1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Историите на Куртис и Вотсон

4 март 2021

Сите наши иднини се определени од минатото. Визиите се преценети фантазмагории. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3qBNn
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Долго најавуваниот капитален проект на документаристот Адам Куртис, во продукција на Би-Би-Си, конечно ја доживеа сопствената премиера на 11 февруари под наслов „Не можам да те избркам од мислите: Емоционална историја на современтиот свет” (Can't Get You Out of My Head: An Emotional History of the Modern World, BBC). Како и секое негово дело, и последниот проект е вистинска посластица за љубителите на документарниот филм, овојпат спакувана во серија од шест епизоди, секоја со времетраење од повеќе од еден час. Куртис, познат по својата луцидност, креативност, мултидисциплинарна поткованост е своевиден современ археолог на политичкото со безмалку статус на култ кај неговите верни следбеници. Кои и овојпат не останаа разочарани.

Куртис останува доследен на неговиот стил на користење заборавени филмски архиви, пресечени со мрачни амбиентални сцени, злокобна атмосфера, саркастични алузии, во пакет со неговите веќе емблематични  нарации од стилот „ова е приказна за”, „тогаш се случи несекојдневен настан”, „необјасниви и чудни нешта” и.т.н. Доколку во неговиот последен проект, мега-популарниот документарец „Хипернормализација” фокусот беше ставен врз чудните паралелни преплети помеѓу подемот на алтернативните културни трендови во последните години на СССР и подемот на Доналд Трамп во САД, во новото дело авторот се осврнува на една друга, не помалку куриозна паралела. Животописот на ноторната Мадам Мао, комунистичка функционерка Џианг Чинг, од нејзините рани актерски денови, бракот со Мао Це Тунг, судирот на „четиричлената банда” со Денг Ксиаопинг и немирите на Тјенанмен. Следено во чекор со корените и подемот на популизмот, крахот на политичкиот менаџмент, нивното влијание врз појавата на популизмот во САД и Европа, Доналд Трамп и Брегзит. Во основа, станува збор за препознатлив стил на детектирање сличности во навидум заемно неспоиви контрадикторности. Како авторски белег демонстриран во своевремено контроверзниот документарец „Моќта на кошмарите” (2002) за паралелната појава и подем на политичкиот ислам на Саид Ктуб и евангелистичкиот неоконзервативизам на Лео Штраус.

Со својот недискриминаторски осврт кон паралелните појави, подеми и неминовни крахови на политички трендови со дијаметрално спротивни географски и општествени реалности, Куртис упорно инсистира на премисата дека политичката манипулација – колку и да е успешна – е сепак однапред осудена на пораз. Фаталистичка фалинка предизвикана од непридвидлиоста на човекот како единка и масата како општество. Користењето на новите инструменти на совремието - од изумот на радиото, телевизијата, информатичката технологија и интернетот – се само привремени механизми за воспоставување контрола врз луѓето и човечката природа. Инструменти кои на крај сепак стануваат жртва на истите фактори, т.е. човекот, човештината и нивната резигнација против контролата и ропството и поривот за достоинство и слобода.

Иако Куртис заслужува признание за неговата интелектуално-уметничка креативност и автентичност во согледување на коренот на нештата и нивната последователна ерозија, тој останува ограничен во своите временски толкувања врзани за почетокот на дваесеттиот век и денешницата. Ставено во поширок историско-искуствен контекст, следењето на неговите филмови наликува на влетување во театар среде претстава, предоцна за да се дознае поводот, прерано за потполно да се разбере епилогот.

Други колумни од авторот:

Падна и Власта

Приштина повторно Пиемонт

Владата е падната. Власта виси.

Љубителите на Куртис таа фалинка на нивниот омилен документарист можат да ја надополнат низ делото на еден далеку пофасцинантен лик, творец, неверојатен ерудит, врвен интелектуалец и неспоредлив истражувач на човештвото од праисторијата до денешницата. Станува збор за Петер Вотсон, поранешен новинар, истражувач при Универзитетот Кембриџ, писател, интелектуален историчар. Доколку Куртис е своевиден археолог на политичкото совремие, професорот Вотсон заслужува да биде наречен антрополог на современите идеи. Оценка заснована врз неговото капитално ремек-дело „Идеите: Историја на мислата и откритијата, од огнот до Фројд” (Ideas: A History of Thought and Invention from Fire to Freud, 2005). Распространета на 1015 страници, книгата е гигантски предизвик надминат единствено од неверојатната сласт на сознавање на чудните, често неверојатни, почесто непознати, најчесто фрапантни сознанија за историските мигови, потекла, процеси, настани од или низ кои се имаат родено клучните оски на современата мисла, наука, ооштество. Доколку мислите дека имате доволно сознанија за потеклото на нештата, за нивната генеза, охрабрете се да бидете разуверени низ читање на оваа бесценета енциклопедија на заборавените зародиши на знаењето.

