Иста плата за иста работа!
25 март 2011Мажите во Германија заработуваат во просек 23 проценти повеќе отколку жените, тоа значи дека жените за истата плата мора да работат три месеци подолго. Овие разлики во руралните средини во Германија се за 10 проценти повисоки, вели Габриеле Штурм од Сојузниот институт за градба, град и истражување на просторот. Околу 13 милиони Германци живеат во села:
„Луѓето кои живеат во рурални средини се задоволни со својот живот и таму се чувствуваат добро. Но, таму животниот мир и претставите за животот се традиционални. Делумно, 40 проценти од жените извршуваат таканаречени ’мини џобс’, односно активности со под 400 евра месечна заработувачка. По правило, тоа се објаснува со поделбата на работите во семејството.“
Недостасуваат работни места во руралните средини
Инке Штут Јирс е земјоделски инженер и работела во државна институција, оддалечена само неколку километри од местото на живеење. Откако го родила второто дете, била преместена во првиот поголем град, така што дневно морала да патува повеќе од два часа Ова оптоварување било премногу за младата мајка на две деца. Морала да се откаже од сигурното работно место и се вратила да живее во рурална средина.
Ова не е чест случај кај младите жени, појаснува Габриеле Штурм:
„Изјавата ’Морам да се преселам од професионални причини’ е важна работа, бидејќи точно покажува дека руралните средини не нудат доволно работни можности. Кон ова се надополнува дека младите жени се многу помобилни, отколку младите мажи и многу побрзо одат во град. Во некои рурални средини регистрирани се 100 проценти мажи на возраст од 18 до 30 години и помалку од 80 проценти жени во истата старосна група.“
Доколку не се сменат лошите услови за вработување на жените, во Германија вистински ќе замрат руралните средини. Уште сега честопати не може да се најде ни пошта, ниту банка, или пак некаква културна институција во селата.
Помали плати за жените во банките, во кујните, во пошта ...
Неправедност постои и кај примањата меѓу жените и мажите и во градовите. Во банките, жените во просек заработуваат 30 проценти помалку од мажите; една готвачка заработува дури 40 насто помалку од нејзиниот колега. И поштарите жени и мажи не добиваат иста плата, жените 2 проценти помалку. За да се постигне напредок Германскиот сојуз на правници се залага за воведување закон, кој ќе пропишува дека една работа треба да биде еднакво платена, без оглед дали ја извршува маж или жена. Во меѓународни рамки, за споредба, Швајцарија и Канада усвоија закон кој гарантира иста плата за иста работа, по што нивото на примањата на жените забележа нагорен тренд.
Автор: Хенриете Вреге / Александра Трајковска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска