Илјадници језидски жени во рацете на Исламската држава
7 октомври 2014Петте девојки, инаку сестри, седат со наведнати глави, лицата прекриени со марами, рацете скрстени. Доаѓаат од Корчо, село на планината Синџар. Најмладата, Сејлан има 10 година, најстарата- Зехра е 20 годишна. Три недели биле во рацете на Исламската држава.
„На почетокот на август, џихадистите го нападнаа нашето село“, раскажува Зехра. „На селаните им дадоа да бираат, во рок од два дена да прејдат на ислам, или во спротивно, да бидат убиени. Но луѓето не сакаа да прејдат во ислам. Потоа не‘ однесоа во училишната зграда. Ги одвоија мажите од жените, во групи. Во последната беше мојот татко. Оттогаш не го видов“.
Се проценува дека околу 400 илјади Језиди биле протерани од своите села и градови во северен Ирак. Стотици биле убиени, а според последните податоци, околу 5 илјади жени биле киднапирани и одведени во Мосул, бројка која ја потврдуваат хуманитарните организации и западни дипломати.
Најлошиот погром
Лалиш е центар на Језидската вера, во една изолирана долина во курдските планини. Многу бегалци тука најдоа привремено сместување. Баба Шеик, религиозниот лидер на малцинството, вели дека неговиот народ досега преживеал 73 погроми. „Но, овој е најлошиот од сите“. Стариот човек делува уморно и се мачи да и најде место на актуелната катастрофа во историјата на страдањата на Језидите. Религиозната заедница, која датира од пред-христијанското време, често пати била цел на радикалните муслимани. Језидите го обожуваат архангелот Тауси Мелек како божествена креација, но исламистите токму него го сметаат за ѓавол, сатана или Иблис. Теологијата на Језидите за нив е премногу комплексна, премногу богата со митови и божества- систем на верување кој е во контрадикција со подиректниот ислам.
Киднапирање на жени
„Првата ноќ спиевме околу два часа, кога дојдоа да не одведат во Мосул“, раскажува Захра. „Еден од нив побара од мојата најмала сестра да го открие лицето. Мојата мајка се налути и им се спротивстави. Тој повтори дека мојата сестра треба да го открие лицето или ќе ја убие. Мојата мајка почна да плаче. Потоа тој ја претепа и ја одведе“.
Во првите денови откако била одведена, Захра броела колку луѓе биле киднапирани или исчезнале на патот кон Мосул: 65 постари жени, 165 немажени девојки и 400 мажи. „Со мажите не знаевме што се случува. Една ноќ слушнав истрели и прашав еден од џихадистите што се случува. Ми рече дека тоа не е ништо. Подоцна ни кажаа дека сите мажи биле убиени“.
Следното утро, жените биле собрани во групи и одведени во Мосул, главниот град на самопрогласениот калифат на ИС. Според неколку сведоци, во градот постои некој вид пазар за жените, во кој доаѓаат мажи и избираат.
„Таму постои и канцеларија во која мажите можат да погледнат фотографии од жените и да се договорат за цената“, вели Сузан Ареф, познат активист за човекови права во Ирак. „Христијаните се поскапи од Језидите. Знаеме за случаи на жени кои биле држени од страна на ИС, а потоа биле вратени. Во најголем дел, жените се силувани веднаш по киднапирањето. Џихадистите најпрво ги делат меѓусебе, а пота ги продаваат на пазарот во Мосул и киднапираат нова група“.
На слобода само со откуп
Од околу 5 илјади киднапирани жени, досега се вратиле 43. Зошто биле пуштени, и на кој начин успеале да избегаат, останува нејасно. Се смета дека сунитските племенски лидери во Мосул и Фалуџа имале улога во нивното ослободување- најверојатно преку откуп. Тоа е веројатно единствената надеж за киднапираните.
Можно е и петте сестри да биле откупени, но тие не сакаат да кажат. Наместо тоа, тие размислуваат за иднината и стравуваат дека ќе бидат отфрлени од језидската заедница која ќе ги стигматизира како „извалкани“ жени. Затоа, седат на едно место, гледаат во земја и се држат за раце.
„Сега морам да ги заменам моите родители“, вели Захра. „Што ќе биде со нас?“