Ишингер: Одлуката на Иванов е важен сигнал
28 мај 2016Во изјавата на Волфганг Ишингер, еден ден откако македонскиот претседател Иванов соопшти дека ја повлекува одлуката за помилување за 22-ца македонски политичари, се вели:
„Тоа е важен сигнал за да се ублажи внатрешнополитичката криза во Македонија. Се надевам дека Македонија со тоа дојде на чекор поблиску до нови избори кон кои се стреми. Во бегалската криза Скопје стана важен актер, поради тоа што земјата стана централна станица низ која се минува на т.н. Балканска рута. Затоа, внатрешнополитичката стабилност е од стратешки интерес и надвор од границите на земјата. Македонија со одлуката сепак да не биде прекината постапката против голем број политичари, меѓу другото поради корупција и изборна измама, исполнува едно од централните барања на Германија и ЕУ за да се овозможат нови избори врз база на Договорот од Пржино. Слободни и фер избори, со зачувување на слободата на медиумите и врз основа на актуелизиран Избирачки список, се еден од најважните предуслови за евроатлантскиот курс на земјата, кој ја заслужува нашата целосна поддршка“, се вели во изјавата на Ишингер.
Ваквите ставови на Ишингер се делумно спротивни на оценките кои вчера стигнаа од ЕУ и САД, по одлуката на Иванов да ја повлече одлуката за помилување на 22-ца политичари. Половичното решение, според оценката на еврокомесарот Јоханес Хан, „не е доволно“ и „потребно е сеопфатно решение“. Маја Коцијанчич, портпаролка на ЕК, во изјава за агенцијата Мета, оцени дека на претседателот Иванов му е повеќепати кажано истото, имено дека „претседателската амнестија мора целосно да биде поништена без одложување, за да се зачува принципот на одговорност и да се обезбеди еднаков третман пред законот и да се избегне селективната правда“. Реакција вчера стигна и од амбасадата на САД во Македонија. „Парцијални и селективни поништувања на амнестија ќе придонесат кон растечко чувство на неказнивост во земјата“, велат од американската амбасада.