1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга околу крстовите во институциите во Баварија

28 април 2018

Од 1 јуни во сите институции во Баварија би требало да има крст. Ваква одлука донесе покраинската влада на премиерот Зедер. Бискупите сметаат дека одлуката е исправна. Многу теолози меѓутоа реагираат со огорченост.

https://p.dw.com/p/2wixn
Deutschland München - Markus Söder, bayerischer Ministerpräsident hängt Kreuz in bayrischer Staatskanzlei auf
Премиерот на германската покраина Баварија, Маркус Зедер, става крст на ѕидот во својот кабинетФотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Маркус Зедер успеа. Фотографијата на сѐ уште младиот покраински татко со крст в раце се најде на насловната страница на речиси секој баварски весник. Зедер, гласи пораката, сега го внесува крстот во секоја институција во покраината.

Крстот би требало да се внесе во влезовите на институциите како „видливо произнесување по основните вредности на правниот и општествениот поредок во Баварија и Германија“, најави кабинетот на покраинскиот премиер во Минхен.

Но, намерата предизвика контроверзи и жестока критика. Најостар беше шефот на либералите, Кристијан Линднер. Тој го обвини Зедер дека постојано ги инструментализира религиите за партиска политика. „Тоа потсетува на Ердоган“, напиша Линднер на Твитер. Пратеникот од Левицата, Јан Корте, зборува за „противуставен распетие-декрет“. Зедер предизвика поделби во земјата.

Пофалби од бискупите, разорна критика од другите теолози

Се разбира, реакциите од официјалната црковна страна не се толку жестоки. Двајца бискупи дипломатски изразија наклонетост кон одлуката. Можеби мора да се прикажат како умерени. Баварскиот покраински бискуп Хајнрих Бедфорд-Штром за радиото Бајерише Рундфунк рече дека крст на ѕидот значи „самообврзување“. Крстот, вели тој, е одраз на човечко достоинство, љубов кон ближниот и хуманост. Според овие критериуми може да се мери и политичкото дејствување. Бамбершкиот надбискуп Лудвиг Шик за Келнер Домрадио оцени дека крстот „не е идентитетски знак за некоја земја или држава“, но тој би можел „да ги учи луѓето на љубов и солидарност“.

Klassenzimmer Kruzifix Kreuz
Крст на ѕидот во училница во една католичка гимназија во АугсбургФотографија: imago/epd

Теолозите пак се изјаснуваат значително покритички. Експертот за религиско право Томас Шилер за ДВ оценува дека оној кој на тој начин политички го инструментализира крстот, не го сфаќа ни малку неговото значење на „трн в око на моќниците и на знак на надеж за слабите и обесправените“.  Шилер смета дека одлуката за крстот во уставноправна смисла е „на граница, затоа што таа може да значи преголема идентификација со една религија, а државата мора да биде неутрална“ во таа смисла. Теологот од Есен, Георг Есен, зборува за „богохулство“. Крстот, според него, е „христијански симбол за избавување“, а не „видлива определба за основните вредности на правниот и општествениот поредок во Баварија“. Доколку црквите „теолошки се сѐ уште барем малку при разум, тогаш тие енергично ќе се спротивстават на ваквата инструментализација на крстот како средство за идентификација“, вели Есен.

Борба на култури во изборна година

Судирот околу крстот во себе има елементи на борба на култури. И, тој потсетува на огорчениот судир од 1990-тите години. Тогаш Уставниот суд по повеќегодишен правен спор ја прогласи за противуставна одлуката на Баварија за поставување крстови во секоја училница во едно баварско народно училиште. Тоа предизвика огорченост во Баварија и доведе до големи демонстрации во Минхен, на кои католичките бискупи и политичарите на ЦСУ рамо до рамо предупредуваа од ограничување на слободата на вероисповед. На крајот, крстот во големиот дел случаи остана во училниците. Но, според официјалното правило, во „атипични исклучоци“ крстот се симнува од ѕидот - значи доколку наставникот или родителите инсистираат на отстранување.

Актуелната дискусија е дотолку поинтересна ако се знае дека во Баварија на 14 октомври се одржуваат избори. ЦСУ стравува од зајакнување на деснопопулистичката АфД и затоа се зафаќа со контроверзни теми како внатрешна безбедност, дистанцирање од исламот и културен идентитет.

Сојузната влада во Берлин не гледа потреба да се ориентира според постапките на Зедер или да ги коментира постапките на Баварија. Портпаролот на канцеларката Меркел, Штефен Зајберт, изјави дека тој не знае за планови на владата за слично постапување.