1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интеграција и македонско државјанство за косовските Роми

8 септември 2010

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг во писмо до македонскиот премиер бара од македонските власти да најдат и спроведат трајни решенија за Ромите-бегалци од Косово кои не можат да се вратат.

https://p.dw.com/p/P6tO
Положбата на Ромите особено неповолнаФотографија: DW

„Побарав од владата да донесе конструктувни одлуки за да се разјасни иднината на извесен број Роми, кои се тука од пред десет години, по конфликтот на Косово, и повеќе не можат да се вратат таму. Некои од нив се родени во Македонија, затоа барам од владата да донесе стабилна и трајна одлука за да се осигура иднината на овие лице“, објаснува за Дојче веле комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг.

„Јасно е дека треба да им се гарантира на тие лица семеен живот, како и на сите други. Потребно е да им се пружи можност да имаат лични документи, што е од основно значење за да се користат сите граѓански и човекови права во Македонија. Исто така е потребно на тие лица да им се даде и припадност на една земја, за да тие бидат третирани како човечки суштества. “

Локална интеграција и македонско државјанство

Најдобро можно решение за Ромите, кои не можат да се вратат безбедно и достојно дома, е локалната интеграција преку процес кој ќе води на крајот до стекнување со македонско државјанство“, смета Хамарберг.

Hammarberg in Mazedonien
Томас ХамарбергФотографија: Toni Glamcevski

Тој неодамна испрати сериозни критики и за одлуките на некои европски земји за враќањето на косовските бегалци на Косово.

„Има земји како Шведска, Германија, Австрија, и Швајцарија кои го враќа бегалците од Косово на Косово, каде не постојат услови за нивно прифаќање, посебно во однос на безбедноста и достојни животни услови. Ние сме многу критични кон овие процедури и пред се‘ сметаме дека нивното враќање е неправедно, бидејќи тие се релативно богати земји кои ги враќаат бегалците во многу сиромашна земја, која не е во состојба да ги прифати.“

Што се однесува до мерките кои ги презема македонската влада за интеграцијата на Ромите воопшто, комесарот за човекови права на Советот на Европа е на мислење дека не се преземени сите мерки.

„Не, не мислам дека дека се преземни сите мерки за нивната интеграција, но тоа не е само македонски проблем. Тоа е регионален и исто така европски проблем. Нема ниту една земја која вистински има целосно задоволувачка политика за интеграција на Ромите на социјален план, ниту пак за нивното политичко претставување. Сепак во Македонија е забележан напредок, има претставник на Ромите во парламентот, има градоначалник по потекло Ром и мнозински општински совет. Тоа е нешто за пофалба, но во секој случај, јас сакам заедно со властите да ја појаснам иднината на Ромите кои дојдоа од Косово пред десет години.“

Да престане играта со огнот

За актуелната дебата која се води околу ситуацијата на Ромите во Европа и посебно политиката на нивно стигматизирање и протерување од Франција Хамарберг вели:

Puzzlebild Triptychon Frankreich Roma Galeriebild 2
Ромите од Франција депортирани во Бугарија и РоманијаФотографија: picture alliance/dpa

„Ромите, ако можеме така да речеме, им припаѓаат на една „поткласа“ во Европа кога станува збор за образованието, пристапот кон здравството, вработувањето, становите. Тое е стар проблем на европските општества. Дискриминацијата и репресијата на Ромите кои ги видовме во триесетите и четириесетите години во фашистичките и нацистичките режими, за жал тие тенденции сега повторно се појавуваат. Загрижувачко е што анти-ромскиот говор доаѓа од највисоките власти, од претставници на европски влади. Тоа е опасно и само го распалува огнот на анти-циганизмот. Можеме да се надеваме само дека дебатата која се отвори сега во Франција, може да ги доведе политичарите до еден поумерен и посмирен говор и дека ќе избегнат да играат со огнот“, предупредува Томас Хамарберг.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска