1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламот на Балканот не е радикален

29 март 2011

Проблеми се создаваат кога политиката се меша во верата. Ова е пораката која денеска (29.03.2011) од конференцијата во Скопје ја испратија лидерите на исламските верски заедници од балканските земји.

https://p.dw.com/p/10jf1
Џамија во КосовоФотографија: Filip Slavkovic

Иако сите признаа дека толкувањето на верата се соочува со одредени предизвици, лидерите на исламските верските заедници од Балканот собрани денеска во Скопје се категорични дека нема опасност од увоз на проблематични исламски структури.Исламот на Балканот е стара религија и нема врска со радикални структури.

Автохтони муслимани

Лидерот на Исламската заедница од Косово, Наим Трнава не стравува дека во неговата земја како млада држава може да дојде до искривување на сликата на традиционалниот Ислам.

Ramadan Mazedonien Islam Fastenmonat
Молитва за Рамазан во МакедонијаФотографија: Sveto Toevski

„ Воопшто не се плашиме бидејќи Исламот на овие простори е присутен повеќе од 600 години и ние сме способни во заедничка соработка да го спречиме секој обид за навлегување на радикален ислам“.

Неџат Крабус, водачот на муслиманите од Словенија вели:

„Исламот е толку длабоко вкоренет на Балканот што мислам дека предизвиците со кои се соочуваме ќе минат и долгорочно неможат да остават последици бидејќи тука се работи за автохтони муслимани кои практикуваат ислам со векови. Ако политиката не се замеша сигурен сум дека Исламот ќе се толкува во вистинска смисла“.

Со иста теза се огласи и поглаварот на ИВЗ од Македонија Сулејман Реџепи.

Да се поттикне враќањето на имотите

Главна цел освен овие оптимистички пораки, на средбата на исламските верски лидери во Скопје беше да го поттикнат процесот на денационализација на верските имоти. ИВЗ во Македонија е незадоволна од процесот.

Духовни водачи разговараа за враќање на вакуфските имоти и ги споделија меѓусебните искуства. На овој своевиден самит учествуваа верски лидери од Македонија, Албанија Косово, Црна Гора, Словенија,Бугарија, Романија. Според проценките на ИВЗ во Макеоднија се вратени едвај десетина проценти од имотот што заедницата го бара за денационализација. Освен ова прашање проблематично особено во последниот период во Македонија е обвинувањето на ИВЗ на адреса на Владата дека го форсира христијанството на сметка на останатите религии. Хармонијата во верските односи ја наруши инцидентот на музејот црква на скопската тврдина.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски