Декларација против злоупотреба на историјата
3 март 2022Историчари од Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, БиХ и Србија, вчера потпишаа Декларација „Да ја одбраниме историјата“ и ја осудија руската агресија на Украина.
„Го осудуваме фалсификувањето на историјата, нејзината злоупотреба и користење на селективна историска аргументација за да се оправда воена политика и агресија кон суверената и меѓународно признатата држава Украина. Го креваме гласот во одбрана на својата професија и непреченото право на живот и афирмација на сите индивидуални и колективни идентитети, a во овој час, посебно за украинскиот идентитет и слобода на граѓаните и граѓанките на Украина", се наведува во соопшението што го пренесуваат регионалните медиуми.
Потписниците на Декларацијата потсетуваат дека злоупотребата на историјата во политички цели пред неколку децении довела до трагични војни на просторот на Југославија и затоа предупредуваат на oпасноста од манипулирање со минатото заради поттикнување омраза, предизвикување војна и оправдување на воени злосторства.
„Бараме од сите политичари, како во нашите земји, така и од релевантните политичари на меѓународната сцена, да водат одговорни политики, да престанат со злоупотреба на минатото и да не се потпираат на историчари, интелектуалци и интересни групи кои потпалуваат националистички страсти и шират говор на омраза за да остварат сопствени интереси“, се вели во соопштението на историчари од регионот, меѓу кои и од Северна Македонија.
Санстефанскиот сон
Гласот на историчарите во овој момент се смета за важен, ако се има предвид дека во руската „аргументација“ за „воената операција“ во Украина, покрај безбедносни аспекти од страна на Путин беа искажани и бројни ставови дека „ модерната Украина е целосно создадена од комунистичка Русија".
Ваквиот наратив, ги сврте рефлекторите кон наративот со кој денес се соочува Северна Македонија од страна на Бугарија: дека е измислена од Коминтерната, дека во времето на Тито започнал процес на масовна дебугаризација, дека Македонија нема национален идентитет пред 1944 година и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. На денешен ден, трети март, повторно се распламтуваат слични сентименти, кога Бугарија го одбележува националниот празник - 144 години од ослободувањето на Бугарија, односно од потпишувањето на Санстефанскиот договор за крај на руско-турската војна (1877-1878), со кој Бугарија добила голем дел од територијата на која се наоѓа денешната македонска држава.
Довчерашните неофицијални најави дека можеби празнувањето на трети март во Бугарија ќе биде во помал обем, пред сѐ, поради состојбите со Украина, предизвика жестока реакција од бугарската ВМРО-БНД.
„Причина за ставот на ВМРО се подигнатите гласови за откажување на државниот празник на Бугарија. Се разбира, овие гласови се солидно потхранети од разни странски интереси и центри на влијание, кои со децении имаат за цел да ја променат бугарската историја. А всушност споровите околу трети март не се ништо повеќе од синдром на недостиг на национална меморија“, наведува ВМРО-БНД.
Од партијата потенцираат дека „на историски план, Санстефанска Бугарија е базирана на идејата сите Бугари од бугарската земја - Вардарска Македонија, Егејска Македонија, Западна Тракија, Одринска Тракија, Северна Добруџа, Западните покраини и дел од Поморавјето, да бидат собрани заедно, во заеднички граници".
„И тоа е постигнато речиси во целост по Цариградската конференција од 1876 година. Санстефанскиот мировен договор е потпишан на трети март 1878 г. Тоа е последниот меѓународен договор, кој ги што ги обединува, не ги дели Бугарите и не ни ги кине земјите, кој собира еден народ на една земја, а не ги дели мајките од нивните деца и не ги дели семејствата со граници. Нарекувајте го како сакате, но трети март не е ден за чествување на руската велична, туку за чествување на надеждата за обновување на обединетата слободна бугарска нација", порачаа од партијата.
Без рестрикции
Стравувањата на ВМРО-БНД, сепак, се покажаа без основа, бидејќи празникот ќе се одбележи без рестрикции и во полн сјај, од страна на бугарскиот државен врв. Претседателот Радев напладне ќе учествува на церемонија пред Споменикот на незнајниот јунак во Софија, а премиерот и претседателот на Народното собрание попладнето ќе присуствуваат на чествување во главниот град, откако претходно ќе положат цвеќе пред Споменикот на слободата на планинскиот превој Шипка, каде што се воделе клучните битки. Таму уште вчера цвеќе положија руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, и нејзини соработници.
Во видеото што во јануари годинава го објави Руската амбасада во Софија, по повод 190 години од раѓањето на дипломатот Николај Игнатиев, кој е потписник на договорот од руска страна, се потсетува дека во негова чест во Бугарија биле именувани пет населни места, улици, булевар, училиште во Софија, а во Русија две населени места, улици, меѓународен аредром, р’т на руски остров, планински врв...
Руската амбасада во Софија не се откажа од чествувањето на овој празник, иако му претходеше одлуката на Бугарија да прогласи двајца руски дипломати за персона нон грата, кои во рок од 48 часа треба да ја напуштат земјата.