1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

МВР апси, членовите отвараат нови „Јавни соби“

ДТЗ /ДВ
28 јануари 2021

По бројните реакции, на апликацијата Телеграм е затворена контроверзната група „Јавна соба“. Претходно, премиерот Заев се закани дека државата ќе го блокира Телеграм.

https://p.dw.com/p/3oXRK
Messenger Telegram
Фотографија: picture alliance/dpa/D. Feoktistov/TASS

„Телеграм“ ја затвори групата „Јавна соба“ во која илјадници членови од земјава споделуваа експлицитни фотографии и видеа од девојки од С. Македонија, меѓу кои имаше и малолетнички, јави агенцијата Миа*. Групата не може да се отвори, бидејќи, како што пишува „истата била користена за порнографски содржини“. 

Претходно МВР го стегна обрачот околу креаторите и членовите на групата „Јавна соба“, кои по една година повторно се осмелија да ги активираат нелегалните активности на интернет, загрозувајќи ги личните податоци, фотографии, телефонски броеви на девојки и малолетнички од земјата, кои станаа лесен плен за престапниците. Откако медиумите известија за новите злоупотреби, а државниот врв обединето повика на итни мерки и казни за креаторите на групата, полицијата информираше дека се приведени четворица членови на „Јавна соба“. Се бара кој стои зад групата, особено што нелегалните активности не престануваат. Се затвора една, но веднаш се отвораат неколку други групи. Илјадници корисници на Телеграф веднаш добиваат нотификација за промената. И скандалозните споделување на разголени фотографии на девојки и понатаму продолжуваат - овојпат во нова „срамна соба“. 

Приведени четири лица

Четири лица се приведени (двајца од Битола, еден од Велес и еден од Штип), директни учесници во Јавна соба на Телеграм. „Се работи на откривање кој ја креирал ваквата група и кои се биле членови. Секој еден кој се наоѓа во групата ќе се истражи и ќе понесе кривична одговорност“, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 
Премиерот Зоран Заев најави и поригорозни мерки. До социјалната мрежа Телеграм се испратени категорични барања да ја избрише групата „Јавна соба“. Ако не го сторат тоа, Заев најавува дека е можно да се блокира апликацијата. 

„Нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување“, објави на социјалните мрежи премиерот. Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“, каде се споделува порнографска и приватна содржина од граѓани, како и детска порнографија, ќе се разгледа и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во земјата.

-повеќе на темата: „Јавна соба“ со мрачни тајни 

„Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела“, напиша премиерот. Тој изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денеска платформата ќе одговори на бројните барања и ќе почнат да соработуваат.
И претседателот Стево Пендаровски побара одговорност и итно расчистување на случајот.„Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи“, вели шефот на државата
Според него, правото на приватност е загарантирано со највисокиот правен акт, а тоа е Уставот. Случајот „Јавна соба“ фрапантно ја крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, понижување, сексизам и насилство кои оставаат трајни последици на нивните животи.„ Одговорност мора да има во најкус можен рок. Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање на култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш!, вели Пендаровски.

Криенка со полицијата

Случајот повторно се актуелизираше деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.000 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, жени и малолетнички. Од МВР апелираат сите што се жртви на злоупотреби во групата „Јавна соба“ да се пријават во најблиската полициска станица.
Но, престапниците играат криенка со полицијата, обидувајќи се да ги надитрат. Додека ги следат во едната група, тие веќе креираат нова и во неа ги повикуваат да се префрлат сите членови. Само неколку часа по денешните апсења, администраторите на „Јавна соба“ најавија дека ќе отворат нова група. „Направена е нова група. Пишете ми во порака да ви ја пратам“, се вели во пораката испратена до корисниците на групата. 

-повеќе на темата: Криминалот во Македонија „голта“ младешки судбини

Граѓаните го осудуваат случајот и коментираат дека „Јавната група“ е јавен срам за државата. Бараат некој итно да ги спречи злоупотребите, кои лесно можат да се прошират и на другите социјални мрежи. Психолози, здруженија, организации понудија бесплатна помош за жртвите на злоупотребите, откако неколку девојки се осмелија јавно да проговорат за голготата којашто ја поминале, откако нивните интимни фотографии и лични податоци осамнале во групата, а потоа почнале да се препраќаат на различни места. 
„По ова што се покажува од содржините во Јавна соба, сакам да ги информирам сите жртви средношколки дека можат да ми се обратат за психолошка помош“, порача психологот Ана Попризова до девојчињата чии слики се споделуваа. Таа за ТВ 24 вели дека откако видела со што се соочуваат тие малолетни девојчиња и кога ги прочитала текстовите пласирани на социјалните мрежи, единствено што сметала дека треба да направи е да им даде безрезервна поддршка и помош, кон нејзината иницијатива се приклучиле и нејзини колеги.  И покрај тоа што новото време го наметна користењето на интернет како неизоставен дел од нашето секојдневие, образованието и работата, таа вели дека системот потфрлил во делот каде децата треба повеќе да се образуваат како да бидат безбедни при работа со него.
Хелсиншкиот комитет побара од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. „Сè додека тоа не се санкционира, насилниците ќе чувствуваат дека никој не може да ги допре“, изјави во Утрински брифинг Калиа Димитрова од Хелсиншкиот комитет и уредник на феминистичката платформа „Медуза“. Според неа, се додека гледаме дека е „океј“ да се употребуваат лични податоци на девојки и жени, дека е „океј“ да се ставаат во порнографски контекст, дека е „океј“ да се навредуваат на социјалните мрежи и слично, едноставно не можеме да се помрднеме од оваа мртва точка. „Мора институциите да постапуваат и да кажат кој е виновникот во овој случај, а не ние да кажуваме и да им ја работиме работата“, вели таа. 

*Содржината на овој текст беше ажурирана на 28.01.2020 во 19:07 часот со информацијата дека е затворена групата „Јавна соба“ на Телеграм.