1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како албанската опозиција ја изеде сопствената позицијa

13 јануари 2022

Водствата на Алијанса и Беса (Алтернатива веќе е престроена) се докажаа како недораснати да ја препознаат новата реалност кај Албанците, несвесно признавајќи дека се неспособни самостојно, обединето да ја поразат ДУИ.

https://p.dw.com/p/45SS7
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Доколку имињата не се точни, тогаш јазикот не е во согласност со вистината. Доколку јазикот не е во согласност со вистината, работите не можат да бидат успешно изведени. Доколку работите не можат да бидат успешно изведени, сопственоста и музиката нема да цутат. Доколку сопственоста и музиката не цути, казните нема да можат да бидат прописно извршени. Доколку казните не можат да бидат прописно извршени, луѓето нема да умеат да ја придвижат сопствената рака или нога.

Оваа воведна мисла на Конфучиј е кинеска проширена и надградена потврда на суштествената латинска мисла за Nomen est Omen, дека името е навистина предзнак. Зачеток, течение и движечка сила на нештата.

Некој требаше навреме да нѐ потсети на оваа мудрост на Конфучиј, барем пред едно триесет години, кога првпат се соочивме со нашата пречка – името на земјата ни. А можеби уште порано од тоа, во времињата кога имињата на Албанците се мереа на кантар со минус албанство и плус муслиманство. Да не должиме со примери, ќе стигнеме до прачовека и стихот на Боб Дилан дека „човекот им даде имиња на животнитe” уште пред змијата да се обвие околу јаболкото на Адам и Ева. Толку прилики за влечење поука, а сепак за џабе.

Ете ни жив пример - албанската опозиција во Македонија. Опозиција од гнев родена и од бес распукана по конците од кои си ги плетеа имињата. Името беше белег и предзнак по кој Беса се распука како партија на луѓе на кои човек не смее да им верува ниту на збор ниту на беса. Алијансата на Албанците беше име кое предупредуваше дека од таа дружба на наврат-нанос склопени ликови нема да се роди ниту сојузништво ниту современо албанство. Далеку од инсинуираната смисла и поблиску до реалноста на политиката беше Алтернатива (сосе автохтоноста и автентичноста) која навистина се покажа како алтер-его на ДУИ во исчекување, однапред екипирана со истакнати споделени идеолози, шефови на кабинети, нво-актери и текстописци изникнати од или во Демократската унија за интеграција.

Како во последните години од груевизмот

Како секое несреќно семејство, причините и приказните за секоја од албанските опозициски партии е специфично различна од другите, но со споделен зародиш определен од лекомисленоста и незрелоста на лидерите. Да не ја тупиме со детали, кои и онака свежо ги паметиме и можат да се сведат на едноставен заклучок: како од готово да се направи вересија во неколку чекори. И како од обединета и масовна желба и енергија за рушење на ДУИ да се направи карамкаша од завидни пропорции и објект на општ потсмев.

Гледано во споредбена ретроспектива, албанската опозиција во постизборна Македонија се приклешти себеси во состојба идентична на онаа во која ДУИ и ДПА се најдоа некаде во последните години на груевизмот. Целосно десубјективизирани, омлитавени, духовно исцедени, морално банкротирани, претставнички компримитирани и генерално сведени на сателитски објект во зависност од траекторијата на субјектот, поточно на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше времето кога гласачите Албанци за пр пат се соочија со дилемата која денес ја користат во однос на опозицијата: зошто да трошиме гласови на сателити и слуги, кога можеме директно да гласаме за гравитационите центри и газдите? Што ќе ни се посредници, кога можеме директно да се договориме со производителите? Накусо: кое фајде од албански опозиции кои зависат од волјата на македонските партии?

Благослов и катиљ нишан

Вербално барем, додека сѐ уште ги газеа новите политички чевли, Беса и Алтернатива даваа ветувања дека нема да ја повторат таквата грешка на ДУИ и ДПА. Но две години подоцна, при самото примирисување на власта, поуката беше заборавена, а интегристите итромански и навремено извлекоа наравоучение од сопствените искуства. ДУИ ја прими и прифати пораката од македонскиот електорат: дека наспроти сите интеграционизми, тие никогаш нема да добијат еден единствен македонски глас за нивната партија. Поука прифатена без драматизирање, потресување, разочараност или пизма, туку како помирување со реалноста. Растоварена од таквите очекувања, ДУИ можеше да се врати кон корените и да раскине со илузиите. Препуштајќи ги истите во раце на младите, неискуси и лажно-идеалистички опозициски партии со албански предзнак. И така, македонската казна стана албански благослов за ДУИ. И обратно, катиљ нишан за Беса, Алијанса и донекаде Алтернатива.

