1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернет „филтер“

22 ноември 2011

Од денеска (22.11.2011) во Турција треба да биде воведен спорниот „филтер за интернет“, со кој владата сака да ги заштити граѓаните од порнографски содржини и сепаратистичка пропаганда.

https://p.dw.com/p/13ELH
Фотографија: kebox - Fotolia.com

Наспроти бројните критики од земјата и странство, турските корисници на интернет од денеска веројатно ќе имаат ограничен пристап до светската компјутерска мрежа. Т.н. „филтер“ требаше да биде воведен уште пред три месеца. По најавата на владата во Анкара се крена голем јавен протест, во чии рамки на улица излегоа повеќе десетици илјади лица. И во медиумите и интернет-форумите најавата наиде на остра критика. Со оглед дека во јуни во Турција се одржуваа и избори, воведувањето на „филтерот“ беше откажано за 22 ноември, наводно поради технички причини.

„Недолични содржини“

Подлогата за ваквото филтрирање на содржините на интернет е уредбата на владата на полето на заштитата на потрошувачите, а во рамките на Законот за електронска комуникација. Таа предвидува заштита на децата и младите од „недолични содржини“ преку интернет. Освен тоа владата сака да ги заштити граѓаните од пропагандата на Курдската Работничка Партија, ПКК, која ја смета за терористичка организација. За таа цел владата ангажира посебна комисија составена од 11 експерти, кои меѓутоа сите до еден се соработници на министерствата за информации и за семејни прашања - независни експерти нема. На списокот, што го изготви комисијата, се наоѓаат дури 130 термини, кои ќе бидат „филтрирани“. Меѓу нив се и „порно“, „секс“ и „инцест“, но исто така и „маќеа“ и „геј“. Дури и зборот „забрана“ е забранет!

Montage YouTube Türkei
Фотографија: AP/DW

Три опции

Надлежната служба за спроведување на „филтрирањето“ порача дека нуди три разни пакети: за деца, за семејства и за „домашна употреба“. Уште не се знае што точно филтрира кој од овие пакети. Првично беше предвидено секој корисник да мора да се определи за една од трите понудени варијанти. Ако тоа не го стори, тогаш треба автоматски да добие т.н. „основен пакет“, значи умерен филтер. Според најновите информации на Службата за регулирање на телекомуникациите, „основниот пакет“ го нема и оние кои нема да се решат за еден од трите понудени пакети ќе останат на поранешниот „нефилтриран“ систем.

Computerschule in der Türkei
Ученички од средно училиште во Турција на курс за компјутериФотографија: AP

Ионака добро исфилтрирани

Турските корисници на интернет меѓутоа веќе подолго време имаат ограничен пристап до светската компјутерска мрежа и без споменатите пакети и филтри. Посебен закон имено овозможува блокирање на одделни портали ако постои сомнеж во нивната содржина. Законот исто така овозможува граѓаните да побараат блокирање на некоја интернет страна, доколку сметаат дека таа ги повредува нивните индивидуални права и слободи. Според информациите на „Репортери без граници“, во Турција моментално има околу 7.000 интернет страници кои се комплетно или барем делумно блокирани. Меѓу нив се и такви од општ карактер како Гугл-аналитикс, Гугл-ед-вордс, Гугл-докс, Мај-спејс и Вимео. Во повеќе наврати беше блокиран и пристапот до порталот за лични видео-снимки, Ју-тјуб, кој во Турција е многу омилен. Поради тоа „Репортери без граници“ ја ставија Турција на списокот земји кои се непријателски настроени кон интернет. Критики дојдоа и од Европската комисија и од ОБСЕ.

Автор: Мурат Челиккафа / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски