1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелската армија ја засили офанзивата против Хезболах

14 јули 2006

По наредба на премиерот Ехуд Олмерт од утрината се ракетираат повеќе инфраструктурни цели во Бејрут и околината. Милитантната организација и натаму пружа отпор од кој најмногу страда цивилното израелско население. Дел од странските дипломати веќе се повлекуваат од земјата.

https://p.dw.com/p/Ac4x
Израелски артилерци
Израелски артилерциФотографија: AP

Најмалку 15 лица се повредени во последниот ракетен напад во градовите Сафед и Нахарија во северен Израел. Припадниците на милитантната органзиација Хезболах од утринава истрелаа над 20 ракети кон израелска територија како одговор на засилената израелска офанзива. Црниот биланс на израелска страна изнесува двајца загинати и над 100 повредени цивили.

Во меѓувреме либанските власти демантираа дека утринава бил бомбардиран меѓународниот аеродром кој веќе трет ден е затворен за сообраќај. Израелската армија по наредба на премиерот Ехуд Олмерт од утрината ја засили акцијата. Во нападите во јужниот дел на Бејрут загинале две а повредени се седумнаесет лица. Агенциите јавуваат и за акција врз база на про сириска палестинска група во источен Либан. Во досегашните напади на израелците се јавува за повеќе од 50 загинати меѓу кои има и цивили. Израелската влада се закани дека ќе го елиминира Сајед Хасан Насралах, лидерот на Хезболах, која е одговорна за убиството на осум и киднапирањето на двајца израелски војници. Претходно израелската армија целосно ги блокираше приодите кон Либан со цел спречување на трансфер на оружје и намирници за потребите на Хезболах.

Портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Марк Регев предупреди дека Израел и натаму офанзивно ќе се брани:

„ Секој кој стрела бесмислено и без одрдена цел во урбани средини, големи метрополи како Хаифа, треба да разбере дека Израел ќе дејствува за да ги заштити своите граѓани„

Инаку израелското население веќе два дена спие во засолништа. Нервозата веќе е присутна:

„ Тука спие Јасмин, овде нејзината сестра, нејзината мајка и мојата мајка. Целата фамилија спие тука, но можеме да кажеме дека не спиеме добро. Топло е и ние сме нервозни„

Американскиот Стејт департмент ги повика семејствата и дел од вработените во американската амбасада да се повлечат од Либан и ги повика американските граѓани да не патуваат во оваа земја. Кипарските власти со чартер лет преку Сирија евакуираа 104 свои државјани.