1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како исламистите го користат интернет

22 август 2009

Исламистичката насилничка пропаганда на интернет се повеќе се концентрира на тн. Веб 2,0, односно на интерактивните платформи како видеопорталите Јутјуб или Фејсбук.

https://p.dw.com/p/JFtJ
Поттик на омраза преку интернетФотографија: picture-alliance / dpa

Експертот за ислaм, Јенс Кучер ја објаснува содржината на една видео порака, која претставува повик на Џихад:

„На видеото се гледа забулен муслиман или можеби терорист, кој пее песна за џихад според арапско-исламските мелодии, некој вид реге, но и рап. За време на песната течат слики на исламски терор и сцени од напади.“

Јенс Кучер од Универзитетот Ерланген овој видео филм на омраза го пронашол на светски познатата видеоплатформа Јутјуб, заедно со стотици други пропагандни филмови, кои повикуваат на борба против САД и целиот западен свет. Кучер тврди дека многу од видеата ја злоупотребуваат муслиманската религија.

„Се прават врски со поранешната исламска историја, се наведуваат примери во кои пророкот Мохамед во свое време преземал походи против немуслиманите. Се прават асоцијации со денешно време, дека повторно е можно да се земе оружје против немуслиманите.“

Под исламистичките филмови се наоѓаат коментарите на насилно расположените муслимани од цел свет. Така еден корисник на интернет фали едно терористичко видео:

„Фала му на Алах! Земете повеќе оган, само така, видеото е величенствено.“

Здружување во заедничка омраза

Symbolbild Islam und Internet
Фотографија: Fotomontage/AP Graphics/DW

Не само на видеопорталот Јутјуб, туку и на интернет страницата на Фејсбук се среќаваат многу исламисти. Фејсбук важи за најголемата светска социјална мрежа. Приватните личности овде можат да го дадат својот профил, да пишуваат мејлови и да се здружуваат во групи, дури и такви чија база е омразата.

Хамбуршкиот новинар Кристоф Гункел лани налетал на вакво виртуелно здружение:

„Пролетоска во Израел се случи самоубиствен атентат во Ерусалим. Во едно верско училиште радикален Палсетинец уби осум луѓе, тој се вика Абу Даим. Кратко потоа на Фејсбук се појави група, која убиецот го величаше како маченик. Се разбира, во овие групи има можност за размена и испраќање коментари, видеа и фотографии, тие се често со антисемистичка заднина.“

Според мислењето на експертите, самата интерактивност на Веб 2,0 порталот претставува опасност. Така на „Фејсбук“ неодамна се појави група која објави дека Израел не е вистинска држава.

„Групата која тврдеше дека Израел не е вистинска држава ,имаше до 60 илјади членови. Тие постојано контактираа меѓусебно, па мислам дека тоа не е баш безопасно.“

Сличен проблем постои и во Секнд лајф. Тоа е тридимензионален интернет измислен свет со креирани личности, фиктивни куќи и имоти. Овде постои продавница под името Арабиан Ексклузив Шоп.Тука можат да се најдат виртуелни борбени средства како талибански облеки, џихад-оружје и оружје за масовно уништување.

Кој да застане на патот на исламистите на интернет?

Проблемот е што во целиот Веб 2,0 никој не ги спречува исламистите да ја шират својата пропаганда. Луѓето задолжени за заштита на младите и на уставот, кои го истражуваат „нормалниот“ интернет, капитулираат пред непрегледноста на мрежите на Веб 2.0. Според наводите на берлинскиот интернет-специјалист Буркарт Шредер, потребно е енормно многу време за поставување лични профили, воспоставување контакти со спорните групи и документирање на материјалот кој предизвикува омраза. Пред се‘ виртуелниот свет Секнд лајф е исклучително комплексен.

„Ми требаше половина година за да можам да го разберам софтверот, кој нуди толку многу можности. И за да пронајдам како воопшто се создаваат виртуелните заедници, што воопшто не е едноставно. Тоа делумно се прави прикриено, не се гледа толку лесно.“

Islam, Internet, Männer sitzen vor einem Computer in einem Internetcafe
Фотографија: AP

Така, на ангажираните интернет корисници им останува можноста самите да преземат нешто против омразата која ја шират исламистите. На пример со содветни коментари на страниците, како овој член на Јутјуб, кој критикува едно видео на џихадистите:

„Многу смешно. Навистина ли мислите дека ќе стигнете во рај со убивањето луѓе кои не му се молат на истиот бог како вие?“

Во меѓувреме на Веб 2,0 има дури и цели групи кои ги предизвикуваат исламистите, ја разоткриваат насилчничката пропаганда и им контрираат на филмовите кои шират омраза. Некои интернет фрикови, на пример од Израел, притоа прибегнуваат кон неконвенционални методи: ги опседнуваат и блокираат ислмистичките онлајн мрежи. Се‘ додека да се појави нова група, која ќе шири повторно омраза преку интернет.

Автор: Јенс Росбах/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев