1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изедначено првенство, Вардар ќе е лидер до пролет

Златко Калински 11 декември 2012

Заврши есенскиот дел од фудбалското првенство на Македонија. Вардар е на лидерската позиција со 38, пред Хоризонт од Турново со 35 бодови. Пет екипи се во трката за титулата, а другите во борба за опстанок.

https://p.dw.com/p/16zij
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со два неодиграни натпревари последица на лошите временски услови и еден прекинат, тетовското дерби Шкендија-Тетекс, поради влегување на навивачи на теренот, македонскиот фудбалски простор привремено се затвора. Следи првенствената пауза. Каква е фудбалската трага, што зад себе ја оставаат прволигашите по 18-те одиграни кола?

Тренерот на Вардар Благоја Милевски е со впечаток дека е ова едно од најизедачените и најнеизвесните првенства досега: „Генерално, ова првенство мислам дека е на повисоко рамниште од минатогодишното. Ова е шампионат со изедначена борба, со изедначен квалитет на десетина екипи од кои секој секого може да го победи. Мислам дека ова ќе биде најизедначеното и најинтересното првенство во последниве десетина години“.

Срѓан Захариевски од скоро е на тренерската клупа на Металург, еден од аспирантите за највисок пласман. Како тој гледа на трката за шампионската титула: „На пролет ќе биде неизвесно. Вардар направи мала бодовна предност, но таа не значи ништо, бидејќи го очекуваат тешки натпревари. Во трката за првото место се и Металург, Хоризонт Турново и Шкендија“.

Драган Бочески, тренерот на Напредок од Кичево, екипа која одлично котира оваа година и е со амбиции за висок пласман, за квалитетот на фудбалот што се игра во Македонија вели дека перманентно опаѓа: „За жал, мислам дека квалитетот од година на година се’ повеќе опаѓа. Фудбалерите, кои ќе отскокнат во текот на првенството брзо заминуваат во странство. Токму затоа, првенството е изедначено, но квалитетот на фудбалот постојано опаѓа“.

Mazedonien - Fußballtrainer von FC Napredok Dragan Boceski
Драган БочевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Клубовите работат во лоши услови

Во какви услови работат и опстојуваат македонските прволигаши? Тренерите се еднодушни – условите се далеку од неопходните стандарди. За Благоја Милевски, условите се најболната точка.

„Мислам дека е тоа најболната точка во македонскиот фудбал во изминатите 20 години. Под итно треба да се заангажираме сите ние кои сме инволвирани во фудбалот за подобрување на неговата инфраструктура. Мизерни услови се можеби претежок збор, но тие се повеќе од минимални за одигрување на првенствените натпревари. Само стадионот во Скопје дава добри услови за игра, на сите други терени тие се лоши.“

Mazedonien - Fußballtrainer von FC Vardar Blagola Milevski
Благоја МилевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Слични се мислењата и на Захариевски и Бочевски.

„Веќе 20 години зборуваме исто. Редно е да тргнеме во таа насока, да се подобрат условите и да очекуваме и повисоки резултати. Потребно е многу работа, бидејќи не се проблем само терените, туку комплетната фудбалска инфраструктура. Мора да се обрне поголемо внимание и за условите во кои работат фудбалските школи, за мене многу важни, а кои се занемарени во клубовите“, вели Захариевски.

„Ниту една екипа во Македонија нема терен каков што треба, особено за одвивање на тренинзите. Позната е состојбата и со терените за одигрување на натпреварите. Неопходно е да се создадат услови за работа, а потоа да се очекуваат и резултатите“, коментира Драган Бочевски.

Неколкумина фудбалери во изминатиот дел од првенството го свртеа вниманието на фудбалската јавност врз себе, но и на селекторот на репрезентацијата. Пред сите тоа се: Дејан Блажевски од Хоризонт Турново и Јован Костовски од Вардар, кој со 12 голови води на листата на стрелците.

Првенството ќе продолжи во првиот викенд на март 2013 година.