Скопје и Софија: ќе победи ли доброто сценарио?
30 ноември 2020Многу добро ги памтам темните години на режимот на Груевски, и затоа премиерот Заев за мене е светлина во тунелот, надеж за подобра иднина и му посакувам успех. Но, зад секој успех стои правилен план и пристап како да успееш, пишува во неговата анализа бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, претседател на Бугарија од 2012-2017 година.
Во воведот укажува дека политичкото раководство на Скопје преземало погрешен чекор и направило историска грешка пред 25 години, кога решило да се конфронтира со Грција, земја- членка на ЕУ и НАТО, заборавајќи дека основни принципи на тие организации се консензус, компромис, добрососедски односи... Според Плевнелиев, ако тогаш бил избран компромис и соработка со Грција, Република Северна Македонија ќе се присоеднела кон ЕУ заедно со Бугарија, Романија или Хрватска, ако не и порано. Притоа повлекува паралела дека лидерите на земјава денес се исправени пред истата дилема - да се конфронтираат или да соработуваат со Бугарија, земја-членка на ЕУ и НАТО.
„Големата драма на Владата на Република Северна Македонија не е Бугарија, туку прво - наследството и идеологијата на комунистичкиот диктатор Тито, поддржана од силно српско-руско влијание, и второ – идејата за „Голема Албанија“, која е фиксирана во сознанието на Албанците во Северна Македонија. Второто е навистина големиот проблем и тој може да биде решен само ако Република Северна Македонија и Република Албанија преговаарат и се присоединат во ЕУ заедно“, пишува Плевнелиев.
Според него, на тој план Албанија е понапредна и работи засилено - го осудила комунистичкиот режим, ги отворила архивите на тајните служби, ги сменила учебниците според неманипулирана историја за комунистичката диктатура, спровела попис и го гарантирала постоењето и правата на различни малцинства, вклучително и на бугарското. За разлика од тоа, вели дека во Северна Македонија, Србија и Русија, Тито и Сталин се претставени како херои, архивите остануваат нечепнати исто како и учебниците, дека во земјава не е спроведен попис и дека продолжува одрекувањето оти постојат граѓани со бугарско етничко потекло, спротивно на фактот што повеќе од 100.000 граѓани на Северна Македонија поседуваат бугарски пасоши откако го докажале бугарското потекло.
„Раководството во Скопје не треба да очекува дека Бугарија ќе се откаже од богатата историја под меѓународен пристисок. Не е добар план премиерот Заев да продолжува да настојува за македонско малцинство во Бугарија, бидејќи тоа никогаш не постоело. Во Скопје се загрижени дека Бугарија нема да го признае нивниот идентитет и јазик. Тоа не е вистина“, вели поранешниот бугарски претседател.
Бев шокиран од Иванов
Плевнелиев укажува дека длабоката разочараност во Бугарија е затоа што Договорот за добрососедство не ги дава очекуваните резултати: „нема променет однос кон историјата, нема промена во учебниците, видлив е говорот на омраза кон граѓаните со бугарско потекло и останува наративот проектиран од времето на Тито дека тие се ‘татари, фашисти и окупатори'".
Тој потенцира дека она што го сака Бугарија е навистина да почне да се применува Договорот и да даде резултати, бидејќи и Декларацијата од 1999 година била „еднострано исеченa на парчиња од режимот на Груевски“ и воопшто не профункционирала.
„На денот кога бев избран за претседател на Бугарија, сите поголеми медиуми во Скопје напишаа дека Бугарите избрале Македонец за претседател. Во искрен разговор со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, бев шокиран кога дознав дека тој навистина верува оти додо ми е Македонец. Тој ме обвини дека сум го заборавил наследството на моите дедовци, за кои тој отворено веруваше дека се ‘Македонци’. Тешко е да се разбере такво ирационално однесување, но лично сум сведок на тоа“, пишува Плевнелиев.
Лошото сценарио
Имајќи го предвид сето она на што претходно укажал, смета дека има добро и лошо сценарио во односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
„Лошото сценарио е ако Скопје реши дека добитната стратегија е да продолжи да се претставува како жртва на Грција во минатото, а денес на Бугарија. Ќе организираат кампањи, ќе лобираат, како што правеа во последните 30 години, но ќе загубат драгоцено време за неопходните длабоки реформи. Тоа статус кво ќе работи само за Србија и Русија, кои продолжуваат да влеваат антибугарски чувства и да отцртуваат линии на поделба во Република Северна Македонија. За разлика од Скопје, Тирана ќе продолжи со програмата за реформи. Ако Северна Македонија задоцни премногу во споредба со Албанија во процесот на интеграција кон ЕУ, тоа може да предизвика голем проблем, кој дури може да го доведе во прашање нејзиниот територијален интегритет, што ќе биде недозволиво за демократскиот свет“, оценува поренешниот бугарски претседател.
