Интернет-кражба на права за испуштање ЦО2
17 февруари 2010Според информации на Европската комисија на 28 јануари биле испратени фалсификувани електронски пораки, во кои од примателите било побарано да се пријават на некоја интернет страница и да ги дадат своите податоци. Комисијата била веднаш известена од Холандија и Норвешка за измамата, а потоа биле предупредени и останатите земји членки на Унијата. Но, сепак, некои трансакции биле спроведени од страна на измамниците. Безбедноста на Европската заедница и централниот регистер не биле загрозени. Европската комисија сега работи на тоа да ја затвори фалсификуваната интернет-страница и да донесе нови правни насоки.
Интернет-нападот бил изведен многу целно и професионално
Цел на интернет-измамниците бил трговијата со т.н. сертификати со штетни гасови. Имено, оној кој сака да испушта штетни издувни гасови во атмосферата, треба да плати за тоа. Трговијата со овие права се одвива преку берзата за енергија на интернет и насекаде каде се врши трговија на интернет. Измамниците во овој случај заработиле милиони евра со тоа што најпрви преку интернет ги купиле правата за ЦО2 и за само неколку секунди ги препродале.
Тој ден голем број соработници на неколку германски производители на електрична енергија добиле имејл пораки од наводно германската централа за трговија со штетни гасови со седиште во Потсдам. Таму 2.000 клиенти имаат сметки за нивните сертификати со права за испуштање ЦО2 во атмосферата. Електронската порака била многу професионално напишана и во неа било напишано предупредување од можен ризик за измама преку интернет од страна на компјутерски хакери. Затоа, сега има нови безбедносни мерки, многу официјално објаснува во и-мејлот измамникот –испраќач и ги моли сите, кои го добиле тој мејл, од безбедносни причини, уште еднаш да ги испратат своите податоци за сметките со сертификати на интернет страната на едно „многу големо безбедносно претпријатие“.
На наредната страница ќе прочитата колкава материјална штета им е нанесена на претпријатијата со т.н. „фишинг“
Седум од вкупно 2.000 германски учесници со купувањето права за издувни гасови се фатиле во стапицата
Соработниците на овие седум фирми кликнале на линкот и ги дале податоците за нивните сметки и шифрите за пристап до сметките. Ова е типичен случај на т.н. „фишинг“ вели Фабиан фон Којдел од компјутерското списание „Чип“: „Ова е многу подла метода на хакерите, кои сакаат да дојдат до туѓи податоци. Тие најчесто многу официјално пишуваат, дека поради опасност од хакери ги загубиле вашите податоци или, пак, дека од безбедносни причини сакаат уште еднаш да ги проверат вашите податоци и затоа ве молат уште еднаш да ги внесете податоците на некоја интернет страница, за потоа тие да можат да дојдат до нив.“
Во случајот со сертификатите за ЦО2 измамниците успеале преку електронска порака да убедат и други фирми во Јапонија и Нов Зеланд. Но, само во Чешка и Германија, според податоци на Европската комисија, има фирми на кои им е направена голема материјална штета. Факт што чуди, смета Фабиан фон Којдел од „Чип“: „Ниту една банка или пак некоја служба во Германија не би ве прашала за вашите податоци, затоа што тие веќе ги имаат. Интернет-пораки во кои стои: ’Ние сме жртви на хакерски напад, ве молиме повторно да ни ги дадете вашите податоци’ не се испратени од некоја официјална служба или банка.“
Измамниците успеале да украдат 250.000 сертификати со права за испуштање ЦО2
Еден сертификат има вредност од околу 12 евра, што значи дека е направена вкупна штета од околу 3,2 милиони евра. Само 1,5 милиони евра се украдени од средни индистриски претпријатија во Германија, дознава списанието „Фајненшл Тајмс Дојчланд“.
За оштетените фирми нема надеж дека ќе ги добијат парите назад, затоа што е многу тешко да се дознае кои се вистинските измамници. Останува уште да се одговори прашањето: дали оштетените се самите виновни за тоа што се случило? Да или не, вели Фабиан фон Којдел. Медиумите секојдневно јавуваат за криминал преку интернет: „Квотата за успешен криминал преку интернет за жал се` уште е многу висока. Има луѓето што ќе поверуваат во тие мејлови и ги даваат своите податоци. Сметам дека до сега луѓето сфатија дека треба веднаш да ги бришат мејловите во кои се работи за рекламни пораки. Потешко е во случај, кога ќе добиете мејл, кој изгледа како да е напишан од вашата банка или, пак, од некоја служба, како во актуелниов случај, тогаш се разбира верувате и ги давате своите податоци.“
Автор: Сандра Петерсман/Бисера Огњановска Митров
Редактор: Александра Трајковска