1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроли на протокот на капитал

Керстен Книп / Е.М. Фиданоска29 јуни 2015

Кога се зборува за Грција, се‘ почесто се споменува опцијата за контрола на протокот на капитал. Кипар со тоа има добри искуства. Можат ли вакви контроли да и‘ помогнат и на Грција за излез од кризата?

https://p.dw.com/p/1Fog8
Фотографија: picture alliance/chromorange

Само што грчкиот премиер Алексис Ципрас во петокот, во еден часот изутрината, на своите сонародници им соопшти дека сака да организира референдум за понудениот договор од кредиторите, пред автоматите за пари веќе се создадоа првите редици - среде ноќ. Во сабота наутро редиците стануваа се‘ подолги. Вчеравечер премиерот соопшти дека банките денеска ќе останат затворени, но увери дека заштедите на граѓаните се сигурни и повика на мир.

Грците повеќе сакаат за секој случај да си ги имаат парите дома, отколку в банка. Зашто, ако дојде до „грекзит“, значи излегување на земјата од еврозоната, Грција ќе добие нова валута. Еврата, кои во таков случај се‘ уште се во банка, ќе бидат разменувани во новата валута по многу неповолен курс за сопственикот. Наспроти тоа, парите кои се „под перница“ или се депонирани во странски банки може да се разменат по многу поповолни стапки.

Помош од Европската централна банка

Постојаниот одлив на парите значително ги оптоварува банките. Европската централна банка им помага да останат ликвидни. Преку таканарачената „Emergency Liquidity Assistance“ (ЕЛА), таа на националните банки им дава помош да останат ликвидни во замена за гаранции, како на пример гарантирани хартии од вредност со цврсти каматни стапки или државни обрзници. Тие ЕЛА-кредити всушност би требало да бидат ставени на располагање само за одреден период и за ограничени суми, но Советот на ЕЦБ постојано ја зголемуваше горната граница на ЕЛА-помошта за Грција - на крајот на речиси 89 милијарди евра.

За овој износ да не мора уште да се зголемува, а грчките банки да можат и покрај тоа да останат ликвидни, сега во игра се таканаречените контроли на протокот на капитал. Со нив се ограничуваат паричните износи кои клиентите - во овој случај грчките - смеат да ги подигнат од банка или да ги префрлат преку сметка.

Слободниот проток на капитал во основа е една од четирите основни слободи на ЕУ. Тој смее да се ограничи само „при сериозни тешкотии во економската и монетарната политика“, како што стои во Законот за единствениот внатрешен пазар на ЕУ. И во таков случај органичувањето смее да важи само определено време, барем теоретски. Временското ограничување треба не само за најкратко можно време да ги ограничи слободите на граѓаните, туку треба и да гарантира дека претпријатијата најбрзо што е можно повторно ќе доаѓаат до неопходниот капитал.

Griechenland EZB Bank
Фотографија: picture alliance/AP Photo/T. Stavrakis

Искуствата во Кипар

Практично работите изгледаат поинаку. Кипар има најсвежи искуства со контроли на протокот на капитал. И таму на почетокот постоеше закана за банкрот на банките. Потоа беше донесена одлука од автоматите за пари да може да се подигаат најмногу 300 евра дневно по лице. Ако Кипранците патуваа во странство, не смееја да понесат повеќе од 1000 евра по лице. Поддршката на децата кои студираат во странство беше ограничена до 5000 евра квартално. Плаќањето со кредитни и дебитни картички беше исто така ограничено на 5000 евра. За префрлање пари во странство преку сметка во износ поголем од 5000 евра беа неопходни посебни дозволи. Претпријатијата мораа да го документираат секое поединечно префрлање пари.

Контролите потоа беа постепено укинувани во еден подолг временски период. Конечно престанаа дури во април годинава.

Освен директна, има и индиректни форми на контрола на проток на капитал. На пример, може да се оданочува префрлањето пари преку сметка.

Сега и Грција воведува контроли на протокот на капитал. Но, за разлика од Кипар, чие стопанство по крахот од 2008 година речиси се опорави, во Грција дискусијата за задржување на еврото ќе потрае подолго. Зашто, се‘ додека земјата зависи од кредити или трансфери, еврото е привремена валута. По бурата претстои нова бура.