1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква партија е ЦХП?

Даниел Белут
2 април 2019

Во повеќе турски градови, кандидатите на Републиканската народна партија (ЦХП) извојуваа победа на локалните избори. За каква партија станува збор?

https://p.dw.com/p/3G44i
Istanbul Fahne Logo CHP
Фотографија: Imago/L. Berg

Републиканската народна партија - ЦХП (на турски: Cumhuriyet Halk Partisi) - беше формирана во 1923 година од основачот на модерната турска држава Мустафа Кемал Ататурк. Таа е првата, најстарата и најуспешна партија на земјата. Ниту една друга партија не била толку често вклучена во турските влади како ЦХП. Освен тоа, до 1945 година таа беше и единствената партија во Турција.

Профилот на партијата е одбележан од таканаречените „шест столбови', кои го претставуваат и логото на партијата:

- републиканизам

- лаицизам

- реформизам (модернизам)

- етатизам

- популизам (народен суверенитет/демократија)

- национализам

До денес ова се главните аспекти на „кемалистичката идеологија“, која ЦХП сака да ја зачува и заштити.

Идеолошки развој

Во шеесетите додини од минатиот век ЦХП дополнително се отвори и кон социјалдемократските вредности. Оттогаш наваму на партијата може да се гледа како на турски пандан на Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Таа е проевропски настроена и смета дека пристапувањето на Турција кон ЕУ е неопходен чекор кон модернизација на земјата. Севкупно Републиканската народна партија има позитивен однос кон Европа и кон Западот. Уште нејзиниот основач Ататурк го предводеше доцноосманлиското прилагодување на Запад и ги реформираше правосудниот систем, економијата, војската и политиката по примерот на европските држави.

Türkei Vorstellung Wahlprogramm CHP
Раководството на ЦХПФотографија: DHA

Повеќе:

-Почеток на крајот на ерата на Ердоган?

-Драматични избори во Турција

-Турција: Сё или ништо за Ердоган

Партијата има значително пообразовано избирачко тело со поголеми примања, отколку исламско-конзервативната владејачка партија АКП, која има тенденција да му се обраќа на помалку образованото население во турската провинција. Приврзеници и симпатизери на ЦХП со децении беа на важни позиции во правосудството, војската образованието и културата.

Со тоа религиозните и Турците во провинцијата се чувствуваа запоставени. Овој слој од турското општество го смета кемализмот за антирелигиозен и непријателски настроен кон постоечките традиции. На пример, Кемал Ататурк воведе забрани за фесот - традиционална, ориентална машка капа и за шамиите во јавните објекти. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата партија АКП, можеа да создадат капитал од ваквото расположение. 

Wahlen Türkei Mansur Yavas
Мансур Јацаш од ЦХП, победи на изборите за градоначалник на АнкараФотографија: Reuters/U. Bektas

Драстичен пад на ЦХП - воздигнување на АКП

Влијанието на ЦХП на турската политичка сцена значително се намали по првата изборна победа на АКП во 2002 година. Оттогаш наваму републиканците јасно каскаат зад АКП. Конзервативниот ривал дури успеа да обезбеди апсолутно мнозинство на повеќето парламентарни избори.

Како резултат на тоа, во текот на изминатите дваесет години, дојде до целосен пресврт на односите на моќ во целокупното општество како и до културолошки промени. Ердоган ја осигура својата моќ  така што  ја замени старата кемалистичка елита, особено во медиумите, правосудството и војската, со нова конзервативна елита. Ривалството меѓу ЦХП и АКП е повеќе од политичко. Страните дејствуваат повеќе или помалку како спротивни полови во своевидна културолошка борба.