Извештај на ЕК: Умерен напредок со хронични проблеми
6 октомври 2020Општиот заклучок на ЕК е дека Северна Македонија е умерено подготвена да ги преземе своите обврски за полноправно членство во повеќето сфери кои се предмет на анализа на извештајот. Во него, најголеми критики и натаму има за борбата против корупцијата, контролата на полицијата, состојбата во јавната администрација, како и за борбата против дискриминацијата. Умерен напредок се бележи во делот на правосудните и реформите на разузнавачките служби, со забелешки дека треба да се засили парламентарниот надзор врз службите и да се спроведе акцискиот план на судската стратегија. Во извештајот објавен во март годинава, ЕК препорача земјата да започне со пристапни преговори со ЕУ. Очекувањата се дека тоа ќе се случи во декември за време на германското претседателство.
Вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров вечерва на прес-конференција го оцени извештајот како сеопфатен и објективен и рече дека земјата забележала напредок во однос на претходниот. Димитров рече дека треба да се земат предвид и отежнувачките околности поради пандемијата на коронавирусот и техничката влада до изборите.
Иако оценува дека во борбата против корупцијата Северна Македонија бележи добар напредок во неколку сегменти, ЕК оценува дека „корупцијата е сеприсутна во многу области“ и бара поактивен пристап од сите чинители. Во тој дел се поздравува и работата на Антикорупциската комисија.
Како „голема слабост“ на земјата се оценува недостатокот на сеопфатен закон против дискриминација, откако претходниот беше поништен од Уставниот суд од процедурални причини. ЕК бара овој проблем брзо да се коригира во парламентот.
Проблематичен за Северна Македонија е и недостатокот на независни истражители кои би вршеле надзор врз работата на полицијата што пак, го става во прв план проблемот со неказнивост во полицијата. Хронична болка останува и состојбата во затворите.
Умерен напредок има и во делот на слободата на медиумите, но ЕК бара да се унапредат и професионалните стандарди и квалитетот на новинарството, и да се зголеми транспарентноста во делот на државното, јавното и партиското рекламирање во медиумите.
ЕК очекува да се продолжи со негување на добри односи со соседните земји и почитување на билатералните договори.