1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Италија и Австрија во локдаун, Европа во клештите на Ковид

ЖА / агенции
19 декември 2020

Високи бројки на новоинфицирани, поострени мерки во Европа: Италијанците и Австријците повторно се во карантин, во Шведска и во Швајцарија важат построги правила.

https://p.dw.com/p/3mxAu
Italien Rom | Coronavirus | Passant
Фотографија: Yara Nardi/REUTERS

Кратко пред Божик во Европа не е на повидок олабавување на ситуацијата со коронавирусот, напротив. Повеќе европски земји повторно ги заоструваат мерките против пандемијата.Предничи Австрија, која од 26 декември го воведува својот трет цврст локдаун, како што најави канцеларот Себастијан Курц. Трговијата останува затворена, гастрономијата исто така, ограничувањата за движење на граѓаните траат по цел ден.

На средината на јануари е предвидено олабавување на рестрикциите, но само за оние кои ќе се вклучат во масовното тестирање и ќе добијат негативен резултат. Тогаш можат да земат учество на културни настани, да посетуваат ресторани, да одат во продавници и да посетуваат туристички цели.

„За сите кои не се подготвени да се тестираат, ограничувањата ќе важат до 24 јануари, значи една недела подолго", рече Курц. Тестирањето е предуслов за олабавување на мерките против пандемијата. Во првиот масовен тест во декември учествуваа значително помал број граѓани од очекуваното.

Италија влегува во следниот локдаун

Италијанската влада, поттикната од нагло растечкиот број на инфекции со коронавирус, повторно воведува целосен локдаун за целата земја со важност од 21 декември до 6 јануари, како што најави премиерот Џузепе Конте ноќеска. Сите продавници кои не се неопходни за задоволување на дневните потреби на граѓаните се затвораат, вклучувајќи ги и рестораните, забранети се патувања меѓу различни региони, домовите смеат да се напуштаат само во неопходни случаи.

Италија пролетоска беше првата европска земја која го почувствува ударот на пандемијата со сета сила, болниците не можеа да ги прифатат сите пациенти. Со првиот локдаун беше ставен крај на првиот бран на коронавирусот, но во меѓувреме земјата се бори со вториот бран.

Шведска препорачува носење маски во јавниот превоз

Поради зголемувањето на бројот на инфекции, во Шведска се навестува менување на курсот. Наспроти досегашната стратегија, владата првпат препорача користење заштитни маскиво јавниот сообраќај во временските шпицови кога тие се најполни. Премиерот Стефан Лефвен најави и цела редица други мерки, меѓудругото во ресторани смеат да седат најмалку четири гости на маса. Натамошни ограничувања, кои влегуваат во сила од 24 декември, се забрана за продажба на алкохол по 20 часот и продолжување на онлајн-наставатаза училиштата до 24 јануари.

„Не можеме да се вратиме на нормалното секојдневие. Пандемијата е прашање на живот или смрт", истакна премиерот, но сепак отфрли локдаун како „преголем товар" за народот.

Швајцарија ги затвора рестораните

И Швајцарија и натаму сака да спречи локдаун, без оглед што бројките на инфицирани во земјата се меѓу највисоките во Европа. Лекарите и научниците со недели ѕвонат за аларм поради премлаките мерки, болниците предупредуваат дека се на границата на своите капацитети.

Наместо комплетно парализирање на јавниот живот, сега се врши делумно заострување на мерките, од вторник се затвораат рестораните, кината, музеите и спортските клубови. Продавниците и скијалиштата остануваат отворени.

Шпанија повторно на листата на корона-ризични земји во Германија

Институтот Роберт Кох од утре повторно ја стави Шпанија во групата на корона-ризични подрачја, вклучувајќи ги и кај германските туристи омилените Канарски Острови, за кои досега не важеше предупредување за патување. По враќањето оттаму одморалците мора да одат во десетдневен карантин или од петтиот ден да приложат негативен корона-тест.