Какви ќе бидат авионите во иднина?
Луѓето и во иднина ќе сакаат брзо да патуваат, без притоа да ѝ наштетуваат на животната средина. Научниците и фирмите работат на решение: електро-авиони.
Мал лесен, речиси без штетни емисии на гасови
Авионите кои користат електрична енергија од обновливи извори на енергија, не емитуваат ЦО2 и азотни оксиди, ни фина прашина. Во целина, електро-авионите треба да станат помали, полесни и поефикасни од авионите на керозински погон, на пример како Алфа електро од словенечката старт ап фирма Пипистрел, кој веќе го освои небото.
Електричен „летечки автобус“
Авионите на електричен погон главно треба да бидат ангажирани во регионалниот сообраќај. Израелската старт ап фирма Евиацион планира револуционирање на меѓуградскиот превоз со својот авион со 9 седишта. Прототипот Алис може да развие брзина од 100 км/час, а во 2019. година би требало да го има својот прв пробен лет.
Летечко такси
Летечкото такси на германското претпријатие Лилиум веќе го имаше својот промотивен лет. Тоа стартуваше во април 2017. година и тоа - вертикално. Опремено е со пет седишта и е целосно на електричен погон, достигнува до 300 километри, од Лондон до Париз стигнува за еден час. Авионското такси некогаш треба да може да се порача преку апликација и да не чини повеќе од нормално такси-возење.
Мешавина - класичен и електричен
Одделни авионски производители напротив се концентрираат на хибриди. Ербас, Ролс Ројс и Сименс заеднички развиваат прототип на комерцијален авион, т.н. e-Fan X, опремен со три гасни турбини и електромотор. Во перспектива уште една гасна турбина треба да биде заменета со електромотор. Првиот прототип треба да полета во 2020. година.
Еколошко патување на одмор
Нискобуџетната авиокомпанија Изиџет сака исто така да овозможи еколошко патување. Во септември 2017. година британската фирма објави соработка на овој план со американскиот старт ап Рајт електрик. Целта е создавање целосно електричен авион кој би превезувал до 150 патници. Кога ќе биде готов резултатот, не е познато.
Електрична иднина
Според експертите, со првите електро-авиони би можеле да летаме за 20 години. Досегашните прототипови имаат досег од 250 до 1.000 километри. Но, технологијата брзо напредува, што е добра вест за еколошки свесните патници.