1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историска средба на Металург и Вардар

ЕМФ/макфакс/миа14 ноември 2013

Големите ракометни ривали, Металург и Вардар, денеска (14.11) ќе го одиграат градското и балканското дерби, прво од ваков вид во Лигата на шампиони, со што ќе влезат во историјата на елитното натпреварување.

https://p.dw.com/p/1AHSm
Фотографија: Agentur Makfax

Додека навивачката еуфорија во пресрет на мечот го достигнува максимумот, тренерите на Металург и Вардар ја „спуштаат топката на земја“. Лино Червар и Андон Бошковски сметаат дека и двата тима имаат подеднакви шанси за победа. Металург има проблеми со повредени играчи, и како што рече Червар, до последен момент тој нема да знае дали ќе смета на услугите на одредени играчи. Филип Миркулоски е повреден, а Никола Маркоски е болен. Во составот најверојатно ќе бидат недоволно опоравените Атман, Јоновски и и Велко Маркоски, но по колку минути ќе минат на теренот е неизвесно. Кај Вардар неизвесен е настапот на голманот Ангелов и на Недановски.

Според Червар, Скопје денеска „ќе биде ракометен центар на Европа“. Тој најави дека од своите играчи ќе бара тактичка дисциплина и максимална борбеност.

„Ние ќе мора нашите недостатоци да ги надополниме со голема тактичка дисциплина и борбеност. Ова не е натпревар за слабаци, ова не е натпревар за оние кои мислат да шетаат по теренот, за оние кои не мислат да играат одбрана. Ова е натпревар за вистински борци и ентузијасти, за кои ваков противник е предизвик. Нам ни се потребни играчи кои ќе се жртвуваат за доброто на тимот.“

Крилниот играч на Металург, Дејан Манасков, оцени дека средбата со Вардар на европско ниво е голем успех за македонскиот ракомет и спортот во Македонија воопшто. „Вардар формира добар тим, со докажано европски играчи. Не очекува тежок натпревар“, рече Манасков.

На интернет страницата на Вардар, Андон Бошковски пред натпреварот напиша дека тој е „историски“.

„Првпат во историјата на Лигата на шампионите, две екипи од ист град се среќаваат во групната фаза, факт што самиот по себе му дава тежина на овој натпревар. Се надевам дека мојата екипа ќе игра, ќе се натпреварува, а дали тоа ќе биде доволно за победа ќе видиме на самиот натпревар. Јас се надевам на успех, го респектираме противникот и мислам дека шансите за триумф се 50:50.“

На чело на табелата во групата Ц е Барселона со 7 бодови. Металург има 6 бодови, Вардар 4, Динамо Минск 4, ПСЖ 3, Вакер Тун 0. Натпреварот ќе го судат данските судии: Мартин Гјединг и Мадс Хансен.

Денеска се играат уште два натпревара од групите од Лигата на шампионите. Од Ц групата во Минск кај Динамо гостува Барселона, додека во рамките на А групата се игра дуелот меѓу Рајн Некар Ловен и Загреб КО, каде функцијата делегат ја има Драган Начевски од Македонија.