Каква либерализација на строгиот закон против пушењето?
16 февруари 2010Пушачите во Македонија со нетрпение го очекуваат први март. Овој датум треба да донесе полиберален закон против пушењето - уживањето во цигари ќе биде дозволено на летните тераси и на отворено. Тоа е предвидено во измените што ги предлага владеачкото мнозинство.
Опозицијата предлага полиберална верзија на законот
Во истовреме група пратеници од опозицијата предлагаат уште полибарлна верзија. Еден од нив е поранешниот премиер Владо Бучковски. „Нема потреба ние да бидеме поголем католик од папата,“ смета тој.
Во парламентот почна расправата за законот што стапи на сила на 1 јануари 2010 и предизвика бројни реакции. Нацијата се подели на пушачи и непушачи. Политичарите без разлика на која од овие две групи и припаѓаат мораат да ги бранат партиските ставови. „Младите ги имитираат возрасните и затоа Македонија е втора во Европа по бројот на испушени цигари по глава на жител“, вели Миле Пачемски лекар од Берово, пратеник на ВМРО ДПМНЕ.
Неговиот колега од опозицијата Ѓорѓи Оровчанец возврати: „Ова не е закон против пушење, ова е закон за ограничување на основите човекови права и слободи.“
Пад на приходот на угостителите
Со податоци за последиците од целосната забрана за пушење се огласија угостителите. Сопствениците на кафулиња напаравиле истражување, според кое 90 проценти од објектите во јануари годинава имаат пад на приходот во однос на истиот месец лани. Станува извесно дека целосната забрана за пушење ќе биде укината и новите правила нема да бидат толку рестриктивни. Власта досега не понуди анализа какви се ефектите од досегашната забрана. Дојче веле го праша пратеникот Бучковски, дали мисли на своите деца, кога се бори за либерален закон што дозволува пушење? „Ова сега е поголем проблем за моите деца. Наместо да одам во кафеана со моите пријатели и таму да пушам јас останува дома, доаѓаат гости и пушиме пред децата. Децата треба да ги заштитиме со кампања бидејќи и јас не сакам моите четири сина да бидат пушачи кога ќе пораснат.“
Од први јануари Македонија доби закон што ја вброи меѓу земјите со најстроги правила во Европа во однос на пушењето.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Александра Трајковска