Раѓање на идеите

Оние кои ја имаат прочитано, подеднакво како и оние кои допрва ќе се нафатат на предизвикот, нема да бидат изненадени, ниту ќе замерат доколку признаам дека истата ја немам до крај прочитано. Скраја неколкукратните обиди, мојот однос кон „Идеите” е селективен, диктиран од епизодни читања на сепаратни поглавја за одредена актуелна тема, или пак истражување за определени феномени. Пристап кој се однесува и кон другото маестрално дело на Вотсон, миленијалното надополнување кон совремието на дваесеттиот век „Ужасна убавина: Луѓето и идеите кои го формираа современиот ум” (A Terrible Beauty: The People and Ideas that Shaped the Modern Mind, 2000). Обемноста на овие две дела не треба да биде пречка, туку повод и мотивација секоја национална книжевност во Европа да обезбеди превод и статус на неизбежна лектира во служба на домашната научна, академска и интелектуална мисла. Желна и жедна за литература исполнета со „прашања кои се поставуваат и одговори кои се нудат, а за кои никој дури не се ни сетил да ги постави” (Ноел Малколм).

Осврнувајќи се на највлијателните идеи во историјата на човештвото, Вотсон се определува за идејата на душата, идејата на Европа и идејата на експериментот. Зачудувачки (или можеби сосема очекувано) за самодеклариран атеист и антимонотеист, идентификацијата на откритието на душата (а не Господ) е вперување прст во метафизиката на човечкото осознавање како демонстрација на хуманизмот и искра на секоја понатамошна идеја и откривање. Дефинирањето на Европа како следна по битност историска идеја е слабата, евроцентрична точка и алка на Вотсон во која има далеку помалку (на раб на ирелевантност) место за влијанијата од исламскиот свет, од Азија, Африка, па и новите континенти. За авторот најголемото изненадување во маркираната битност е идејата на експериментот. Подеднакво како и дефинирањето на англискиот бискуп Роберт Гростест (родоначалник на идејата за експерименти и статистика) како еден од двата – вториот бивајќи Дарвин - најбитни ликови во историјата на раѓањето на идеите.

Следењето на појавата на идеите, нивната еволуција, развој, процут, метаморфоза, револутивна адаптација од дамнешноста до современоста, е подзаборавена нужност без која не сме во состојба целосно да ги разбереме премрежијата низ кои минуваме и иднините со кои се соочуваме. Доколку би било поинаку, доколку нашата современост би била во тек со развојот низ кој имаме минувано како човештво, секако би ја прифатиле како самоподразбирачка дефиниција мислата на Вотсон дека развојот на идејата на секуларизмот е надвременски побитен предизвик на денешницата отколку култ-опсесијата со развојот на демократијата. Од проста причина што во нашата модернистичка миопичност имаме подзаборавено дека генезата на самата демократија потекнува од нужноста на секуларизмот, како крај на клерикалното мракобесие и верските судири и поделби.

Историјата е некоректно стигматизирана

Во свет доминиран од опсесијата за иднината - индивидуална или колективна – оптоварена со апокалиптични сценарија, дистопични пустоши, популациски бомби, еколошки катастрофи, суши, глад, судири, вонземјански инвазии, планетарни егзодуси и апокалипси, потребата за читање на историјата наликува како аристократски луксуз на интелектуални бувови затворени во библиотеки. Историјата, посебно во нашите региони, е некоректно стигматизирана како лабораторија на негативности и лишена од нејзината мудрост во создавањето идеи на напредокот. Доколку нашата визија е оптоварена со визии, насетување, песимистички слабости и егзистенцијални стравови, токму историјата на идеите низ кои се има изградено совремието е ризницата во која можеме да ги најдеме вирусите и антибиотиците на модерните предизвици. Современата, речиси сеопшта сегашна скепса, непознаница, нервоза и страв од иднината, не е никаква ненадминлива константа на која сме осудени. Таа, наша напрегната современост, сепак не е ништо повеќе од една од многуте – далеку помалку болни – историски епизоди на влечкање од една надмината, ислужена ера кон друга, понова, подобра етапа на човештвото. Заслепени од современата чума на конзумеризмот, хипнотизирано зададени во „напреварот на стаорци”, заболени од медиумската опиоидна параноја и нарцистички убедени во модернистичката сезнајност на интернетот, се имаме предадено на комфорната кал на суеверието и мрзливоста на промислување нови идеи. Куртис и Вотсон, низ различен пристап, но со споделена порака, не' потсетуваат дека сите наши иднини се определени од минатото. Визиите се преценети фантазмагории. Идеите владеат со светот. И иднината.  

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач