1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници Европејци сакаат „Гугл“ да ги заборави

АТ/ дпа/афп/ртр31 мај 2014

Можноста „Гугл“ да избрише лични податоци предизвика голем интерес кај Европејците. Уште првиот ден беа поднесени околу 12.000 барања.

https://p.dw.com/p/1C9po

Американскиот интернет гигант „Гугл“ вчера објави онлјан формулар преку кој на корисниците на пребарувачот во Европа им се овозможува да побараат бришење на податоци за нив. Уште првиот ден до „Гугл“ пристигнаа околу 12.000 барања од Европејци за бришење на информации за нив. Потегот на „Гугл“ е реакција на пресудата на Европскиот суд за правото „да се биде заборавен“ на интернет.

По критиката на Јоханес Каспер, активист за заштита на податоци од Хамбург, концернот дури и го промени формуларот во текот на денот по една важна точка. Имено се критикуваше тоа што „Гугл“ за да се симне формуларот бараше копија од лична карта. Автоматсктото меморирање на лична карта од страна на институции кои немаат јавен карактер било незаконски, појасни Каспар.

Потоа на страницата на „Гугл“ пишувало: „Внесете читлива копија од документ за идентификација“. Овој документ би требало потоа да биде избришан во рок од еден месец по обработката на налогот. „Гугл“ не наведува колку долго ќе трае обработката на барањата.

Европскиот суд пред две недели одлучи граѓаните на Европа да можат да побараат од „Гугл“, да избрише линкови со непријатна содржина од нивното минато. „Гугл“ мора да ги отстрани укажувањата на листата со резулати од пребарувањата, доколку информациите го повредуваат правото на приватна сфера и заштита на податоци за една личност. Информациите би можеле и натаму да останат достапни на интернет. Пресудата важи и за други машини за пребарување како „Јаху“ или „Мајкрософт“. Повеќе од 90 проценти од пребарувањата во Европа се одвиваат преку „Гугл“.

Ќе бидат избришани само линкови на услугите на „Гугл“ во 28 ЕУ- земји како и Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија - но не и на доменот „google.com“. Концернот очекува дека ќе има спорни случаи, кои ќе мора да се решат со судска постапка.