1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ислам во БиХ: Специјални работилници против екстремизам

Здравко Љубас
28 јануари 2017

Исламската заедница во БиХ е решителна во спротивставувањето на сите видови екстремизам и радикализам, а своите искуства ги дели со исламскиот, но и западниот свет

https://p.dw.com/p/2WWAQ
Bosnien und Herzegowina - König Fahd-Moschee in Sarajevo
Фотографија: DW/Z. Ljubas

„Исламската заедница во БиХ (ИЗ БиХ) со повеќевековна традиција на мисионерска работа, задолжена е за верскиот живот на своите припадници и членови. Во тој контекст се започнати активности и проекти кои имаат цел да спречат ширење на различни видови верски радикализам и екстремизам на кои зедницата и целото општество се изложени“, изјави реисот-улема од Исламската зедница на БиХ, Хусеин Кавазовиќ на конгресот одржан неодамна во Кувајт на тема „Борба против идеолошкиот екстремизам, меѓу реалноста и очекувањата“. Медина Мехмедовиќ-Мулалиќ, стручен соработник за односи со невладините организации во Управата за надворешни работи на Ријасетот ИЗ БиХ, појаснува дека акцентот е ставен и на работа со младите, преку проект финансиран од Кралството Норвешка, реализиран во џематите преку едукација на имами и млади за различни видови зависност, верски екстремизам и идеолгија. Во фокусот биле неколку проблеми со кои младите денес најчесто се среќаваат.

Опасност од сајбер-муфтии

„Најчесто станува збор за злоупотреба на деца на интернет, неконтролирана употреба на интернет, а токму таму младите луѓе прво ќе најдат некои сајбер-муфтии, па токму тоа беше важно да се укаже во превенцијата: да им се укаже на младите луѓе на што сѐ може да налетаат на интернет, какви опасности демнат таму, кои страници можат да бидат погубни за нив“, објаснува Мехмедовиќ-Мулалиќ во разговор за Дојче веле. Проектот се занимавал и со опасностите од кладилниците, но и екстремистичките идеологии и учења „кои денес, за жал, најчесто се врзуваат за исламот, иако, гледајќи ја глобалната слика на светот, терористичките напади денес не ги вршат само поединци кои се повикуваат на исламот, туку и различни други верски групи, односно секти и идеологии.“ 

Bosnien und Herzegowina - Medina Mehmedovic-Mulalic, norwegisches Projekt gegen religiösen Extremismus
Медина Мехмедовиќ-МулалиќФотографија: DW/Z. Ljubas

Во рамките на шестмесечниот проект започнат на почетокот на минатата година, бил организиран и камп за млади луѓе, во кој биле собрани 50 млади луѓе од цела БиХ, кои биле ангажирани во низа работилници во кои теми биле самодоверба, толеранција, разбирање на другите и поинаквите. Младите биле обучувани и за вклучување во работата на невладини организации и делување преку нив, односно поттик на креативен начин на дејствување за да не западнат во групи, секти и зависности кои можат да ги одведат на лоши патишта. 

Посебно внимание било посветено на деца од ризични семејства, со кои работеле едукатори со помината специјална обука. „Тоа се деца од социјално загрозени семејства, од разведени родители или семејства во кои родителите веќе загазиле во екстремни идеологии“, истакнува Медина Мехмедовиќ-Мулалиќ.

Норвешкиот проект, според неа, има вистинска смисла и резултатите се видливи, зашто младите кои поминале низ него своите искуства ги пренесуваат натаму во своите заедници, а подготвена е посебна брошура за опасностите кои демнат на интернет. Крајот на овој проект не е и крај на слични активности. ИЗ во БиХ веќе работи на сродни проекти, со проширени активности, а значаен е интересот и на амбасади на западните земји, со оглед на тоа што во ИЗ БиХ препознаваат партнер со водач, систем, нормативни акти и цела структура за држење на работите под контрола.

Bosnien und Herzegowina - Muhamed Jugo, norwegisches Projekt gegen religiösen Extremismus
Мухамед ЈугоФотографија: DW/Z. Ljubas

Признание од Запад

Европските земји, како што тврди Мухамед Југо, стручен соработник во Одделението за западен свет во Управата за надворешни работи и дијаспора на ИЗ БиХ, го препознаваат и ценат моделот на организација на ИЗ БиХ, па чести се и обраќањата за совети во поглед на институционализација на слични заедници во европските земји. За организирање заедници според босанско-херцеговскиот модел се заинтересирани бројни европски земји, меѓу кои Германија, Швајцарија, Унгарија, а од Австрија барале совети за обука на исламски верски службеници, имами.

Југо за Дојче веле истакнува дека ријасетот одржува контакти со бројни меѓународни организации, а во Брисел има и регистрирано седиште. Активностите на меѓународен план се насочени кон броба против екстремизмот, но и заштита на интересите на муслиманите. Реисот Кавазовиќ добил покана од досегашниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во мај да присуствува на конференција во Берлин посветена на изграбата на стабилен мир и меѓуверска соработка, во што БиХ секако има искуство.