Кавга меѓу Сириза и Нова демократија поради Македонија
29 април 2014Самарас е одговорен за „дуење“ на прашањето за името и тој сакаше да направи политичка кариера со ставање на националните прашања во прв план, изјави кандидатот за европратеник на грчката опозициска Сириза, Стелиос Кулоглу.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, владејачката Нова демократија и Сириза деновиве јавно се расправаат за интервју на Кулоглу во македонски „Телеграф“ во кое тој вели дека нашата земја ја нарекува Македонија „како и другите луѓе во светот“ и оти спорот за името го почна Самарас.
- Она што навистина го изјавив за новинарот од Скопје е дека прашањето за името требаше да се реши на почетокот со заеднички компромис. Исто така реков дека одговорен за „дуење“ на прашањето за името е Самарас, кој сакаше да направи политичка кариера со ставање на националните прашања во прв план. Овој став на Самарас доведе до голем дипломатски пораз на Грција во последниве години, одговори Кулоглу и нагласи дека Нова демократија не треба да го покренува прашањето за Македонија затоа што „во куќата на обесениот не се зборува за јаже“.
И Сириза објави реакција во која истакнува дека нападите на Нова демократија се „напори за промена на агендата на дискусијата за секојдневните проблеми на граѓаните и прикривање на договорот за нови мерки и нов меморандум кој го договориле Владата и тројката“.
Според опозициската партија, паниката на Самарас е очигледна и тој со евтини лаги и одвлекување на вниманието се обидува да спаси што може, но останува неубедлив во тоа.
Михас бара признавање
Грчкиот новинар и аналитичар Такис Михас упати повик до владата во Атина да го признае уставното име на Република Македонија.
- Ако направиме анкета во целиот свет и ако ги прашаме сите земји што мислат за прашањето за името, 99 отсто ќе речат дека го поддржуваат мислењето на Македонија да се вика Република Македонија, изјави Михас за скопски „Дневник“. Според него, причината за ваквиот одговор не е ниту оти знаат многу за историјата на Македонија ниту дека им е многу грижа за Македонија.
- Единствената причина зошто би го рекле тоа е стандардната дипломатска практика. Таа стандардна практика значи да го почитуваш името со кое се нарекува владата на една суверена земја. И тоа треба да се почитува, а не дека јас или некој друг е загрижен за тоа која е историјата на Македонија, вели Михас и додава дека тој останува на ставот оти Атина треба да го признае нашето уставно име.
Kонтинуираното одбивање на Грција да го признае уставното име на својот сосед, односно Република Македонија, се темели главно на два аргумента од страна на официјална Атина, пишува Михас во анализата. Првиот е дека ова име не кореспондира со историската и културна реалност, односно дека Македонија била само грчка, и вториот, дека употребата на терминот Македонија од една земја што опфаќа географски дел од Македонија значи експанзионистички амбиции. Според него, ако овие два аргумента не се однесуваат само на соседната земја, туку се општи правила на грчката надворешна политика, значи дека Грција не признава држави чие име не соодветствува со политичката, историската и културната реалност. Нареден аргумент би бил дека Грција не признава држави чие име содржи експанзионистички ставови, а според власта во Грција, замената на само еден дел од името претставува експанзионистички став. Михас додава дека треба да се постави прашањето не дали овие правила се коректни, туку дали Грција е конзистентна и дали секогаш се применуваат или тоа се прави селективно.