Пописот не е во функција на изборите
6 август 2015Нема никаков одговор ниту објаснување од Владата на реакцијата на 46 граѓански организации и иницијативи, кои изразија несогласување со намерата соопштена од премиерот Никола Груевски, Владата да спроведе електронски попис на населението. За таа цел, како што најави премиерот, до крајот на годината ќе биде набавен софтвер кој ќе овозможи електронско поврзување на матичните евиденции. Околу 70 проценти од одговорите би биле обезбедени преку електронско поврзување на матичните евиденции, а 30 проценти теренски, со прашања до граѓаните. За делот кој треба да биде теренски реализиран, исто така се прават одредени подготовки.
„Ги правиме сите напори да спроведеме попис според највисоки меѓународни стандарди, попис што нема да влее сомнеж кај никого, кај ниту една етничка заедница, кај ниту еден граѓанин или партија“, рече Груевски.
Клучната работа, според премиерот, е да се набави т.н. фингерпринт за електронска проверка на биометриските податоци на тој што треба да се попише, за да се потврди дали навистина е во земјата и дали тој одговорил на прашањето или некој друг.
Ваквата најава предизвика многу прашања, пред се, сомнеж дали податоците од ваквата операција треба да послужат и за планираното прочистување или создавање нов избирачки список. Од опозицијата не знаат какви се намерите на Владата.
„Пописот не беше тема на Договорот. Тоа е комплексна статистичка операција која не може да се подготви и реализира до изборите во април. Избирачкиот список ќе се средува во друга постапка“, велат високи извори од СДСМ.
Владата должи одговор и за минатиот попис!
Граѓанските организации сметаат дека планираното решение не ги задоволува критериумите за спроведување реален попис според меѓународните стандарди, а актуелната владина коалиција нема ни легитимитет да го спроведе.
„Таа сè уште не даде никаков отчет за причините поради кои пропадна пописот во 2011 година и не презеде никаква одговорност за тоа големо и сериозно промашување. Груевски излезе во јавноста со тврдење дека Владата спречила фалсификат, но до денес ниту надлежните институции презедоа нешто, ниту некој одговараше за обид за фалсификат на пописот. Граѓаните не само што не знаат зошто пропадна пописот, не знаат ни колку милиони евра се одлеаја од државниот буџет за оваа пропадната операција. Единствено што беше јасно е дека причините за неуспешноста на пописот не се технички, туку имаат длабока политичка заднина“, беше речено во ракцијата на 46 граѓански организации и иницијативи.
Поради фактот дека најавата за електронски попис доаѓа во моментот кога започна спроведувањето на договорот од 2 јуни, според нив, се наметнува заклучокот дека тоа е пропагандистички обид на Груевски да го одвлече вниманието на јавноста од главните приоритети.
„Ние и понатаму остануваме доследни на нашето залагање за што е можно побрзо реализирање на пописот, но тоа мора да биде направено од влада која ќе биде избрана на демократски и фер избори и која ќе изгради политичка волја за пребројување на населението според сите меѓународни стандарди и прописи“, порачаа 46 организации.
Во Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, кој е еден од потписниците на реакцијата, потврдуваат дека не добиле одговор или објаснување од Владата по реакцијата за најавениот попис.
„До денес нема официјална или каква било друга рекација од на власта. Но, веднаш по објавувањето на нашата реакција, следеше еткетирање на невладините организации во провладините медиуми. Во познатиот манир, власта преку своите медиуми, се обидува да ги дискредитира невладините организации кои ги критикуваат владините политики и да ги претстави како одработувачи на Сорос и СДСМ, без притоа да даде соодветен одговор на причините поради кои дел од невладиниот сектор реагираше за најавениот попис. Што се однесува до електронскиот модел за прочистување на избирачкиот список, ставот е дека тој не може да даде соодветна гаранција за посакуваниот исход. Според стручната јавност и компаративните искуства во оваа област, прочистувањето на избирачкиот список најсоодветно би бил постигнат со примена на т.н. биометриски модел, односно отпечаток за идентификација. Само на таков начин би се создале услови за спроведување на изборен процес на легитимен начин“, вели Уранија Пировска, претседател на ХК.
Пописот - пат до чист избирачки список
Независната пратеничка Роза Топузова-Каревска, која на последната седница за пратенички прашања беше упорна во барањето одговори од премиерот околу најавениот електронски попис, смета дека дека до прочистен избирачки список може да се дојде само преку попис на населението. Но, поради кратките рокови, уверена е дека евентуалниот попис нема да биде функција на изборниот процес.
„Основен услов за фер и демократски избори е веродостоен, прочистен избирачки список. До таков избирачки список единствено може да се дојде само преку попис на населението. Преку пописот, конечно ќе се знае колку граѓани со право на глас живеат во Македонија и ќе се добие одговор дали избирачки список со над 1.700000 гласачи одговара на реалноста, или пак во низа изборни циклуси власта манипулира со стотици илјади гласови, кои всушност се клучни во одлучувањето кој ќе има парламентарното мнозинство, а со тоа и власт. За жал, од одговорот на премиерот на моето пратеничко прашање, дека се подготвува електронски попис за кој опремата треба да стигне до крајот на годината, односно само два месеци пред распишувањето на изборите и дека преку него ќе се соберат одговори на 70% од прашањата, а за 30% е потребно да се спроведе теренска операција - повеќе од јасно е дека и следните избори ќе се реализираат со список не многу различен од постојниот“, констатира Топузова.
Но, без разлика како технички ќе се изведе таа статистичка операција, Топузова потенцира дека потребно е прво да се донесе закон, да се избере комисија со претставници од сите релевантни партии, да се набави опрема со која по електронски пат ќе се соберат податоците, но да се обезбедат и контролни механизми.
„Според мене мора да се најде и механизам за проверка на собраните податоци, потоа да се спроведе теренско истражување и на крај да се обработат податоците. За сето ова е потребно најмалку една година. Тоа значи, дека дури и ако Владата има искрена волја да спроведе попис, за жал, тој нема да биде во функција на изборниот процес. Во услови на политичка криза предизвикана поради непризнавање на изборните резултати од страна на опозицијата, од суштинско значење е токму преку податоците од пописот да се дојде до целосно прочистен избирачки список, клучен за фер и демократски избори“, вели независната пратеничка.
Во меѓувреме еспсерти со практично искуство во раководење и спроведување статистички операции, се изјаснија дека „е голема заблуда“ оти преку електронски попис може да се соберат 70 отсто од податоците. Според нив, квалитетен попис не подразбира само собирање демографски информации, туку и цела низа други, многу специфични податоци, кои не можат да се обезбедат електронски.