1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернет-гилотината во Холандија ја скандализира Источна Европа

15 февруари 2012

Десните популисти на Герт Вилдерс лансираа веб-страница на која Холанѓаните можат да се жалат на однесувањето на луѓето од Централна и Источна Европа. Европа е вџашена.

https://p.dw.com/p/143hS
Фотографија: picture-alliance/dpa

На интернет страницата на десните популисти на Герт Вилдерс веќе има 30.000 коментари. Партијата за слобода (ПВВ), според сопствените наводи, ја отворила страницата за да се „соберат факти и докази дека источните Европејци се одговорни за загубата на работните места и дека му пречат на соживотот“.

Во Европа ваквиот потег предизвика дипломатска бура. Евромесарката за внатрешни работи Нели Крос ја оцени страницата како „смешна“. „Секогаш е лесно да се обвинуваат другите, но обвинувањата не ги решаваат проблемите“, рече Крос во Брисел, додавајќи дека е „смешно да се мисли оти понижувањето на другите на интернет страница ќе ја направат Холандија или ЕУ подобро место за живеење“. Десет источноевропски држави протестираа и во отворено писмо ја повикаа холандската влада да се дистанцира од страницата.

„Шпигел онлајн“ денеска пишува:

„Герт Вилдерс ова го нарекува трошење хартија и прашува: ’Немаат ли ништо попаметно да прават?’ Својата кампања тој ја оценува како целосен успех и затоа неговата партија ќе продолжи и натаму“, го цитира Вилдерс булеварскиот весник „Д Телеграф“.

Само неколку часа по отворањето на страницата минатата недела, граѓаните на Холандија почнаа со контра-проекти. Полско-холандскиот рапер ’Мистер Полска’ реагираше со своја интернет страница: „Пријавница за вреден соживот“. Тој ги повикува граѓаните да пишуваат за позитивни примери и убави доживувања со своите сограѓани од Источна Европа.“

„Ди Пресе“ ги анализира состојбите во холандската влада и односот на премиерот Марк Руте кон партијата на Вилдерс и нејзините постапки:

„Руте досега упорно молчи. ’Не можам да се изјаснувам околу сите изјави на господин Вилдерс’, гласи мантрата во врска со интернет-аферата... Тоа што премиерот Руте отстапува пред Вилдерс не е за чудење. Зашто на Руте му се потребни Вилдерс и 23-те гласови на пратениците на неговата ПВВ за да се има мнозинство во парламентот. Руте води малцинска влада со либералите од ВВД и христијанските демократи од ЦДА. Руте е де факто премиер благодарение на милоста на Вилдерс. Руте во наредните недели има повеќе потреба од Вилдерс отколку кога и да е досега, затоа што владата мора да донесе нов пакет мерки за штедење, со волумен меѓу десет и петнаесет милијарди евра, за да го намали државното задолжување“.

„Тагесшпигел“ денеска се осврнува на референдумот на косовските Срби и во текстот со наслов „Несакана провокација“, меѓу другото, констатира:

„Косовските Срби со својот референдум уште еднаш ставаат прст во раната. Четири години по прогласувањето независност на Косово, се’ уште нема приближување на соседите. Дијалогот модериран од страна на ЕУ донесе извесни резултати. Така, на пример, треба да постои размена на лични и катастарски податоци, но по насилните улични блокади и уништувањето на граничниот премин од страна на Србите од северно Косово, двете страни брзо се вратија кон старите начини на однесување. ЕУ-перспективата за Србија веројатно и без референдумот е надвор од дофат, со оглед на тоа што ЕУ и канцеларката Ангела Меркел недвосмислено јасно му ставија до знаење на српскиот претседател Борис Тадиќ дека Белград прво треба да ги нормализира своите односи со Косово, што значи мора да ја признае неговата независност... Постапките на српските националисти на северно Косово се премногу за Тадиќ кој е пријателски настроен кон ЕУ, поради што тој пред референдумот и ја намали доставата на електрична енергија, но сепак тој не ја поставува под знак прашање генералната поддршка. Тоа индиректно би значело признавање на Косово, но за такво нешто и тој не е подготвен“.

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска