Како до излез од кризата во Чиле?
1 ноември 2019Протестите во Чиле продолжуваат. Од една страна мирни масовни демонстрации, од друга насилство и вандализам. Реконструкцијата на владата се чини не е доволна за смирување на социјално мотивираните немири кои ја тресат земјата која западна во најголемата криза од нејзиното враќање во демократија.
Повлекувањето на одлуката за зголемување на цената на метрото – искрата што ги предизвика протестите - и најавата за зголемување на минималната плата и други мерки кои минатата недела ги најави претседателот Себастијан Пињера не го смирија населението. Како оваа јужноамериканска земја западна во ваква криза? Аналитичарите кои ги контактираше ДВ се согласни дека покрај тоа што се потребни итни мерки и длабински реформи, нивните ефекти мора да бидат видливи на среден и долг рок.
Според Марко Морено, политолог од Централниот Универзитет во Чиле, итно неопходно е да се врати довербата во политиката, институциите, како и во владата и опозицијата. Морено посочува дека е неопходно државните институции кои се во криза подолго време како Парламентот, партиите, но и црквата, војската, полицијата и судството повторно да станат легитимни.
„Во Чиле е неопходно политичко решение, бидејќи повеќе не се работи само за тоа да се заработат повеќе пари, туку и да се врати достоинството кое ни е одземано со години. Слоганот на протестите ‘Не се работи за 30 пезоси, туку за 30 години’ е поврзување на зголемувањето на цената на метрото со преминот од диктатура во демократија во Чиле во изминативе 30 години. Тоа се овие 30 години кои се карактеризираат со непочитување на нашето достоинство," вели Морено.
И историчарот Штефан Рудерер, од Католичкиот универзитет од Чиле смета дека промената е неизбежна. „Ова е крајно време за да се направат длабоки и суштински промени во системот. Тој процес ќе потрае и затоа е поважно сега да се започне."
Држава со логика на претприемач
Рудерер смета дека Уставот од 1980 година е хендикеп за неопходните промени, бидејќи со него се ограничува можноста да се промени неолибералниот систем кој стои зад меркантилното поимање на државата, кое е таму зацементирано.
Актуелниот чилеанскиот Устав е наследство од диктатурата во кој е закотвен неолибералниот систем. Тој секако претрпе промени, но во суштина остана непроменет. Поранешниот претседател Мишел Бачелет направи терен за отворање на дебата и процес за реформа на Уставот, но безуспешно.
„Уставот ги поставува важните правила на игра и ја нагласува моќта на претседателот во однос на парламентот. Оваа неурамнотеженост е лоша за политичката култура. Уставот исто така ја ограничува моќта на државата, која не може да интервенира во многу области, " вели Морено. „Тоа е државна структура создадена во диктатура со цел да се контролира демократијата и со мали измени да се задржи авторитарноста," објаснува Рудигер. Метрото во Сантијаго де Чиле е добар пример за доминантната логика. „Во ударното време кога најмногу луѓе се возат, цените се поскапи. Тоа е пазарна логика, како да се работи за претпријатие кое сака да оствари поголем профит. Влада која има одговорност кон сопствениот народ не смее да се однесува вака. Досега ваквата логика не беше доведена во прашање, бидејќи тоа е максимата зад која стојат сите политички активности во Чиле," вели Рудерер.
Нов пакт
Токму оваа пазарна логика треба да се промени со новиот Устав. „Ако на Чиле му успее да добие плуралистички и демократски Устав, со него ќе се постави и правна рамка која ќе овозможи длабински реформи во пензискиот, образовниот и здравствениот систем," нагласува Рудерер. Сепак тој признава дека овој процес не е едноставен и дека ефектите ќе се почуствуваат на долг рок. Чилеанскиот Устав има силен самозаштитен механизам, со кој за секоја негова измена е потребно дво-третинско мнозинство од двата дома на Парламентот. Но пактот на политичките сили кои го овозможија преминот од диктатура во демократија е застарен. Денес општеството бара нов пакт, вели Морено и додава: „Земјата се промени, но државата не. Поради тоа ни е потребен нов општествен договор."