Тој укажува дека ако премиерот Заев го пропушти моментот за решавање на овие недоразбирања сега, со премиерот Борисов, „следната година ќе биде потешка, бидејќи има веројатност во Бугарија да има нова влада од леви и десни популисти, како Нинова, Слави Трифонов, Маја Манолова и други под шапката на претседателот популист Радев, кој веќе и јавно повикува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ да биде запрен, се додека не биде постигнато јасен обрзувачки билатрален договор меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за расчистување на сите билатерални прашања".
Доброто сценарио
Според Плевнелиев, доброто сценарио е премиерот Заев да започне длабоки реформи, воведувајќи европски вредности и принципи насекаде – во политиката на земјата, во институциите, во учебниците, во тајните служби, во општеството, во пристапот кон историјата. „Бидејќи Република Северна Македонија сака да се присоедини во ЕУ, таа треба сега да даде пат за владеење на правото, вклучително на Договорот со Бугарија, на поврзаноста, вклучително на Коридорот 8, на човечките права и правата на малцинствата, вклучително на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско потекло. Вистината за историјата, а не за манипулираната историја, е здрава основа за воспитувањето на следните поколенија граѓани на Република Северна Македониа и таа треба да влезе во нивните учебници скоро, ако не веднаш", порачува Плевнелиев.
Смета дека ако Северна Македонија даде гаранции и јасен ангажман за тоа, вратата за преговори може да се отвори во декември.
Како понатаму?
Според Плевнелиев, добар почеток ќе биде ако Заев и Борисов продолжат да разговараат, преговараат и прават компромиси: Заев да покаже добра волја со елиминирање на вештачкото прашање за „македонското малцинство“ во Бугарија, а Борисов да ја прифати реалноста во Северна Македонија. Исто така, оценува дека заедничката Комисија за историски и образовни прашања може да биде проширена со ценети историчари од Европа, за да почне брзо да дава објективни резултати. Но, укажува и дека Софија треба да има повеќе трпение.
„Софија треба да разбере дека позитивните резултати нема да дојдат веднаш, но ако ги добие соодветните гранции ќе треба да даде шанса. Зашто вистина е и спротивното - ако Република Северна Македонија биде запрена или забави драстично на патот на европска интеграција, тоа им служи целосно на интересите на Србија, Русија, Турција и други, и ја ризикува кревката стабилност на Балканот. Со тоа Бугарија ризикува да не биде разбрана во ЕУ и НАТО, и повторно да се најде на погрешната страна на геополитичката шаховска табла, со тешки последици за неа“, предупредува Плевнелиев.
Тој укажува дека Бугарија има стратегиски интерес за мир и стабилност околу нејзините граници, вклучително и со РСМ, а тоа може да се постигне ако источната сосетка целосно се интегрира во ЕУ, „колку побрзо, толку подобро“. Притоа потсетува дека Бугарија била многу помалку подготвена за почеток на преговорите кога и ја отвориле вратата во 1999 година, отколку што е сега Република Северна Македонија, затоа што веќе е членка на НАТО.
„Нам тогаш ни дадоа шанса и тоа беше целосно геополитичко решение, со затворање на очите за многу повеќе несовршености кои Бугарија ги имаше на датумот за почеток на преговорите, отколку Република Северна Македонија денес“, признава Плевнелиев.
На крајот повикува да не се пропушта моментот за наоѓање на решение.
„Се наоѓаме во историски момент. Бугарија носи голема одговорност за тоа што се случува во регионот. Решенијата кои ќе се донесат оваа недела во Софија, Скопје, Берлин и Брисел, со сигурност ќе го сменат правецот на развој. Се надевам дека ќе биде за добро. Посакувам успех“, пишува поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев во анализата објавена во „24 часа“.
Тој е член и на „Пријатели на Македонија" неформална организација на бројни светски политичари политичари кои го поддржуваат интеграцискиот пат на Северна Македонија.