Интегрирање или орбитирање околу јадрото на ЕУ?
10 мај 2022Создавање „паралелен клуб за разочараните кандидати“,„замена за проширувањето", „ЕУ со две брзини“ или само „географско одблежување на европскиот простор"? Многу прашања и претпоставки произлегоа по предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за создавање на „Европска политичка заедница“. Овој предлог ги наврати сеќавањата на францускиот предлог од 2019 година - новата методологија со која се променија правилата за преговарање со ЕУ, за чие усвојување беше потребна согласност и време, па Северна Македонија тогаш не доби зелено светло за почеток на преговори, а разочарувањето стана повод за нови парламентарни избори во 2020 година. Три години подоцна, Макрон кој на изборите во април доби втор претседателски мандат, сега пред европската јавност лансира нова идеја - создавање на „Европска политичка заедница“.
Македонски дипломати велат дека сѐ уште не се познати деталите за овој предлог, за да може да оценат што би значело тоа за македонскиот интеграциски пат. Што кажа францускиот претседател?
„Постоеше вистинска желба да ја реструктуираме Европа во однос на повеќе политики, но Европа ја постави летвичката многу високо по прашањето за интеграциите, па нема да можеме да интегрираме некои држави во идните години дури и децении ", изјави Макрон по Конференцијата за иднината на Европа, во Стразбур.
Како пример, ја посочи Украина, образложувајќи дека може да има забрзана процедура за да се прифати нејиниот статус на кандидат за членство, но потенцира: „Сите знаеме дека со оглед на нашите стандарди да се биде членка ќе бидат потребни години, веројатно децении за да Украина навистина се приклучи на ЕУ".
Повеќе: Што добива Македонија со победата на Макрон
Според Макрон, форматот на соработка со други европски земји само низ европска интеграција, во одредена мера ја блокира енергетската, културна и друга соработка. Наместо да се спуштаат строгите стандарди за придружување, тој предлага создавање на „Европска политичка заедница“, која би можела да им се допадне на земјите кои тежнеат за пристапување во ЕУ или на оние кои ја напуштиле Унијата, како Велика Британија.
„Oваа нова европска организација би им дозволила на демократските европски нациии кои се придржуваат до нашите суштински вредности, дa најдат нов простор за политичка сорботка, во безбедноста, енергетитката, транспортот, инвестициите, инфрастуктурата и движењето на луѓето“, образложи Макрон.
Многу нејаснотии
Неговиот став дека тоа е пат „да стигнат до Европа држави кои ги споделуваат нејзините вредности, и кои се во оваа географија", наидува на различни реакции во пошироката јавност. Дел се сомнева дека ова „гарантира влезница само за претсобјето на ЕУ, што и натаму ќе ја одложува реалната интеграција, во замена за поширока соработка со Унијата", односно дека е најдена формула како кандидатите да се утешат со - посилно политичко орбитирање околу јадрото на ЕУ.
Македонски дипломати, сепак, се повоздржани во оценката на презентираната идеја.
„Нападот врз Украина, истовремено и напад против европскиот безбедносен поредок, нужно прави потреба од зацврстување и консолидација на континентот. Тоа не значи само зголемување на одбранбените буџети и стегнување на редовите, санкции против агресорот и помош за жртвата, туку и поголемо европско присуство и ангажман и на Балканот“, вели поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров.
„Јас денес (9-ти мај) сум токму во Париз, каде со група аналитичари и академци од Европа, во француското МНР разговаравме за нови идеи како да му се даде нова енергија, решителност и динамика на проширувањето за Балканот цврсто да се закотви во европски води. Бидејќи очигледно актуелниот процес не носи резултати. Во овој контекст, иако е сѐ уште рано за сериозна анализа на предлогот на претседателот Макрон за создавање на Европска политичка заедница, бидејќи не ги знаеме доволно сите аспекти и детали, се работи за визија што дополнително и широко би ја обединила Европа, и вон границите на ЕУ, во услови на најголемата војна на континентот по Втората светска војна", смета Димитров.
Повеќе: Да се биде во ЕУ и без ЕУ-членство?
Мухамед Халили, поранешен амбасадор и актуелен претседател на Здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на Амбасадори, потсетува дека историските предлози за реформи во функционирањето на ЕУ доаѓаат од лидерите на земјите основачи на Унијата, а во тој домен секогаш предничеа лидерите на Франција. Според него, предлогот на Макрон доаѓа во време кога сѐ уште не започнал да функционира во пракса предлогот од 2019 година за реформи во функционирањето на Унијата.
