Израел и Палестинците пред нова војна?
13 ноември 2018Милитантни Палестинци од Појасот Газа од вчера испукале околу 400 ракети и гранати врз Израел. Портпаролот на израелската армија Џонатан Конрикус изјави дека станува збор за најинтензивни напади врз Израел од војната во Газа во 2014 година. Како реакција на тоа, израелските сили нападнале 100 воени цели. Палестинското Министерство за здравство во Газа соопшти дека притоа се убиени пет лица од кои најмалку четворица милитантни Палестинци.
Во израелскиот град Ашкелон еден маж го загубил животот откако ракета испукана од Појасот Газа ја погодила неговата клуќа. Освен тоа, Израел јавува и за најмалку 20 повредени лица.
Повеќе: 25 години Блискоисточен мировен договор: Осло - место на мирот
Состојбата ескалираше по неуспешната акција на израелска специјална единица во Појасот Газа во неделата (11.11.2018). Притоа беа убиени сеудммина милитантни Палестинци и еден израелски офицер. Армијата, според сопствени наводи, нападнала цели на Хамас, кој владее во Газа, како и на милитантната палестинска организација Исламски џихад. Конрикус соопшти дека биле нападнати и магацин за оружје и подземна инфраструктура. Освен тоа, погодени се четири големи згради на Хамас, меѓу кои и седиштето на телевизијата Ал Акса, зграда на безбедносните сили во Газа, како и објект на воената тајна служба.
Радикалната палестинска организација пак објави видео на кое наводно се гледа напад со противтенковска ракета врз израелски автобус. Во нападот беше тешко повреден еден израелски војник. Портпарол на военото крило на Хамас се закани со нови напади на цели кои се наоѓаат на поголема оддалеченост. Истовремено, се бара меѓународна истрага за израелските напади „врз цивилни објекти“.
Израелскиот кабинет за безбедност денеска расправа за натамошните чекори. Според израелски информации, Хамас располага со арсенал од околу 20.000 ракети и гранати со различен дострел. Дел од нив би можеле да стигнат до најголемите израелски градови, Тел Авив и Ерусалим, па дури да погодат и цели кои се подалеку од нив, вели Конрикус. Тој го обвини Хамас дека го злоупотребува целно своето население како „човечки жив штит“.