1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источна Германија остана без индустрија

Матијас Белингер / Жана Ацеска27 јуни 2014

Источна Германија по повторното обединување постепено беше дезиндустријализирана. Ополномоштеникот на сојузната влада затоа бара да се реагира со поголем поттик на младите претприемачи во овој дел од земјата.

https://p.dw.com/p/1CRPP
Фотографија: BMWi

По повторното обединување на Германија, од западот кон истокот на земјата отидоа околу две илјади милијарди евра. Со овие пари економската ситуација во двата дела на Германија требаше да се изедначи. Билансот по четвртина век гласи: истокот и западот на Германија се два целосно различни економски простори.

Тоа го тврди Гералд Браун, професор за регионален развој и претприемаштво на Универзитетот во Росток. Тој го издаде Атласот на индустријализација во источна Греманија, во кој најважните економски податоци се прикажани на географска карта. Без оглед дали се работи за продуктивноста на трудот или за вкупниот општествен производ, во сите категории границата меѓу економски силните и економски слабите подрачја оди по поранешната граница меѓу Сојузна Република Германија и Германската Демократска Република. Причината за тоа Браун ја гледа меѓу другото и во погрешната политика на економско поттикнување по повторното обединување.

„Почнавме со изградба на инфраструктурата, но со тоа создавате само ’хардвер’, а не и мотор на развојот“.

Поттикнувањето на претприемачките иницијативи, наспроти тоа, е занемарено, вели Браун.

На неговите карти може да се види дека бројни концерни по Втората светска војна своите централи и производството го преместиле од советската окупациска зона, во која подоцна настана ГДР во некоја од западните окупациони зони, каде подоцна беше создадена Сојузна Република Германија.

Verteilung börsennortierter Unternehmen Deutschland Grafik GROSS
Централите на претпријатијата опфатени со германските берзански индексиФотографија: BMWi

По германското повторно обединување главно е упропастена источногерманската индустрија преку агенции за приватизација и продадена на западногермански претпријатија. Бројни фабрики се затворени, се случи далукусежна дезиндустријализација, вели Браун. Претпријатијата кои преживеаја станаа дел од западногерманските концерни.

Последица е тоа што денес во источна Германија речиси нема централи на коцерни. Затоа истражувачката и развојната работа на германските претпријатија се одвива првенствено во централите во западна Германија. И кооперантските фирми се населуваат во близина на централите на концерните на запад. Така, на источногерманската индустрија и‘ недостигаат одлучувачки услови за растеж.

„По повторно обединување се направени клучни политички грешки“, вели Ирис Глајке, ополномоштеник за источна Германија во сојузното министерство за економија, која даде налог за правење на Атласот.

Новата ополномоштеничка за источна Греманија својата задача првенствено ја гледа во поттикот на оние претпријатија кои последните години беа формирани на исток. Посебно во јужниот дел од источна Греманија минативе години настанаа силни групации. Од 2005 година производството во новите сојузни покраини порасна за 5 проценти.

„Потребна ни е иднустриска политика насочена кон источна Германија. Мораме да одиме таму каде веќе постојат јадра на економски раст“, вели Глајке.

Таа најави посебна грижа околу кредити за младите претпријатија, околу поттикнувањето на иновациите и помош на источногерманските фирми во извозот. Партијата на левицата ги критикуваше нејзините планови.

„Нејзините заложби не се одразуваат во актуелниот државен буџет. Квотата на инвестиции и натаму паѓа, а истокот и натаму назадува“, вели нивниот претставник за источна Германија, Роланд Клаус.