„Иако намерата е да се скрати времето на чекање пред вратите на Унијата, предлогот е тешко спроведлив за помалку од 5 години, од причина што секое дополнување на ЕУ договорите бара време на усогласување на земјите членки и евентуално и некој референдум во некоја земја членка на Унијата. Друг проблем е тоа што предлогот досега нема јасна обработка на целите и начините на основање на една таква политичка унија за соработка во областа на енергетиката, одбраната, и друго. Не е јасно исто така дали со тоа на повидок е основање на паралелна Унија“, вели Халили.
Факторизирање
Според поранешниот амбасадор, Виктор Габер, предлогот ја искажува перманентната француска политика за себепочит како незаменлив и значаен европски фактор, кој историски има обврска за давање придонес во најважните одлуки на европскиот континент.
„Тој се разликува од неговите предизборни ‘ловења на гласови' и борба за привлекување на централно либералните слоеви. Сега кога е пред емотивниот притисок за испорачување на далекусежни резултати кои ќе бидат запаметени од генерации нанапред, тој во овој говор успешно ја комбинира потребата од поцврсто европско единство со напорот Франција да остане најзначаен фактор во среднорочниот и долгорочниот развој на континентот“, укажува Габер.
Посочува дека последното е видно во неколкукратното повикување на одговорноста и улогата на ‘историските основачи' на Унијата, но и дека советниците на Макрон не можеле во говорот да не ги вметнат актуелните турбуленции на европскиот континент (инвазијата во Украина, военото ангажирање на САД во европска Украина, ‘самостојната борба' на неколку ЕУ-земји за одбрана на своите интереси, со паралелно јакнење на доларот во однос на еврото), за да го истакнат и местото на Франција на геополитичката сцена.
„Поводот за споменатата интонација и за актуелните пораки во овој говор според мене е секако и маркирање на неговата оценка на 30-та годишнина на промената на ЕЕЗ во Европска Унија. Тој обид за постепено концентрирање низ демократска (надгласувачка процедура) на политичката моќ во една личност, т.н. ‘обидот на Проди', за француската национална стратегија сè уште е неприфатлива алтернатива во интеграцијата на европските народи“, оценува Габер.
Храбрите одлуки да бидат наградени
Одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на Макрон за „европска политичка заедница“,германскиот канцелар Олаф Шолц вчера тој предлог го оцени како „многу интересен за големите предизвици со кои се соочува ЕУ“.
„Оваа идеја не нѐ спречува да го завршиме, тоа што го започнавме и на што работиме веќе извесно време. Тоа се однесува на земјите од Западен Балкан, бидејќи тие донесоа многу длабоки и храбри одлуки. Тоа треба да биде наградено. Го наведувам примерот на Северна Македонија, таа имаше храбри политички лидери кои направија храбри чекори за да започне процесот на зачленување. Ние не треба да ги обесхрабриме тие храбри чекори“, рече германскиот канцелар на прес-конференцијата со францускиот претседател Емануел Макрон во Берлин.
А македонскиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, токму од Париз вчера ја испрати пораката дека сега е вистински момент Европа да го направи потребниот чекор за зачувување на вредностите кои се темели Унијата.
„Војната во Украина е последен повик за ЕУ и нејзината политика за проширување со земјите од регионот, а за тоа е потребно силно лидерство и политичка одлука која нема да се бирократизира", рече вицепремиерот на регионалната иницијатива „Балкански дијалози“, чиj домаќин е францускиот Сенат.
„Ако Унијата не одговори на овој повик и Северна Македонија и Албанија не добијат датум за почеток на преговорите, тогаш цел Западен Балкан се остава настрана, без јасна перспектива и со можност за други надворешни влијанија, посочи Маричиќ.
Според вицепремиерот, тоа не е во интерес на проевропските влади, туку во полза на оние кои го негуваат рускиот наратив дека ЕУ е неуспешна приказна.
„Верувам дека Европа ќе ја покаже нејзината најголема сила, а тоа е нејзиното единство, и ќе докаже зошто е глобален лидер, со пресврт во евроинтеграцискиот процес, кој веќе е неодложен“, порача Маричиќ.