Илјадници бегалци заглавени на грчко-македонската граница
22 февруари 2016
Македонските власти досега не добиле објаснување од Србија зошто не се пропуштаат бегалците од Авганистан кои веќе неколку дена се заглавени во транзитниот центар Табановце. Одлуката да не се пропуштаат мигрантите од Авганистан создаде домино-ефект по што илјадници останаа заглавени и во Идомени во близина на грчко-македонската граница.
Државниот секретар во македонското МВР, Анастасија Илиеска за ДВ вели дека „се уште се чека Србија да каже врз основа на кои услови не се примаат Авганистанците“. Илиеска потврди и дека согласно договорот постигнат минатата недела со останатите земји од балканската рута Австрија, Словенија, Хрватска и Србија, на грчко-македонската граница важат построги правила според кои веќе не се пропуштаат лица без соодветна патна исправа без разлика на земјата на потекло.
„Јужната граница не е затворена. Ние примаме бегалци од Грција, но само доколку се исполнети условите кои се наметнати од земјите кои се крајна дестинација“, вели Илиеска.
Во Белград, српскиот министер Александар Вулин одби да каже точно дали на Авганистанците им е забранет влез, објаснувајќи само дека „Србија ги спроведува правилата за движење на мигрантите кои се одлучени од Словенија и Австрија“.
Грчката влада предупреди дека очекува зголемен број мигранти и баратели на азил да останат заглавени на нејзината граница откако Македонија за време на викендот дополнително го ограничи бројот на премини на нејзина територија.
Грчкиот министер за миграции Јоанис Музалас оцени дека ЕУ не се справува со унилатералните акции и обвини за ширење паника од страна на одредени држави-членки.
Ограничувањата во Македонија беа воведени откако Австрија дополнително го ограничи приемот и транзитот на бегалците.
Со ваквата одлука најпогодени се бегалците од Авганистан на кои повеќе не им е дозволен влез ниту на македонска, ниту на српска територија. И бегалци од Сирија се жалат дека не биле пропуштени на границата доколку немаат пасош.
„Уште еднаш ЕУ гласаше за нешто, постигна договор, но бројни земји кај кои недостасува културата на ЕУ, вклучително и Австрија, за жал, го прекршија овој договор само 10 часа откако беше постигнат“, рече Музалас.
Околу 5.000 луѓе во моментов се заглавени на два пункта на грчката страна од границата, а хуманитарните работници на терен стравуваат дека ќе дојдат уште илјадници нови.
„Стравуваме дека 4.000 мигранти кои се во Атина ќе тргнат наваму и местото ќе стане пренатрупано“, вели Антонис Ригас, координатор на Лекари без граници.
Утрово околу 600 Авганистанци одржале мирен протест на кој истакнале авганистански знамиња и рачно напишани пароли. Подоцна, тие го пробиле полицискиот кордон и се упатиле кон граничната ограда, обидувајќи се да ја прескокнат или да ја пресечат. Најмалку едно лице успеало да ја премине оградата, но веднаш било уапсено на македонска страна.
„Тука сме веќе три дена, и никој не знае зошто ја затворија границата“, изјави за АП, 25-годишниот Авганистанец Шафиулах Кабери. „Не ми треба ни храна, ниту вода. Сакам само да ја преминам границата“.