280711 Oslo Internet Strafrecht
26 август 2011Педофили се во потрага по жртви, крадци празнат банкарски сметки, екстремисти шират омраза - кривичните дела што се извршуваат на интернет се исто толку разновидни, колку и платформите кои можат да се користат за таа цел. Блогови, форуми и социјални мрежи - секој остава трага на интернет.
Со оглед на тоа, германските истражни органи се активни и на интернет. Најчесто нивните истраги не се спектакуларни, како што соопштува и ополномоштеникот за заштита на податоците од покраината Северна Рајна Вестфалија, Улрих Лепер:
„Досега се занимававме со случаи во кои полицијата споредуваше фотографии снимени од камерите за надгледување на сообраќајот со фотографии поставени на социјалните мрежи.“
Но, истрагите знаат да бидат и поинтензивни. Во изминатите две години државното обвинителство во шест случаи ангажирало луѓе од Службата за борба против криминал, чија задача била преку интернет да стигнат до податоци за да се спречи одредена опасност: најавено самоубиство, смртни закани, уцени или закани за експлозија.
Потребни се нови закони за полицијатa
Владата смета дека нема потреба да се носат нови закони за таквиот вид истражни постапки. Но, полициски експерти се на став дека истрагата на интернет мора да се базира на закони, кои се прилагодени на специфичноста на интернетот. На пример, што доколку местото на злосторството се наоѓа во странство, а меѓународната правна помош се одвива многу бавно? Исто така, тешко е да се обезбедат докази за прекршокот, бидејќи информациите на интернет многу лесно можат да се променат.
Поборниците за заштита на приватноста предупредуваат дека истражните постапки на полицијата можат да ги повредат основните права на слободна телекомуникација - на пример со прислушувањето. Може да дојде до повреда и на правото секој граѓанин сам да одлучува кому ќе ги даде своите приватни информации и како тие смеат да бидат употребни. Ополномоштеникот за заштита на податоците од покраината Северна Рајна Вестфалија, Улрих Лепер, нагласува и дека доколку не се усвојат нови закони за истрага преку интернет, може да дојде до повреда на правото на интегритет и намалена доверба во компјутерските системи во целина.
Владата истакнува дека полициските истраги досега во ниту еден случај не биле ограничени само на информации од социјалните мрежи, туку дека тие служеле само како дополнителен извор на информации. На прашањето дали истражните лица при извршувањето на своите задачи ги пречекориле границите на дозволеното мешање во нечија приватност, владата укажува дека информациите за активностите на полицијата се строга државна тајна.
Автор: Дафне Гратвол/Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска