 август 2011„Доколку луѓето користат социјални медиуми за да иницираат насилство, мора да ги сопреме“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон по нередите што ја зафатија неговата земја. Камерон сега планира да го отвори тоа прашање со операторите на социјалните мрежи за да ја испита можноста, да се блокираат оние кои ги користат мрежите за да иницираат насилство. Премиерот дури планира да ги користи полицијата и безбедносните служби за да ги гони потенцијалните „онлајн“ насилници.
Набрзо по неговите коментари, еден 27-годишен маж беше обвинет за поттикнување на криминал преку Фејсбук. Единаесетгодишно девојче од друг британски град исто така беше посетено од полицијата, поради неправилната употреба на социјалните мрежи. И девојчето повикувало на протести преку Фејсбук.
Но, критичарите велат дека таквите постапки на властите и на полицијата се закана за демократијата во земјата. Медиумскиот застапник Стив Кунчевич вели дека намалување на корисничките права ќе биде „најголемото владино мешање во социјалните мрежи во последните 15 години.“Тој стравува дека таквиот потег ќе води кон „ерозија на слободата на говорот.“
Идејата не им успеа ниту на Египет и Либија
Рик Фергусон од производителот на софтвер „Тренд Микро“ вели дека е речиси невозможно да се блокира пристапот до страниците на социјалните мрежи.
„Видовме дека дури и во земји како Египет, Либија и Иран, диктатури во споредба со Велика Британија, режимите неуспешно се обидуваа да го блокираат пристапот до интернет. Луѓето секогаш можат да најдат некоја дупка“, вели Фергусон.
Интернет-корисниците се исто толку ужаснати, колку и експертите. Пред неполни 6 месеци, Камерон самиот бараше слободно изразување преку интернет во светло на револуциите во арапскиот свет.
Коментарите на Камерон предизвикаа реакции и во Германија. Познатиот блогер, Томас Книвер вели дека „оние кои сакаат да ги филтрираат или блокираат интернет страници, утре може да посакаат да палат книги, да отвораат писма и да прислушкуваат телефонски разговори.“
Автор: Фридел Таубе/Борис Георгиевски
Редактор: Трајче Тосев