Што преостана од големиот анти-ДУИ наратив на албанската опозиција? Главно ништо. Сведено на дебатен анти-ДУИ рефрен на партиските главешини со безначаен мотивационен ефект кај Албанците и петминутна употреблива пропаганда од страна на медиумската „јавност” на СДСМ и ВМРО. Но додека сентиментот на Албанците е константно во состојба на резигнација од политиките на ДУИ, реториката анти-ДУИ на Алијанса и Беса е безвредна, сува, исцедена од сочност, отапена од пробивност, компромитирана од неубедливост. Всушност, реториката анти-ДУИ е сведена на провидна и кревка амбалажа за покривање на нивната папочна, сателитска зависност и сведеност на бивање про-СДСМ или про-ВМРО актери на про-форма албанско опозиционерство.

Големата мистерија за несоборливата ДУИ

Десубјективизацијата на опозицијата од сопствената првична замисла се отсликува токму во обележувањето на ДУИ како ексклузива на криминалот и корупцијата. Ниту Беса ниту Алтернатива немаат храброст, сила, а можеби ни дозвола за да ги сместат обвинувањата за криминал и корупција рамномерно на сите адреси - СДСМ-ВМРО-ДУИ. Ефектот од таа провидна манипулација е резигнацијата од албанските гласачи, од огромна корист на ДУИ, автодеструктивна за самата опозиција, безефектна за македонските партии и, на крај, не баш убедлива дури и за етно-македонските граѓани. Зошто? Бидејќи е веќе напати видена реприза од минатото низ омилениот спорт на македонските партии и медиуми да определуваат добри момчиња и лоши момчиња во албанскиот политички кампус.

- повеќе од авторот: Здравко, Мариглен, Драган, Рилинд и Бранимир во канџите на тромбозата

Големата мистерија за несоборливата ДУИ не е производ на маестралниот гениј на Ахмети, Вашингтонската поддршка, германската соработка, Тиранската платформа, Приштинската агенда. Причината за тоа е троа поблиску, факторите се троа побанални за таа мистификација на интегристите. Причината е во македонскиот кампус. Причината е во предвидливата рутина на македонската политика, која одбива да порасне и да се соочи со реалниот свет, во кој сѐ тече, сѐ се менува. ДУИ навреме разбра дека нивната најсилна алатка не е во гласачките кутии полни со албански гласови, туку во полезната самоувереност на македонските партии, политичари, медиуми, интелектуалци, академија во сопствената супремацистичка супериорност над ДУИ, над Албанците, албанството и кој било друг потценет или исмејуван ривал. Во таа индустрија на масовна сумпремацистичка индоктринација, некомпатибилна со реал-политичкиот пазар, одговорот на ДУИ беше враќање кон политичкото претприемништво, одбивност кон измислување топли води, прифаќање на туѓо know-how (еколошко, де), дистанца од арогантна критика, култивирање на достоинствeн настап лишен од инает, напуштање на рутината на национал-социјалистичкиот вокабулар од комунизмот и градење на политика базирана врз потребата на единката, не на масата.

- повеќе од авторот: Среќна нова носталгија

Надеж во нова опозиција

Парадоксот на оваа реалност лежи во привидот кој ДУИ го импонира за себе како партија со политички подготвени и способни кадри карши неквалификуваната опозиција. Но тоа е само привид обезбеден од солидниот лидершип на Али Ахмети зад кој се затскрива речиси раштиман оркестар на просечни кадри поддржани од владиниот буџет и препознатливата навика. Од друга страна, Алијансата за Албанците во своите редови има можеби далеку поспособни, современи, образовани кадри кои не можат да ги добијат сопствените пет минути за докажување поради превртливото раководство, олицетворено во пасивниот бунтовник Села и монотоната лажна справедливост на Таравари.

- повеќе од авторот: Социjалдемократијата во подем

Водствата на Алијанса и Беса (Алтернатива веќе е престроена) се докажаа како недораснати да ја препознаат новата реалност кај Албанците и мрзеливо се определија да се приклучат кон рутината на македонските партии. Несвесно испраќајќи сигнали и признавајќи дека се неспособни самостојно, обединето да ја поразат ДУИ. Нивната абдикација од мисијата за борба против феномените (криминал и корупција), а не селективните експоненти на феномените (ДУИ), ја отапе првичната енергија на пробивност и бескомпромисност која ги мотивираше Албанците и факторизираше пред македонските партии. Но таа енергија на анти-ДУИ сентимент сѐ уште тлее и се тркала низ улиците, во очекување на некои нови раководства со доволен кредибилитет и решителност да ја ожнеат. За жал, со сегашните раководства, фатени во клештите на СДСМ и ВМРО, единствената надеж за албанските партии за спас од ДУИ е појавата на некоја нова опозиција. Но, овојпат, македонска. Поточно, северно-македонска.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач