1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народните муџахедини во Албанија

Ани Руци/В.Филај-Балвора/ЕМФ29 март 2016

Додека во Европа се води спор околу распределбата на бегалци, Албанија тивко прима поранешни борци од Иран. Земјата наскоро може да стане нова татковина за околу 3000 ирански народни муџахедини.

https://p.dw.com/p/1IKri
Поддржувачи на МЕК во Женева, Швајцарија (април 2012 година)Фотографија: dapd

Повеќекатница во околината на Кашари, некаде меѓу Тирана и Драч, во близина на автопатот. Куќата е заградена со железна ограда, портата е од тежок метал. Вратата ја отвора маж на околу 50-годишна возраст, со очила, тип на интелектуалец. Добро зборува англиски. Претпазливо ја отвора железната порта и го води гостинот во мало сопче веднаш до влезот. Во сопчето има само пластична маса, на нејзе лаптоп, електрична печка, црно-бели фотографии на ѕидот, слики на лидерите на иранските народни муџахедини во егзил: брачната двојка Масуид и Маријам Раџави. Постар човек со брада и очила нуди кафе. „Иранска гостопримливост“, ми вели на англиски, воздржано насмевнувајќи се.

Човекот кој ја отвори вратата се вика Фарзин Бахадур Гурдази и вели дека е еден од водачите на иранските опозициони организации во егзил. Тој, како што тврди, е и лидер на групата народни муџахедини кои се сместени во куќата и лице кое смее да зборува со претставници на медиумите. Раскажува дека пред 4 месеци од поранешната американска воена база „Либерти“ во Ирак дошол во Албанија заедно со група од 20 други народни муџахедини. „Дваесет години живеев во камповите „Ашраф“ и „Либерти“ во Ирак и сум еден од оние кои ги преживеаја иранските напади на овие кампови“, раскажува Фарзин Бахадур Гурдази.

Страв од тајната полиција

Вистинското име на Фарзин Бахадур Гурдази е поинакво, но тој го користи овој псевдоним. Зашто, „ако иранските тајни служби откријат дека сум во Албанија, може да биде доведен во опасност животот на моите пријатели и роднини кои сѐ уште се во Иран, а загрозен е и мојот живот“, вели тој во разговор за ДВ. Стравот да не биде откриен од иранските тајни служби се чини дека е најголемата грижа на народниот муџахедин. Затоа тој е многу претпазлив. Никаде во куќата не смее да се фотографира, дури ни во малото сопче, а за надворешниот изглед на објектот и да не зборуваме. Сите имаат преголем страв од тоа. Според експертите, ваквата загриженост е оправдана. Познатиот албански истражувачки новинар Артан Хоџа смета дека неговата земја тешко би можела логистички да згрижи и од напади да заштити голем број ирански народни муџахедини.

Муџахедините беа донесени во најсиромашната земја во Европа од страна на Американците од поранешната американска воена база „Либерти“ во Ирак. Тие се членови на организацијата „Муџахедин-е-Калк“ (МЕК), која порано беше означена како терористичка организација. Меѓутоа во 2012 година Вашингтон ја избриша групата од листата на „странски терористи“.

NCRI Maryam Rajavi Massoud Rajavi NWRI.
Плакати на Масуид и Маријам Раџави, лидери на иранските народни муџахедини во егзил (камп Ашраф, 17.06.2006)Фотографија: ALI YUSSEF/AFP/Getty Images

Против Шахот и против Хомеини

Народните муџахедини се група која во 70-тите години на минатиот век со ајатолахот Хомеини го собори од власт Шахот во Иран, меѓутоа потоа дојде во судир со новиот властодржец. „Во тоа време народните муџахедини беа одговорни за напади и политички убиства“, објаснува германско-иранскиот експерт Али Садрзадех во разговор за ДВ. На крајот, тие завршија во подземје и во егзил. Во 80-тите години скривалиште најдоа во Ирак, токму кај смртниот непријател на Иран, Садам Хусеин.

Експертите се единствени во ставот дека народните муџахедини подоцна им давале поддршка на САД во нападите во Ирак, при различни акции на Блискиот Исток и во борбата против тероризмот. И при објавувањето на иранската атомска програма тие наводно играле важна улога, вели Садрзадех. По крајот на војната во Ирак во 2003 година, групата МЕК од кампот Ашраф беше разоружана од страна на американската армија. Оттогаш, нејзините членови се третираат според одредбите на Женевската конвенција.

По соборувањето на Садам Хусеин, меѓутоа, нивното останување во Ирак стануваше сѐ попроблематично, затоа што шиитската влада ги гледаше како илегалци. Затоа тие сега треба да ја напуштат земјата со помош на САД. Пред народните муџахедини да дојдат во Албанија, САД за нив бараа сместување и на други места, меѓу кои и Романија. Меѓутоа, Букурешт одби. УНХЦР предложи членовите на МЕК да бидат распоредени индивидуално во различни земји. „Меѓутоа, нивните лидери инсистираа групата да биде префрлена заедно, во една земја“, нагласува германско-иранскиот експерт Садрзадех. Во други европски земји прием на народни муџахедини би бил тежок, зашто „земји како Велика Британија, Франција или Германија со тоа би ги влошиле своите односи со Иран“, нагласува експертот.

Lager Iranische Volksmudschahedin im Irak ARCHIVBILD 2012
Припадник на ирачките безбедносни сили во кампот „Либерти“ во ИракФотографија: Ali Al-Saadi/AFP/Getty Images

Стариот идеал во нова татковина

На крајот, во 2013 година согласност даде Албанија, еден од најверните партнери на САД во регионот. Тогашната влада склучи договор со САД за прием на поранешни ирански борци од Ирак. Во меѓувреме, во Албанија се префрлени 829 муџахедини, се вели од УНХЦР. Според американски медиуми, би требало да следуваат уште поголеми контингенти. Се зборува за вкупно околу 3000 лица.

Во писмената изјава за ДВ од УНХЦР се вели дека тие две години го поддржуваат процесот на населување на народните муџахедини во Албанија, каде живеат мирно. Оваа група интерно доживеа пресврт и сфати дека мина времето на политички атентати и терор, оценува и експертот Али Садрзадех. Според него, тие сега сакаат да водат невооружена борба.

Некогашните борци сега имаат статус на политички бегалци во Албанија, вели Фарзин Бахадур Гурдази. Неговата група, како што тврди, ги почитува правилата во земјата: „Се пријавуваме во полиција кога менуваме станови или кога се движиме од едно место на друго.“

Тој нагласува дека заедно со останатите е радосен и благодарен што Албанија им нуди заштита и што се чувствува безбеден. Вели дека имаат добро разбирање со локалното население. „Понекогаш имаме контакти и ја чувствуваме гостопримливоста на земјата“, вели Гурдази мирно, додавајќи дека нема намера да ја напушти Албанија во догледно време.