Исцелителот ќе ја исправи Македонија
30 јуни 2020Најточна прогноза е дека по парламентарните избори на 15 јули ќе осамне 16 јули. А, во кој правец ќе оди Македонија од тој ден зависи дали мнозинството граѓани ќе го дадат свој глас за патот кон прогресот и европеизација на земјата, на веќе направените чекори кон најзначајната цел на државата, или повеќе ќе веруваат на предложените радикални ветувања за обнова на Македонија, или за нејзина кантонизација по урнекот на Босна и Херцеговина.
Војната за власт во предизборна, жестока пандемиска кампања и паника, се води на фронтовите меѓу здравиот разум и стравот, меѓу силата и правото, меѓу вистината и лагата. Старата, многупати проверена вистина и мудрост вели дека секој народ добива влада и власт каква што заслужува. Од она што денес се случува на јавната сцена во Македонија, ако се погледне поновата историја, не постара од еден век, од зафатите на крајната десница и левица, ќе се открие вчудовидувачка сличност од која замрзнува крвта во жилите.
Насер Зибери веќе се гледа како премиер
Албанските социјалдемократи на Али Ахмети ја промовираа програмата на својот кандидат за премиер Албанец пред владата. Насер Зибери сериозно ја разбрал понудата да биде премиер на Македонија, па понуди своја национал-социјалистичка програма која ќе ја спроведува по инагурацијата за претседател на владата. Нешто како утопистичка мешавина меѓу граѓанско и мултинационално и мултикултурно општетсво. Не разбрав добро дали Зибери се заканува со кантонизација и крвопролевање како во Босна ако не стане премиер, или ако биде избран, па не му се спроведува програмата стокмена од ДУИ. Опасен експеримент кој поттикнува и македонско-македонска коалиција на демохристијанска десница и социјалдемократска левица, или во поблага варијанта иста хомогенизација во ВМРО ДПМНЕ како најдобар заштитник од албанска загроза на македонските национални интереси.
Крајната пак левица во соработка со десницата нудат револуционерни закони на нова национализација, експропријација и конфискација на имоти, на ревизии и драматичен дисконтинуитет со преки судови. По сѐ што видовме во изминатите 30 години независност, ваква партиска какафонија сѐ уште немало.
Радикални зафати за обнова на земјата
Доаѓањето на нацизмот на власт во Германија почнува со ветувањата и плановите на Хитлер за раководење со земјата. Сѐ е во знак на радикалните зафати за пресметка со политичките противници проследена со силна пропаганда и мерки за ОБНОВА на земјата. Расположението на масите во Германија во трисеттите години од минатиот век се свртува кон оној кој со едната рака нуди економска обнова и „национално отрезнување“, а со другата налог за насилие, судење и концентрациони логори.
Песната на пријателот на Хитлер, писателот Дитрих Екарт озаглавена како „Deutschland erwache“ (Германијо разбуди се) ќе биде главната парола и повик до германскиот народ за доаѓање на нацистите на власт.
Паролата на ВМРО-ДПМНЕ „Македонијо исправи се“, безмалку цели сто години подоцна, на почетокот на третата декада од 21 век, е надградена на ниво на нашето балканско поднебје. Ако тогашните идеолози и поддржувачи на нацизмот во паролата „Германијо разбуди се“ препознаваа ослободување од страв, мртвило, летаргичност и резигнација кај Германците по поразот од Првата светска војна и големата економска криза, што ли препознава Христијан Мицкоски и неговиот партиски врв во паролата „Македонијо исправи се“? Која војна ја загуби Македонија во изминатите три години? Од што треба да се исправат свитканите 'рбети на граѓаните? Од товарот на власта, по тригодишно владеење, или по 11 години режим и тиранија на опозицијата?
Дали „Македонијо исправи се“ не е милитантен повик полн со омраза за пресметка со политичките противници? Што означуваат прегазените граѓани, жртви на власта која дојде по демократски пат на избори 2016 година, по падот на 11 годишниот режим од ерата на страховлада од Никола Груевски? Овој „филм“ со свиткан 'рбет на граѓани се емитува по гебелсовска доктрина повторувана стотици пати дневно како платена и бесплатна реклама по телевизиите и социјалните мрежи кои ги исправува исцелителот Мицкоски, небаре е Исус Христос, а не застапник на Никола Груевски.
