Имам лажно обвинил христијанка за палење на Коранот
2 септември 2012Муслиманскиот имам Халид Кишти бил уапсен доцна синоќа (01.09), откако полицијата утврди дека му подметнал запалени страници од Коранот на девојчето, соопшти пакистанската полиција. Девојчето, по обвинувањата од Кишти, беше уапсено поради палење на светата книга, дело кое во Пакистан се казнува и со доживотен затвор.
Случајот предизвика бројни контроверзи, најпрво поради годините и менталната состојба на девојчето, а потоа доведе и до егзодус на цели христијански семејства од населба во Исламабад поради страв од одмазда на локалните муслимани.
Критичарите на законот за богохулење во Пакистан тврдат дека тој често се користи за одмазда, а бројни малцинства во Пакистан, вклучително и христијаните, живеат во страв од евентуални напади.
Луѓето обвинети за богохулење, дури и кога не се осудени, често се на мета на насилство на радикалните муслимани. Еден Пакистанец кој беше обвинет за бласфемија во јули годинава, беше одвлечкан од полициска станица во централниот дел на земјата и претепан до смрт.
Еден христијански брачен пар во 2010 година беше осуден на 25 години затвор затоа што го допреле Коранот со валкани раце.
Малкумина сакаат да се занимаваат со ова контроверзно прашање, откако двајца еминентни политичари кои го критикуваа законот, беа убиени минатата година.