1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Индија ја доби највисоката статуа во светот

ЖА / агенции
31 октомври 2018

Со огномет во националните бои и под силни безбедносни мерки, во Индија е свечено откриена највисоката статуа во светот.

https://p.dw.com/p/37QFG
Indien Statue of Unity
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Panthaky

Скулптурата посветена на лидерот на борбата за независност Сардар Валабхбаи Пател, еден од следбениците на Ганди, висока 182 метри, се наоѓа во западната држава Гуџарат, а за нејзината изградба биле потрошени 430 милиони долари. Статуата се наоѓа во родната сојузна држава на индискиот премиер Нарендра Мори, а нејзиното подигнување се смета за негов омилен проект.

Премиерот на отворањето изјави дека „Статуата на единството“ ќе биде голема туристичка атракција, наспроти локалните жители, кои ја опишаа како непотребно трошење јавни пари.

„Статуата е симбол на интегритетот и решителноста на Индија“, изјави Мори, додека од воени хеликоптери беа фрлани цвеќиња врз неа.

Во скулптурата се вградени 100.000 тони бетон и челик, а поради неа мораа да бидат дислоцирани 185 семејства, кои добија обесштетување.

Сепак, статуата на Пател наскоро ќе биде надмината од онаа посветена на воениот херој Чатрапати Шиваи од 17. век, која се гради во близина на индиската метропола Мумбаи и ќе биде висока 190 метри.

Статуата на Пател инаку е речиси двојно повисока од Статуата на слободата во Њујорк (93 метри), додека на второто место по височина е Пролетната статуа на Буда во Кина (128 метри). Меѓу највисоките скулптури е и 30 метри високата статуа на Исус Христос во Рио де Жанеиро која од 2007. година се вбројува во Седумте нови светски чуда.

Со висока статуа во 2011. година се „закити“ и Македонија: „Воин на коњ“,  споменикот со фонтана на кралот Александар Велики на плоштадот Македонија, во Скопје, дел од т.н. спорен проект на тогашната власт,Скопје 2014, е висок 14,5 метри, изработен од бронза и поставен на бетонски постамент висок 10 метри.