Други колумни од авторот:
Каков премиер и каква влада сакаме
Чукнете во дрво и во глава- ќе има избори
Чулев го активира ВМРО во МВР(О)
Закани со нарачани судења
Можеше оваа валкана популистичка доктрина и да се проголта како крајно десничарското милје што го гуши целиот демократски свет, па и делови на Европа, доколку не беше проследена со опасни закани дека од 16 јули ќе почнат судења за страдањата на ограбените и понижени македонски граѓани. Закани искажани јавно од Христијан Мицкоски, Наќе Чулев, Александар Николоски, Антонијо Милошоски и целиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ. Индикативна е нагласката што застрашувањата се однесуваат само за последните три години, а се апстрахира како ништо да не било, како да не се случил најголемиот организиран криминал и грабеж во историјата на независна Македонија.
Во ниту една прилика, со ниту еден збор, старо-новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ не се огради од големите стратегиски грешки, криминали и корупција на партискиот врв од периодот на груевизмот. Барем да исплакнеа уста. Напротив, видлива и јавна беше поддршката на учесниците во насилијата во Парламентот во обидот да се попречи примопредавањето на власта, што ги имаше сите обележја на државен удар. Уште поотворено поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, поранешниот премиер Никола Груевски до неговото бегство од земјата , ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски застанаа во попречување на работата на СЈО и владеење на правото со блокади на правосудниот систем со бројните упоришта и рецидиви во сите инстанци на судската власт.
Експресни пресуди и морски судски процеси
Останува и натаму без одговор едно од суштинските прашања како тоа во Македонија се случи по аферата „Рекет“ експресно за македонски услови, само за шест месеци, да бидат осудени специјалниот обвинител Катица Јанева на седум години затвор, Бојан Јовановски на девет години - и двајцата окарактеризирани како блиски на власта, а третообвинетиот Зоран Милески Кичеец, по признание на вината, осуден на три години затвор, за да се јави во предизборната кампања како главен медијатор во снимени разговори поврзани директно за средби на Христијан Мицкоски со Орце Камчев и индиректно во разговори со црногорски тајкун, кога двајцата зборуваат за Зоран Заев и за наводни 300.000 евра поткуп.
Никој од правните експерти не може ни во земјата ни надвор од неа рационално да објасни како ниту еден од учесниците кои се поврзани со оваа и со претходните големи корупциски афери не е осуден, или во затвор, освен Катица Јанева и Боки 13. Како од предметите на СЈО, за кои се водат морски судски постапки и кои застаруваат, се опфатени стотина осомничени, а никој не е во затвор, ниту од осудените ниту од обвинетите за афери кои тежат стотици милиони евра?
Што означува заканата на опозициските политичари дека штом ја освојат власта веднаш ќе им се суди на нивните политички противници? Дали тоа навестуваат дека ќе продолжи нарачката на судења како што бевме сведоци, не така одамна, кога по телефон се договараа пресуди? Се враќа ли тоа зврлевски-обвинителството и сваровски-судството, или тоа никогаш не ни исчезнало? Седи тука притаено и чека партиски директиви.
Втората јасна алузија од пораката „Исправи се Македонијо“ е дека свитканиот рбет на граѓаните е од „понижувањето“ со склучените договори со соседите Грција и Бугарија. Носителот на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на главниот град, несудената претседателка на државата, универзитетска професорка Гордана Силјаноска-Давкова, доследна на своите досегашни предизборни настапи авторитетно, како научник, а не политичар во изборна трка, ветува дека ќе поднесе барање за поништување на Договорот од Преспа.
Не дека професорката по уставно право не знае дека никогаш тоа нема да го направи ни таа, ниту една македонска влада нема да чепне ниту една запирка од ратификуваните договори кои ги отворија вратите на Македонија за влез во НАТО и за почнување на преговорите со ЕУ веќе утредента по изборите, туку влегува во популистичкиот филм на својата партија за придобивање гласови со лажни надежи. Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници од поодамна во сите средби со бриселската администрација и со политичари од соседството јасно кажуваат дека ќе ги почитуваат во целост потпишаните договори и со Грција и со Бугарија. Проблемот е во тоа што поради својата двојна улога дома и пред странските дипломати меѓународната заедница не им верува.
Судејќи по утрото, како почна предизборната кампања и амибентот кој е направен од поодамна, тешко дека изборите ќе поминат со највисоки оценки како фер и веродостојни. Со ризик да погрешам, ќе прогнозирам дека ако СДСМ ги загуби изборите, ќе го признае поразот и ќе му честита на противникот. Ако пак ВМРО-ДПМНЕ ги загуби изборите, ќе гледаме ново издание на настаните од изборите во 2016 година, непризнавање на легимитетот, на веродостојноста на изборните резултати, далеку од помислата да се признае поразот и да се честита. Ќе нема сила да се повтори 27 април 2017 година, ама ќе има голема ѓурултија. Без тоа не бива. Тоа е тоа.