Изборите мирни, гласачките кутии затворени
29 октомври 2017Во мирна изборна атмосфера заврши гласањето за вториот круг од шестите локални избори во независна Македонија. Сите гласачки места се затворени во 19 часот. Истото важи и за Тетовско, каде имало мал прекин на снабдувањето со електрична енергија, но екипите на ЕВН брзо го отстраниле дефектот и немало застој во гласањето.
Изборниот процес помина без очекуваната еуфорија, а до 17 часот бележи помал одзив на гласачите во споредба со првиот изборен круг. Ако на 15-ти октомври излезноста до 17 часот на ниво на Република Македонија била 49,14 отсто, според ДИК, во вториот круг на ниво на сите 35 општини излезноста до 17 часот изнесувала 43,89 отсто. До 17 часот највисок бил одзивот во Демир Капија (76,59 отсто), а најнизок во Шуто Оризари (31,76 отсто). Генерално, излезноста до тој термин била пониска во повеќе општини во споредба со првиот круг. Колку тој процент се зголемил од 17 до 19 часот, ќе се знае по 20 часот.
Гласањето денеска помина со мал број нерегуларности за кои информираа од МВР, но и акредитираните набљудувачи. Полицијата во текот на денот регистрирала три случаи на фотографирање на гласачко ливче (во Шуто Оризари, скопската населба Црниче и во Пробиштип), како и едно нарушување на јавниот ред и мир во Шуто Оризари. Попладнето, околу 16 часот било пријавено дека во скопската населба Чаир, од страна на непознато лице се врши поткуп по што биле приведени две лица и преземени мерки за расчитување на настанот. Целосен извештај за текот на денот полицијата ќе даде на прес-конференција во 20 часот.
Набљудувачите известуваат дека на некои гласачки места имало мали прекини на гласањето поради технички дефект на ув-ламбите, по чие отстранување гласањето продолжило. Набљудувачите на „Мост" регистрирале неколку случаи на семејно и на гласање со придружба. За такви случаи алармираа и набљудувачите на „Цивил" во избирачките места во општина Студеничани (ИМ 2347/1 и 2345/1), во општина Липково (ИМ 1112/1) во село Слупчане (ИМ 0024), во село Отља (ИМ 1119 и 1119/1), како и Шуто Оризари на избирачките места во Основното училиште „26 Јули". Регистрирано било и кршење на изборниот молк во општина Пробиштип, неупотребување на УВ- ламба на повеќе гласачки места, како и пример кога партиски активист го сликал гласачкото ливче и го објавил на инстаграм. „Цивил" пријави и три случаи на притисок врз неговите мониторинг-тимови во општините Штип, Кавадарци и Сарај.