1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернет-генерацијата не сака свој автомобил

Клаус Улрих / Елизабета М. Фиданоска1 октомври 2014

Автоиндустријата е исправена пред нов предизвик - младите луѓе се‘ почесто се откажуваат од сопствен автомобил. Тие патувањата ги планираат со смартфон. Што тоа значи за браншата?

https://p.dw.com/p/1DOHA
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Мартин Винтеркорн се приближува до врвот на својата кариера - до 2018 година шефот на Фолксваген сака фирмата, која сега е европски автопроизводител број еден, да ја доведе на првата позиција во светот. Некои експерти дури веруваат дека оваа цел би можела да биде достигната уште годинава.

Но во последно време моќниот раководител со концернот шири се‘ друго, само не еуфорија. Во моментов и покрај рекордната продажба на автомобили, фирмата има проблеми со добивките на капитал. А за во иднина Винтеркорн предвидува и „големи промени“ во целата бранша. Тој неодамна во еден огнен говор пред околу 1000 раководители во Волфсбург во врска со тоа го спомена поврзувањето на интернетот и автомобилот, како и новите концепти на мобилност од типот на каршерингот.

„Тивка револуција“

„Новите концепти на мобилност за автоиндустријата се револуција која доаѓа тивко“, оценува Штефан Брацел, автомобилски експерт од Високата школа Бергиш Гладбах. Тој за ДВ вели дека веќе денес многу луѓе имаат поинаков однос кон автомобилот отколку порано. „Тоа се луѓе кои се израснати со интернет, тоа се тие т.н. ’digital natives’. Тие се главната целна група и кај темата каршеринг и тоа се оние кои своите патувања веќе ги планираат со смартфон.“

Брацел е убеден дека овој развој во наредните години ќе доживее огромно забрзување. Сличен е ставот и на Петер Фус, партнер во консалтинг фирмата „Ернст и Јанг“, кој веќе 25 години ги советува претпријатијата од автоиндустријата. „Тоа во основа на смена на парадимги, каква што доживеавме во музичката индустрија - од плочи кон цедеа се‘ до ајтјунс“, вели Фус за ДВ, додавајќи дека ќе се промени целиот деловен модел на автоиндустријата: „Од понудувач на хардвер, значи автомобил, до понудувач на премиум услуги во сферата на мобилност.“

Die meistverkauften Autos der Welt 2013
Германските производители стојат добро во делот на дигиталните концепти на мобилност во светски рамки, но треба да се биде претпазливФотографија: picture-alliance/dpa

Без свој автомобил

Модерните муштерии веќе не сакаат свој автомобил. Тие сакаат едноставно да стигнат од точката А до точката Б. Преку апови на својот смартфон бараат понудувач на такви услуги. Веднаш им се прикажува најбрзата или најевтината можност. Јавниот сообраќај, железничкиот сообраќај, автобусите на долги релации, каршеринг-автомобилите, можностите за патување со некого во неговиот приватен автомобил, се‘ до електровелосипедите - сето тоа е мрежно поврзано.

Имиџот на некогашниот статусен симбол, автомобилот, се‘ повеќе бледее во рамките на овие концепти. Возилото е деградирано на ниво на само еден дел од синџирот на средства кои овозможуваат мобилност. За автопроизводителите ваквиот развој е алармантен, но тие веќе реагираат.

„Автомобилската индустрија тоа го знае и веќе и самата е актер на ваквиот нов пазар на мобилност. Платформите за каршеринг со кои управуваат автоконцерните се добри примери за тоа“, нагласува Штефан Брацел.

Покрај Дајмлер, и БМВ и Фолксваген работат со полна пареа на, како што во стручниот жаргон се вели, „интермодална“ мобилност. Обртот во оваа сефра се‘ уште е мал во споредба со вкупниот обрт. На пример, Дајмлер со своите фирми ќерки за мобилност, како Car2go, Moovel или MyTaxi, годинава ќе оствари околу 100 милиони евра обрт. Во споредба со обртот на целиот концерн од речиси 120 милијарди евра тоа е малку.

Но стапките на пораст се впечатливи. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави податоци од една студија, според кои пазарот на понудувачи на каршеринг, бајкшеринг, такси услуги или патување во приватен автомобил на некого, секоја година бележи пораст до 35%. До 2020 година волуменот би можел да изнесува околу 15 милијарди евра.

Ein Mann benutzt ein Apple iPhone
Се‘ се пребарува на смартфонотФотографија: Getty Images/S. Gallup

Младите се ориентираат поинаку

Се‘ поголемата подготвеност на младите да се откажат од свој автомобил е документирана и со бројките на Сојузниот уред за статистика. Според овие податоци, во 2008 година автомобил поседувале 69% од лицата кои биле глава на домаќинство, а биле на возраст меѓу 25 и 35 години. Во 2004 година процентот бил 79. Кај 25-годишниците процентот од 2005 до 2011 година паднал од 64 на 56.

„Контактот со крајните муштерии има централна улога и во новите концепти на мобилност“, вели Штефан Брацел. Ако интернет-џиновите како Гугл, Фејсбук или Епл успеат во нудење на услуги во секторот на мобилност, тогаш тие ќе станат сериозна конкуренција на пазарот на мобилност во иднина, сигурен е експертот. „Тоа навистина би била закана за автопроизводителите“.

Германските производители стојат добро во делот на дигиталните концепти на мобилност во светски рамки. Тоа го покажуваат и актуелните истражувања. Но треба да се биде претпазлив. Видеото на Јутјуб за „Concept Car“ на Гугл е веројатно познато - на него е прикажан автомобил во облик на јајце, кој делува чудно, но вози, и тоа без управувач, без педали, без менувач на брзини. Во внатрешноста - само две сдишта. За многумина жители во градовите тоа можеби ќе биде сосема доволно.