Истмед - голем проект со замки
2 јануари 2020Голема железничка станица во Грција: денеска се очекува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на тридневна посета во Атина. Претседателот на Кипар, Никос Анастасијадис божиќните празници ги мина во Атина. На свечена церемонија грчкиот премиер Кирјакис Мицотакис сака со неговите гости да потпише договор за изградбата на Истмед. Преку 1900 километри долгиот подводен гасовод Израел од 2025 година треба да испорачува гас во Европа. Најважен клиент е Италија. И земји од југоисточна Европа треба да профитираат од проектот, кој според атинскиот „Уреднички весник” треба да биде „најдолгиот подводен гасовод на светот”.
Економски-либералниот весник Филефтерос пишува за „историски договор“. Со проектот очигледно ќе биде засилена енергетската дипллматија во светот. Претстојниот викенд министрите за надворешни работи на Египет, Грција и Кипар во Каиро ќе разговараат за натамошни опции за соработка. На 7 јануари секретарот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, ќе до патува во Кипар. Со тоа сите вклучени испраќаат пирака дека во источниот дел на Средоземно море нештата се придвижуваат. Но, што точно се случува?
Повеќе на темата:
-Ново партнерство во источен Медитеран
На грчката државна телевизија ЕРТ Истмед постојано се опишува како „штит против провокациите од Турција“. Со тоа е јасно дека планираниот гасовод од гледна точка на Атина е одговор на најновото зближување на Турција со меѓународно признатата влада на Либија. За потсетување: Грција, Кипар и Турција со години се расправаат за наоѓалиштата на гас во источниот дел од Средоземно море. Кон крајот на 2019 година Либија и Турција потпишаа договор кој заедничката економска зона ја дефинира според нивните желби и претсрави и голем дел од источниот дел на Егејот го поделија меѓу себе. Со тоа морскиот потег источно од Крит е под турска контрола. Но, токму таму треба да се протега и дел од гасоводот Истмед. Дали имаме директен конфликт меѓу Грција и Турција во најава? Во интервју за ЕРТ кинзервативниот министер за енергетика на Грција, Костис Хацидакис, воздржано вели: „Ердоган има свои ставови и ние исто така. Ние се повикуваме на меѓународното право и сме убедени дека сите земји кои се важни за регионот ќе бидат на наша страна“.
Прашањето за Италија
Мал удар за проектот Истмед е тоа што Италија при потпишувањето на договорот пред се привлече внимание со своето отсуство. Според грчките медиуми, во самата италијанска влада имало различни ставови за новиот проект. Заменик портпаролот на кипарската влада Панагујотис Сентонас во интервју неодамна изјави дека Италија „од технички причини“ нема да го потпише договорот во Атина. Но, присутен ќе бил „претставник“ од Рим кој не беше именуван. Министерот за енергетика на Италија, Стефано Патуанели, во вторникот во писмо до неговиот грчки колега Хацидакис експлицитно пишал дека Италија ја поддржува изградбата на гасоводот и се залага за проектот Истмед и во рамки на ЕУ. За да може да ја одигра улогата на клучен клиент Италија би морала во сопствена режија дс изгради дополнителен подводен гасовод кој ќе ја поврзе земјата со грчкото пристаниште Игуменица на северозапад.
Сомнеж за рентабилноста
Гасоводот Истмед пред сѐ има важна геополитичка димензија, вели Алекс Лагакос, вицераководител на атинскиот тинк-тенк „Грчки енергетски форум“ во разговор за ДВ. Овој експерт сепак има сомнежи околу рентабилноста на гасоводот. Прво, трошоците се огромни: најмалку 10 милијарди евра. Фактот дека Грција, Кипар и Израел го одобруваат проектот не значи дека имаат капитал за да го спроведат брзо, смета Лагакос. Финансиска поддршка од ЕУ засега не е на повидок, бидејќи Европа се откажува од фосилните горива и се префрла на еколошки извори на енергија. Во Брисел има нова агенда.
Заклучок: „Гасоводот Истмед ќе мора целосно да биде финансиран од приватни извори и тоа ќе биде тешко“. Дали еден гасовод во источниот Медитеран ќе биде атрактивен за приватни инвеститори? Со оглед на преголемата потрошувачка на гас на светскиот пазар експертот е скептичен. Освен тоа – „Сѐ повеќе клиенти се ориентираат на увоз на течен гас (ЛНГ) преку морските пристаништа. Зошто клиентот да биде долгорочно врзан за гасовод кога може во секое време флексибилно да купува ЛНГ и тоа поволно?”, се прашува Лагакос. Но, на новиот гасовод не му недостасува ништо. На 8 јануари претседателите на Русија и Турција сакаат да го пуштат во употреба турскиот гасовод – Турски тек во Црното море. Целта е преку Турција да се испорачува руски гас во Европа. Останува да се види дали Истмед и Турскиот тек ќе се надополнуваат еден со друг, или ќе си бидат конкуренција.