Како сакаме да живееме?
14 јуни 2013Како всушност сакаме да живееме? Сериозно - како да се продолжи натаму со економски систем во кој малку нешто е насочено кон праведност, но затоа се‘ е ориентирано кон пораст, со планета која, според многумина, веќе не може да издржи необмислен пораст. И конечно медиумите и нивната улога - Европа мора да дознае некако за оние што страдаат поради сегашниот поредок во светот, како оние во, да речеме, Бангладеш. Шивачките во Јужна Азија мора преку некого да дознаат што мисли остатокот на светот за нивните услови за работа.
Како сакаме всушност да живееме и да стопанисуваме? На ова прашање од 17 до 19 јуни одговори ќе бараат учесниците на Глобалниот медиумски форум (ГМФ) во Бон. „ГМФ во основа е платформа со која обединуваме луѓе со различни професии, луѓе кои инаку не комуницираат директно меѓу себе - од медиумите, стопанството, политиката и развојната соработка“, нагласува Ерик Бетерман, интендант на Дојче веле, медиум кој е организатор на ГМФ.
Програмата на ГМФ овозможува ваква размена на мислења. Треба да е што е можно поотворено, нагласува Бетерман: „Како организатори не сакавме се‘ да структурираме, туку имаме многу работни групи во кои учесниците имаат шанси да ги претстават своите идеи, своите ставови. Токму тоа е можеби особеното на ГМФ.“
Пораст: неопходен, зелен, по секоја цена?
Границите на економскиот пораст беа голема тема првпат во 1972 година. Тогаш здружението „Римски клуб“ објави студија на оваа тема која покрена голема дискусија. Речиси 40 години потоа, темата нема воопшто загубено на актуелност, а многумина се на мислење дека границата е достигната, ако не и пречекорена. „Дали за растечка благосостојба е неопходен пораст по секоја цена?“, прашува Бетерман во поздравниот збор во проспектот на ГМФ. Дали овој пораст треба да биде „зелен“, како што бара во својот поздравен говор градоначаникот на Бон? И колкава треба да биде цената на тој пораст, што ја плаќаме сите? Обиди да се одговори на овие прашања ќе може да се слушнат в среда (19.06.2013), меѓу другото и од директорот за еколошки и социјални стандарди на текстилната фирма Пума и коосновач на Алтернативната нобелова награда, Јаков фон Уекскил.
Сосема поинаков пристап кон темата имаат американските научници и руска новинарка на ГМФ, кои во вторник ќе расправаат дали фокусирањето на брутодомашниот производ и со тоа на економскиот пораст е се‘ уште исправно, или е можеби време за нови стандарди, како „брутонационална среќа“?
Експерт за пустини се среќава со кинески дисидент
Други учесници на ГМФ не го доведуваат порастот под знак прашалник: „Колку е поздрав и посилен човекот, толку повеќе тој може да придонесе за економски пораст“, е една од тезите за кои ќе се дискутира в понеделник (17.06). В понеделник ќе се дебатира и за порастот и снабдувањето со енергија. Ќе дискутираат католички свештеник од Нигерија и научник од Индија. Средба која покажува во каков дух сакаат да го одржуваат ГМФ организаторите во Бон. На форумот се среќаваат борец за човекови права од Чад со телемедицинар од Филипини, шеф на оддел за односи со јавност на трговски концерн со државен министер за култура, млада сенаторка од Кенија со познат американски лингвист, специјалист за пустини со кинески дисидент.
Ако се праша Ерик Бетерман, генералниот директор на ДВ, две групи учесници на ГМФ заслужуваат да бидат спомнати посебно. Од една страна се тоа претставниците на „ребродкастерите“, односно на речиси 5000 телевизиски и радио станици кои ги емитуваат програмите на ДВ. „За нас, како германски медиум за странство, ГМФ е важна средба на која размислуваме која е нашата директна задача и врз што извлекуваме нови идеи и се фокусираме на нови нешта“, вели Бетерман. Од друга страна, интендатот на ДВ особено се радува на годинешните добитници на наградите за најдобри блогови - Bobs-Awards.