1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Интернет пиратите чекорат по тенок мраз во Германија

Јањевиќ Дарко
27 декември 2016

Парична или затворска казна предвидуваат строгите германски закони за нелегално преземање на авторски содржини од интернет. Сепак, на корисниците им е „олеснето“ кога станува збор за онлајн стримување на истите.

https://p.dw.com/p/2Sjbe
Raubkopie Pirate Bay
Фотографија: picture-alliance/dpa

Милиони Европјани посетуваат пиратски интернет страници секој ден и преземаат филмови, игри и музика бесплатно, правејќи го тоа со мал или без ризик воопшто да бидат фатени. Во повеќето европски нации, пиратството воопшто не се наоѓа на радарот на безбедносните сили и интернет провајдерите.

Но, се чини дека работите функционираат сосема поинаку во Германија каде кршењето на законите за авторски праваа може да резултира со казна затвор до три години и големи парични казни и судски трошоци.

Имигрант од Португалија за Дојче Веле објасни дека во својата земја преземал пиратски содржини секојдневно, но во Германија, интернет пиратството за него е многу голем ризик.

„Порадо не би гледал филмови и не би ни слушал музика отколку да треба да плаќам илјадници евра за казни или да влезам во евиденцијата на полицијата“, изјави студентот на магистерски студии од Португалија.

Се чини дека тактиката на заплашување функционира – помалку од 2 проценти од германските корисници на интернет може да бидат наречени „интернет пирати“, споредено со повеќе од 27% во Бугарија и 46% во Латвија.

Piraten NRW Patrick Schiffer
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пиратската партија сака баланс

Една од причините за строгите закони за заштита на авторските права во Германија е здружението на автори на Германија кое е една од најдобро организираните и најмоќни организации за заштита на авторските права во Европа, вели Патрик Шифер, лидер на германската Пиратска партија. Партијата на Шифер притиска за реформирање на многу прашања – од онлјан приватноста и дигиталната демократија, сè до менување на законите за заштита на авторски права, кон кои од партијата гледаат како на пристрасни кон издавачите.

Компаниите „имаат јасен интерес да ги задржат строгите закони за заштита на авторските права“, изјави тој за ДВ.

„Ќе го реформираме законот за заштита на авторските права затоа што во моментот доколку нелегално преземете песна, казната изнесува неколку илјади евра“, вели Шефер. „Ние сметаме дека ова е премногу“.

„Ние не сакаме да направиме се да биде бесплатно, но треба да има баланс во интересите“, додава тој. „Пиратската партија е посветена на зајакнување на правата на авторите и сопствениците на авторските права, затоа што тие правила го ограничуваат правото на јавноста да ги користи информациите и знаењето“.

На пример, во одредени европски земји, во моментот е нелегално да се прават фотографии од познати јавни места и да се објавуваат на Фејсбук. Конкурентните и нејасни регулативи може да предизвикаат проблеми за корисниците кои ќе објават слика од светлосното шоу на Ајфеловата кула затоа што авторските права за перформансот се заштитени, а фотографијата се објавува на комерцијална интернет страница.

„Пиратската партија нема проблем со фактот дека некој заслужува пари“, изјави Шифер. „Сепак, авторите или издавачите немаат право да го менуваат законот според нивниот бизнис модел“.

BitTorrent Programm illegaler Download
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Widmann

Нејасни линии

Многу странци ја заобиколуваат германската регулатива со тоа што нелегалните содржини ги преземаат во своите земји а потоа информациите ги пренесуваат преку границите со хард диск. Но, и ова носи ризик.

„Увозот на пиратска содржина на хард диск не е казниво“, изјави за ДВ Саша Грајер, адвокат од Келн и експерт  за заштита на авторските права. „Сепак, линиите се нејасни. Во моментот кога користите пиратска содржина, на пример доколку ја прикачите онлајн или ја пренесете на вашиот комјутер, тоа може да биде прекршување на законските одредби.

„Ова е казниво со три години затвор или парична казна“, додаде тој.

Стримувањето не е нелегално

Друг начин преку кој што Германците се обидуваат да ги заобиколат строгите правила е преку нелегалните интернет страници за стрим. Иако властите обично го толерираат тоа, границата помеѓу тоа што е легално и нелегално е сеуште нејасна.

„Кога станува збор за стримување, тоа го опфаќа само актот на гледање филм, но не и негово зачувување на компјутерот на корисникот“, вели Грајер. „Според законот за заштита на авторските права, гледањето не е забрането. Но, копирањето е забрането“.

Fernseher Pärchen
Фотографија: Fotolia/Minerva Studio

„За да може еден филм да биде гледан преку стрим и за корисникот да може да го премотува напред или назад, стримуваните податоци привремено мора да бидат зачувани на компјутерот на корисникот. Ова го отвара прашањето дали тоа е нелегално копирање“, вели тој. „Сепак според законот, копирањето може да биде дозволено доколку е привремено и е направено за легални причини“

„За жал, сеуште нема јасни судски пресуди, ниту од Германскиот федерален суд на правдата, ниту од Европскиот суд на правдата, па затоа легалноста сеуште докрај не е јасна“, додава Грајер. „Според мене, не е погрешно да се претпостави дека стримувањето на филмови не е нелегално“.

Авторите треба да одлучат

Кога станува збор за вообичаеното интернет пиратство, лидерот на Пиратската партија вели дека ниту еден закон не може да ги спречи луѓето да споделуваат и да преземаат податоци.

„Фактот е дека тоа не може да се сопре и регулативата не може да промени што се случува со информациите во слободниот свет“ вели тој.

Решението на на „пиратите“ е да им се даде моќ на авторите да одлучат за последиците.

„Авторите можат сами да одлучат дали некој што нелегално ги презел нивните производи треба да плати казна од 10 или 20 евра“, вели Шифер. „Законот не треба да биде толку строг во моментот“.