Името сепак најголемата пречка на Македонија за преговори со ЕУ
23 октомври 2008„Не постојат големи причини, за да не започнат преговорите“ – смета известувачот на Европскиот парламент за Македонија, холандскиот европратеник Ерик Мејер.
Неговиот словенечки колега, Јелко Кацин, кој на повеќе наврати предупредуваше на сценариото кое го најави Оли Рен, оценува дека одговорноста за ова ја сносат сите политички партии во Македонија, како од опозицијата така и од власта: „Сепак најголемата одговорност е на владата и внатре во владата, на премиерот.“
Кацин додава дека покрај забелешките за изборите, за кои поправниот испит е закажан за идната пролет, Европјаните ги предупредиле македонските колеги: „На многу македонски функционери директно им кажавме, дека нема никаква смисла Собранието набрзина да ги носи законите, без расправа, без учество на пошироката јавност и без слобода на медиумите. Тоа е она што треба да се исполни.“
Добрососедските односи основа за напредок
Европратеникот од Словенија, смета дека секоја порака која доаѓа од европските институции треба да се сфати како позитивна и како предизвик за напредок упатен до сите политички елити на Македонија: „Мислам дека ова е момент на вистината за сите политички елити на Македонија, кои треба да манифестираат консензус околу некои приоритети. Евроатланските интеграции се приоритет и тоа треба да се докаже и со флексибилен пристап по прашањето за името. Кога тоа прашање ќе биде решено, мислам дека ќе дојде до позитивни промени во Македонија. Од друга страна мислам дека треба да се промени и начинот на комуницирањето. Добрососедските односи се единствената основа за напредокот кон ЕУ.“
Ерик Мејер оценува дека за проблемите, кои беа забележани во изборниот период, Македонија најде решенија. Постигнат е и голем напредок во меѓуетничките односи. Тоа според него не е причина за да се одложуваат преговорите. Најголемиот проблем е отсуството на договор меѓу Македонија и Грција. За сите други проблеми можат да се најдат решенија: „Се додека нема договор меѓу Македонија и Грција, стравувам дека преговорите ќе бидат одложувани, ова според мене е најголемиот проблем.“
Потребно е да се решат проблемите
Известувачот во Европскиот парламент за Македонија е верен на неговите досегашни ставови: „Мојата препорака, што е во континуитет со досегашните, е дека треба да започнат преговорите и потоа да се изнајдат решенија за сите други проблеми.“
Мејер притоа стравува од опасноста, дека ако Македонија не добие датум за преговори, таа ќе биде надмината од Србија, со што ќе го загуби приоритетот за членство во Унијата.
Слично размислува и Јелко Кацин, но тој не верува дека Србија ќе ја надмине Македонија на патот кон ЕУ: „Македонија во минатото беше во подобра ситуација. Ако ја надминеше блокадата која ја има со Грција, сигурно дека ќе беше во подобра ситуација од сегашната.“